Македонија
Превенција од употреба на пиротехника, алкохол и огнено оружје, МВР на терен
Во текот на вчерашниот ден на подрачјата на секторите за внатрешни работи Велес, Штип и Битола беа реализирани повеќе превентивни активности примарно насочени кон превенцијата од употреба на пиротехника и оружје во текот на новогодишните и божикните празници, како и активности за поголема сообраќајна и имотна безбедност во наредниот период на прослави.
Така, на подрачјето на СВР Велес, поточно во општинските средни училишта „Димитрија Чуповски“, „Кочо Рацин“ и „Коле Неделковски“ во Велес, „Кирил и Методиј“ во Неготино, како и во основното општинско училиште „Пере Тошев“ во село Росоман, од страна на полициски службеници од oтсекот за превенција при СВР Велес, а во содејство со медицински лица во рамките на кампањата на МВР со Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија при КЦ „Мајка Тереза“ од Скопје, на учениците им беа одржани едукативни предавања на тема „Петарди НЕ – безбедност пред сè“.
Исто така, и полициски службеници од oтсекот за превенција при СВР Штип во рамките на кампањата „Петарди НЕ, безбедноста пред сè“ одржаа за учениците од средното општинско училиште „Јане Сандански“ во Штип едукативно предавање. А полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Берово на локации околу градскиот пазар во Берово спроведоа превентивна активност на тема „Заштити го својот дом“.
И на подрачјето на СВР Битола, односно во Битола, Прилеп и Крушево, полициските службеници спроведоа превентивни активности во насока на запознавање на граѓаните со забраната за користење на пиротехнички средства, а беа спроведени и активности за побезбеден сообраќај, со акцент на забраната за пиење алкохол и управување моторно возило во пресрет на новогодишните и божикните празници.
За време на сите активности, на граѓаните им беа поделени летоци со едукативна содржина. Во централното подрачје на Ресен, полициски службеници од ОВР Ресен преку непосредна комуникација со граѓаните разговараа на темата „Слави со срце, не со оружје“, односно за опасноста од неовластено пукање со огнено оружје на свечености, како и за казнените мерки што се предвидени за оние што неовластено ракуваат со огнено оружје, а во основното училиште „Кирил и Методиј“ во село Бучин полициски службеници од ОВР Македонски Брод одржаа едукативни предавања на тема „Кажи ‘не’ на дрогата, ‘да’ на животот“ и „Стоп за врсничкото насилство“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

