Македонија
Преговорите со Бугарија не смеат да бидат тајни – подготвен документ на експертската јавност
Институтот за демократија и Институтот за европска политика подготвија заеднички документ како одговор на францускиот предлог за преговарачката рамка и на дебатата што ја отвори Владата по добивањето на модификациите од Брисел.
Тие сметаат дека преку отфрлањето на предлогот мора да се изгради нов став со широк општествен консензус заснован на темелни дискусии.
„Во тековниот предлог, преговорите вистински би почнале по внесувањето на етничките Бугари во преамбулата на Уставот – ветување за коешто Владата нема мандат и ќе нè остави уште долго во чекалницата, но сега, со целиот притисок врз нас. Протоколот кој сè уште не е достапен за јавноста останува дел од преговарачката рамка.
Историските теми остануваат на маса, а мешовитата експертска комисија за историски и образовни прашања добива многу поголем притисок за резултати. Но овој пат, притисокот ќе биде европски, а не бугарски.
Решението за македонскиот јазик не е чисто. Со изоставувањето на поглавјето 34 од преговарачката рамка и со внесувањето на унилатералните ноти за македонскиот јазик, Бугарија си остава простор во подоцнежната фаза на преговорите да го блокира затворањето на ова поглавје (кое сe носи со едногласност), доколку нејзините барања не се исполнети, а се дел од нотата за македонскиот јазик. Потпишувањето на договорот за Фронтекс не е правна гаранција за непризнавање на јазикот во ова поглавје.
Аргументите „сега или никогаш“, „земи или остави“ не се оправдани во ситуација кога идниот изглед на ЕУ не е познат и кога војната во Украина налага потреба од итен успех во проширувањето што треба да се направи по секоја цена. Сега тоа е на штета на Северна Македонија, но и на самата ЕУ. Штетата од овој присилен „успех“ ќе ја направи земјата уште поранлива на подривачки влијанија од трети страни и е далеку поголема по безбедноста и стабилноста на регионот.
Процесот на градење општествен консензус за една од најважните одлуки кои Македонија треба да ги донесе треба да биде инклузивен и да не се вградува во нереална временска рамка. Владата еднострано информира отколку што дебатира и се труди да изгради заеднички став. Оваа стратегија не само што создава дополнителна несигурност и фрустрација кај граѓаните, туку ја зголемува и поларизацијата во општеството и нетрпеливоста кон неистомислениците.
Можеби, за политичкиот естаблишмент прифаќањето нема да биде „ни триумф, ни дебакл“, но за нашето општество се создава ризик дека пристапниот процес ќе биде јамка околу вратот што ќе се затега во следните децении.
Со наведувањето можни етнички тензии како последица од неприфаќањето на предлогот (кој има јасен бугарски печат: „Раздели, па владеј“), се внесува дополнителна несигурност. Дали во Македонија ќе има етнички тензии зависи најмногу од македонските политички субјекти. Одговорноста е на Владата да обезбеди меѓуетничка трпеливост и толеранција во најосетливи моменти.
Инсистираме сите понатамошни чекори и документи, вклучително и Протоколот, коишто би ги презела македонската влада за решавање на македонско-бугарскиот спор, да бидат презентирани во јавноста за да се обезбеди широка општествена поддршка. Собранието не смее да биде заобиколено.
Оттука, во интерес на вистински и целосни информации и во интерес на иднината, Владата мора да одговори на следните прашања/барања:
Владата веднаш да го објави Протоколот кој треба да се потпише меѓу ресорните министерства.
Како во модифицираниот предлог е заштитен македонскиот идентитет?
Зошто пред една седмица за решението за јазикот со унилатерални декларации сметавте дека е неприфатливо, а сега е прифатливо?
Какви гаранции Владата обезбедила за да го заштити македонскиот јазик, особено во однос на идна злоупотреба на унилатералната изјава на Бугарија во поглавјето 34?
Кога и со кои политички субјекти Владата постигнала согласност за промена на Уставот?
Каков реципроцитет е обезбеден во обврските за спроведување на Протоколот (изјава на министерот Османи за ТВ емисијата „Топ тема“)?
Зошто Владата смета дека ова е „последна шанса“ за евроинтегративниот пат?
Владата да го објави претходниот предлог – „работна верзија“.
Последно, нагласуваме да се преиспита пристапот на забрзани консултации и да се остави време за суштествена дискусија, анализи и проценки“, стои во документот што го поддржаа и Македонски центар за меѓународна соработка, Институт за комуникациски студии, Центарот за управување со знаење, Центар за истражување и креирање политики, Центар за правни истражувања и анализи, Зелен институт Ековита и Рурална коалиција Радар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Значајни одлуки за напредокот на граѓаните, демократијата и европската иднина на државата на денешната владина седница, соопшти Митева
На денешната седница Владата донесе низа значајни и суштински одлуки кои јасно ја потврдуваат нашата определба и конкретната посветеност кон исполнување на обврските од процесот на пристапување во Европската Унија, но и кон заштита на јавниот интерес и демократските вредности, изјави владината портпаролка Марија Митева.
„Владата денес направи уште еден силен и долгоочекуван чекор во насока на заштита на слободата на изразување и јавниот интерес.
Формиравме работна група за воспоставување механизам за заштита од злоупотребата на т.н. стратешки тужби против јавното учество, тема за која со години зборуваат и бараат новинарите и медиумската заедница.
Ова е јасен сигнал дека оваа Влада има слух, храброст и проактивност да се соочи со суштински прашања“.
Дополнително, истакна таа, со усвојувањето на Законот за органско земјоделско производство се правим важен исчекор во поддршката на малите земјоделци.
Законот како што појасни, овозможува олеснета сертификација преку намалување на трошоците за инспекција и сертификација, што директно придонесува за поконкурентен пласман на органските производи на пазарот.
Истовремено, се унапредува и правната рамка со појасни, попрецизни и применливи одредби, усогласени со европските стандарди.
„Со ова, исполнуваме уште една обврска која произлегува од процесот на пристапување во ЕУ.
Ние продолжуваме да носиме одлуки кои значат напредок и за граѓаните, и за демократијата, и за европската иднина на државата“.
Македонија
Утре претпладне претежно облачно, кон крајот на денот и во текот на ноќта со врнежи од дожд
Времето утре претпладне ќе биде претежно облачно, а кон крајот на денот и во текот на ноќта облачноста ќе се зголеми и најпрвин во западните делови, а потоа насекаде ќе има врнежи од дожд, а на повисоките планини слаб снег. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 8 до 12 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Утре кон крајот на денот и во четврток, повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на планините од слаб снег. Во петок и недела ќе преовладува претежно облачно време со услови за слаби локални врнежи од дожд и снег, а во сабота и понеделник ќе биде променливо облачно.
Македонија
Одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, денеска го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот.
На овој настан, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, имаше поздравно обраќање при што оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.
Во рамки на настанот, обраќања имаа амбасадорката на Државата Израел, Вивиан Аисен, како и претседателот на македонската Еврејска заедница, Пепо Леви. Одбележувањето беше проследено со сведоштво за единствената преживеана Еврејка од Штип, Шела Алтараз. Ученици од Основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, изведоа краток сценски перформанс со наслов „Писмо од Треблинка“. Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија беше отворена и изложба посветена на жртвите на Холокаустот, прикажана низ детска перспектива.
Нашата држава е полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (IHRA). Во Скопје се наоѓа Меморијалниот центар на Холокаустот на македонските Евреи, како еден од ретките вакви центри во светот. Евреите од тогашна Македонија, во ноќите на 11 март 1943 година, биле присилно собрани и депортирани во логорот Треблинка, во окупирана Полска, од каде што никогаш не се вратиле во своите домови во Штип, Битола и Скопје. Станува збор за 7.144 жртви. Активностите на државата се насочени кон почитување на историските факти и зачувување на колективното сеќавање на Холокаустот, со јасна и трајна порака: никогаш повеќе.

