Македонија
Предметот ТНТ за рушењето на објектот „Космос“ е целосно застарен, според правното мислење на Тупанчески
Предметот ТНТ за рушењето на објектот „Космос“ е целосно застарен. Ова произлегува од толкувањето на одредбите на Кривичниот законик, односно правното мислење, кое го дал министерот за правда, Никола Тупанчески, во својство на правник и професор на Правниот факултет во Скопје. Според Тупанчески, кривично дело за кое се заканува казна затвор од над три години, целосно застарува по десет години. Тоа значи дека ако обвинителот ги гони ексминистерот и обвинет Миле Јанакиески и ексградоначалникот и обвинет Тони Трајковски заедно со административците за дела сторени во 2011 година, тие застаруваат во 2021 година. Во овој случај сите обвинети се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувањето, каде што минималната казна е три години затвор.
„Ако станува збор за кривично дело за кое според законот може да се изрече казна затвор од над три години затвор, а делото е сторено во 2011 година, релативната застареност е пет години, а апсолутната е десет години. Симплифицирано, тоа значи дека за дела извршени во 2011 година, за кои може да се изрече казна затвор од над три години, според Кривичниот законик, апсолутната застареност е во 2021 година. Секое друго читање на законот и поврзување со стандардот – општ законски максимум би било погрешно и би значело повреда“, се вели, меѓу другото, во правното мислење на Тупанчески.
Обвинението против Јанакиески, Трајковски и административците е за дела за кои обвинителот Бурим Рустеми вели дека ги сториле во периодот на 2011 година, односно во осмиот месец од 2011 година го уривале „Космос“. Според тоа и правното мислење на Тупанчески, делата застареле пред осум месеци.
„А1он“ и претходно се има обраќано до Тупанчески дали издавал мислења за случаи што ги водеше СЈО, како и што содржат тие. Тој одбива да коментира зошто сега кон јавноста се обраќал од министерската функција.
„Со стапување на функцијата министер за правда работниот однос како редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје му е во мирување.
Во својство на министер за правда министерот Тупанчески се произнесува со мислења само за предмети што се од делокругот на работата на Министерството за правда“, велат од Министерството.
Ова правно мислење е доставено и до судијата Огнен Ставрев, кој во текот на постапката одби да го изведе како доказ. На него повеќето од обвинетите се повикуваат и во текот на завршните зборови, со што бараат судот да донесе одбивателна пресуда. Правното мислење е издадено по барање на адвокатот Влатко Илиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нелоски: Фирмата на татко ми што ја спомнува СДСМ не учествува на тендери
Шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски, ги отфрла тврдењата на СДСМ дека фирмата на неговиот татко учествува во државни тендери. Тој најави тужба против партијата.
„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полу информации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари. Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, напиша Нелоски.
Тој вели дека колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции
„И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката нека не поставуваат прашања од СДС туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, вели Нелоски.
Македонија
Во сабота протестен марш „Стоп за Усје“
Во сабота, на 31.01.2026 година, во 12:00 часот, „Стоп за Усје“ излегува на протестен марш кој ќе почне пред Владата, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ги повикуваме сите граѓани, кои сакаат да се изборат за правото на чист воздух, да се приклучат на овој марш. Меѓу другото ги повикуваме институциите будно да ја следат состојбата и бурно да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните! „Стоп за Усје“ веќе ги испрати своите барања до низа институции, но никој од нив не се одважи да даде било каков одговор. Затоа, одговорите ќе ги бараме повторно на улица“, се вели во најавата.
Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека на протестите се забранети партиска промоција и симболи, а истовремено апелираат на мирен протест, без насилство и говор на омраза.
„Повикуваме на масовност за сите заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ кое нè засега сите. Сакаме да нагласиме дека ниту една лага и манипулација од Усје и надлежните, кои со сите сили се обидуваат да го одбранат неодбранливото, нема да помине и дека сè додека нè уверуваат во бројки од мерењата кои ги прави самата фабрика, отпорот нема да се смири! Се гледаме во сабота, за да покажеме дека гласот на граѓаните е поважен и посилен отколку нечии бизнис интереси!“, пишува во најавата.
Македонија
Мицкоски за утрешниот протест за минимална плата 600 евра: Секој има право да си протестира, во март законски ќе ја зголемиме
Во пресрет на утрешниот протест за минималната плата да се зголеми на 600 евра организиран од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот што имаше цела измината година, дека Владата ќе поддржи договор меѓу работниците и работодавачите.
„Секој има право да си протестира. Ние минималната плата, согласно Закон, ќе ја зголемиме во март месец односно согласно платите што ќе ги добијат работниците во април, платата ќе биде зголемена. Ние рековме секое решение што ќе го постигнат во тој бипартитен дијалог синдикатите со работодавачите, ќе го поддржиме“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев“ во Железара.
По повеќе од една година неуспешни обиди за договор со работодавачите и Владата за зголемување на минималната плата, ССМ за утре најави голем работнички протест преку кој бара зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно зголемување од 100 евра на сите останати плати оти со законското зголемување во март минималната плата ќе се зголеми само за околу 25 евра.

