Македонија
Преку криминални шеми и тендери власта испумпува милиони евра народни пари, обвини СДСМ
Преку криминални шеми и тендери власта испумпува милиони евра народни пари, обвинуваат од СДСМ. На денешната прес-конференција, генераниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитријевиќ обвини дека милионски тендери се доделуваат на фирми блиски до владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Фирмата ’Дигитал оне’, формирана на крај на август лани, со само двајца работници за една година има добиено тендери од скоро 9 милиони евра, народни пари. И сите овие тендери се со владини и државни институции во период од мај 2025 до денес ноември 2025. Фирма без историја, без искуство, без портфолио – регистрирана за трговија со информатичка и комуникациска опрема, добива речиси девет милиони евра за само шест месеци. Или по 1,5 милиони евра месечно. Основана е од извесен Кристијан Арсовски и има само двајца вработени“, кажа Димитријевиќ.
Димитиријевиќ посочи дека од шест државни тендери, четири се склучени со Генералниот секретаријат на Владата.
„И тоа не било какви тендери туку милионски договори. Последниот договор е рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа во вредност од 8 милиони евра. Како е можно за толку кратко време фирма со двајца вработени да добијат речиси 9 милиони евра? Ако ова не е класична шема за испумпување на парите на граѓаните преку фирми блиски до власта тогаш што е? И секако, едно од прашањата е дали Кристијан е во роднински врски со поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Димса Арсовски,“ додаде Димитријевиќ.
Од СДСМ ги повикаа Јавното обвинителство, Финансиската полиција и ДКСК да реагираат и да отворат истрага.
„Ова е истиот криминален систем, истата криминална шема на Никола Груевски кој 11 години ја ограбуваше Македонија и 2 милијарди евра се испумпаа од граѓаните, за што целата јавност слушна во бомбите. Мицкоски е само негов ученик и извршител. Предупредуваме, инситуциите да делуваат и да преземат мерки согласно законот, одговорност мора да има ќе има, кога тогаш за сите. Крадењето мора да престане веднаш“, порача генералниот секретар на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

