Македонија
Премиерот вели дека платите мора да растат, но и да имаат вредност и да нема инфлација
Платите мора да растат и да имаат вредност, а ние ќе сториме се платите да растат, но и да имаат вредност, да нема инфлација, порача премиерот Христијан Мицкоски кој денеска по посетата на Јавното претпријатие за државни патишта во Скопје одговораше на новинарско прашања за обвинувањата од СДСМ дека новата Влада не го исполнила предизборното ветување за зголемување на платите, како и за барањата на синдикатите за раст на минималната плата.
-Од друга страна тоа што го прави СДСМ е обид да манипулира и обид да го навреди граѓанинот дека има кратко помнење. Ние работиме врз основа на нашата изборна Програма. Отворете ја изборната Програма и таму можете да прочитате што има. Работиме врз основа на изборната Програма, бидејќи таа Програма на избори сме добиле близу 450.000 гласови од граѓаните и тоа е за нас се, вели Мицкоски.
Смета дека СДСМ преку соопштенија, како што вели, практично лиферуваат лаги и самите да веруваат во тие лаги.
-Но во ред, тие нека продолжат да лажат, сега се помалку ќе имаат можност да крадат, бидејќи тие што крадеа, многу скоро денеска ќе бидат изведени пред лицето на правдата или сменети. Но, тие ќе си продолжат со лагата, а ние ќе продолжиме да работиме. Тоа е нашата цел, бидејќи нас не инспирира поддршката од граѓаните, којашто ја добиваме секојдневно, вели Мицкоски.
Тој истакна дека убава вест е и што близу 3.000 вработени во ЈП „Национални шуми“ и АД Водостопанство добија плати, кои не им биле исплатени во изминатите четири месеци.
-Од Буџетот, практично со ребалансот беа обезбедени средства за исплата на овие плати, повеќе од 350 милиони денари и добро е што денеска веќе е донесена одлуката и веќе ќе почнат да се исплаќаат истите плати. Променета е Програмата, во „Национални шуми“ веќе легнаа средствата на сметките на вработени. Најдоцна понеделник ќе бидат и во АД Водостопанство и така ќе продолжиме во иднина. Тука не треба да се потцени фактот дека со ребалансот обезбедивме плус милјарда денари за заостанати долгови за земјоделците, коишто претходната Влада им ги должи, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

