Македонија
Премиерот Заев во посета на Република Турција
Попладнево премиерот Зоран Заев слета во Република Турција, на покана на претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, информираат владините служби.
Премиерот Заев и министерот за здравство Венко Филипче беа пречекани од заменик-гувернерот на Истанбул, Зекерија Гунеј.
Во продолжение на посетата премиерот Заев ќе има работна вечера со претседателот Ердоган. Од кабинетот на Заев појаснуваат дека работната вечера се реализира по покана на претседателот на Турција.
Заев е придружуван од министерот за здравство, Венко Филипче, а се очекува на средбата да се разговара за економијата, трговијата, здравството, како и за други теми од заеднички интерес на двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Адем Чучуљ предложен за претседател на Антикорупциска
Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата едногласно го предложи Адем Чучуљ за претседател на Државната изборна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Предлогот треба да помине и на пленарна седница на парламентот која, според најавите, треба да се одржи на почетокот на декември.
Адем Чучуљ е актуелен генерален секретар во ДКСК и дипломиран правник со положен правосуден испит.
Огласот за пријавување кандидати за претседател на Антикорупциска беше објавен летово откако досегашната претседателка Татјана Димитровска поднесе оставка по обвинението во случајот „Адитив“.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Со барањето за зголемување на платите еден судија би примал 160.000 денари, а претседател на суд 360.000
Правосудството наместо да работи за граѓаните и во нивен интерес да ја носи правдата без тој целиот процес да трае со години, тие со едвај 2% доверба бараат двојно зголемување на платите, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Иако македонските правосудни органи, судии и обвинители се едни од најплатените во регионот и Европа, на нив тоа не им е доволно, па бараат да имаат едни од најголемите плати во Европа. Кога говориме со факти и бројки, добро е јавноста да ги знае следните информации. Македонските правосудни органи добиваат од 2,3 до 3,2 просечни плати или во превод, нешто над 100.000 денари па се до над 144.000 денари или во евра од 1700 до 2360. Додека пак претседател на суд во Македонија зема околу 180.000 денари или 3000 евра. И овие плати ги добиваат со нешто помалку од 2% доверба од народот.
Е сега за споредба, нашите соседи од Србија земаат 2,3 просечни плати, или во превод близу 120.000 денари, или околу 2.000 евра, но со 20% доверба од граѓаните. Исто така, со 20% доверба во судството се и граѓаните на Хрватска, земја членка на ЕУ, таму нивните правосудни органи земаат близу нашите претседатели на судови, односно 3350 евра. Словенија, земја со 41% на доверба во судството, платите на судиите се движат од почеток на кариерата од 107.000 денари или околу 1740 евра, додека пак на крајот на кариерата или на врвот на кариерата, достигнуваат до нешто над 4000 евра. Секако, да не ја заборавиме и една од најразвиените држави, Германија, каде што судиите земаат околу 3300 евра плата или околу 200.000 денари, со притоа доверба од 58% од граѓаните“, рече тој.
Манасиевски додава дека со последните барања на судиите и обвинителите и нивните здруженија, тие бараат двојно зголемување на платите, со што, како што вели, еден судија би земал околу 160.000 денари плата или пак претседател на некој суд во Македонија би земал 360.000 денари плата, што е, како што рече, над сите примања кои ги добиваат судиите во Европа.
„Или во превод претседател на суд во Македонија би земал 8 просечни плати, а судија или обвинител би земал околу 3,5 просечни плати. И сето ова почитувани граѓани со само 2% доверба од народот. Повикуваме на разумност и работа од страна на правосудните органи“, рече Манасиевски.
Македонија
Советниците на партијата Левица во Карпош бараат итна ревизија на сите ДУП-ови
Советничката група на Левица во Општина Карпош поднесе серија иницијативи до локалната самоуправа, меѓу кои како клучна ја посочуваат итната ревизија на сите Детални урбанистички планови (ДУП).
Од Левица нагласуваат дека ревизијата мора да биде темелна и да ги вклучи граѓаните и стручната јавност, со цел конечно да се изгради урбанистичко планирање што ќе ги одразува реалните потреби на заедницата и ќе обезбеди подготвување квалитетен општински буџет.
Според нив, во изминатиот период се покажало дека постојните ДУП-ови не се усогласени со инфраструктурата ниту со интересите на жителите на општината, што било и причината тие да не бидат изгласани од претходниот Совет. Ваквата состојба, велат, продолжува да создава простор за дивоградби и хаос во уредувањето на просторот.
Левица – Карпош бара во буџетот за 2026 година конечно да се предвидат сериозни финансиски средства за изработка и ревизија на урбанистичките планови, наместо како досега тие само формално да се внесуваат во буџетските документи без суштинска реализација.

