Македонија
Премиерот Ковачевски ги посети децата кои се лекуваат на Клиниката за детски болести
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, денеска ги посети децата кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение на Клиниката за детски болести во Скопје и им подари новогодишни пакетчиња. Ковачевски на малите пациенти им посака што побрзо да ја победат болеста и да се вратат дома кај своите семејства.
„Подароците се надевам дека ќе бидат од помош што полесно и побрзо да ги пребродите болничките денови. Вашата битка е поголема од сите битки на нас возрасните, за восхит е вашата храброст и енергија што ја имате. Посакувам многу здравје и среќа и што побрзо да се вратите дома, во училиште кај вашите другарчиња, на игрите со вашите врсници. Ова ѕвоно што означува крај на третманите посакувам во новата година што почесто да ѕвони. На медицинскиот персонал од Клиниката им посакувам многу здравје да продолжат да бидат неуморни и посветени на работата, а Клиниката да има што помалку пациенти“, рече претседателот на Владата.
На Клиниката за детски болести на хемато-онколошкото одделение во моментов задржани на лекување се 14 деца, а 36 дечиња примаат терапија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков:Во континуитет ги усогласуваме законите со европските стандарди и препораките на Венецијанската комисија
Министерот за правда Игор Филков денес учествуваше на одбележувањето на значајниот јубилеј по повод 90-тата средба на правниците, организирана од Македонското здружение на правници.
Обраќајќи се пред присутните правни експерти, професори, судии, обвинители, адвокати и млади правници, министерот Филков истакна дека оваа традиција претставува мост меѓу правната наука и практиката, меѓу различните правни професии и генерации кои веруваат во моќта на правото како темел на демократијата и општествениот поредок.
,,Граѓаните денес бараат правосудство што е ефикасно, непристрасно и достапно. Бараат судски одлуки што доаѓаат на време, обвиненија што се темелат на факти и докази, а не на претпоставки, институции што работат за јавниот интерес, а не за поединци. Како Министерство за правда, сме целосно посветени на остварување на овие очекувања. Затоа ги започнавме реформите во судството, во Судскиот совет, во Советот на јавните обвинители и Јавното обвинителство. Во континуитет ги усогласуваме законите со европските стандарди и препораките на Венецијанската комисија – за што добивме позитивни коментари од истата, со препораките на ГРЕКО и Европската комисија. Тоа е сеопфатен процес што би сакале да се воспостави како пракса отсега па натаму. Но, реформите не се само закони – реформите се луѓе. Законот може да биде одличен, но ако нема интегритет, знаење и одговорност кај оние што го применуваат – тој останува само буква на хартија”,рече Филков.
Ја истакна и важноста на вклучувањето на младите правници, кои не се само „иднината“, туку „сегашноста што доаѓа“.
„Наша должност е да им дадеме знаење, алатки и пример за чесност, професионализам и служба на правдата,“ додаде министерот, повикувајќи на отворена дискусија за новите предизвици што ги носи дигиталната ера – од заштитата на човековите права до примена на вештачката интелигенција во правосудството.
Македонија
Во Радишани се гради потпорен ѕид за заштита од одрони
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, денес изврши увид во изградбата на потпорниот ѕид на улица 50 во населбата Радишани.
Проектот се реализира поради појавата на одрони и пропаѓање на дел од улицата, што го наметна итниот почеток на санацијата. Новиот потпорен ѕид ќе обезбеди поголема сигурност за домовите на граѓаните и ќе спречи можни лизгања на земјиштето.
Од Општина Бутел информираат дека станува збор за едно од најчестите барања на жителите на Радишани, кое конечно се реализира, и покрај проблемите со техничката документација.
Македонија
„Иницијативата за северни шуми“ – приказна за прекуграничен успех во обновување на шумите
„Иницијативата за северни шуми“ го одбележа својот успешен завршок со регионален настан посветен на обновувањето на шумите во Албанија и Северна Македонија. Овој значаен собир ги прослави постигнувањата на проектот во намалување на деградацијата на шумите и зајакнување на одржливото управување со шумите во Западен Балкан.
Настанот собра над 40 засегнати страни – меѓу кои владини претставници, локални власти, партнери во спроведувањето и експерти за заштита на природата – и ја истакна клучната улога на обновувањето за природата и заедниците. Дискусиите нагласија како решенијата засновани на природата придонесуваат за зачувување на биодиверзитетот, зголемување на климатската отпорност и поддршка на локалното население.
Проектот „Иницијатива за северни шуми – Обнова на шумите во Албанија и Северна Македонија“, почнат во 2023 година, се фокусира на намалување на загубата на шуми преку обновување приоритетни предели, градење институционален капацитет и промовирање одржливо управување со шумите во двете земји. Проектот беше спроведен од регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN-ECARO) во партнерство со организациите ППНЕА (Заштита и зачувување на природната средина во Албанија) и МЕД (Македонското еколошко друштво), а поддржан од Фондацијата на Шведската поштенска лотарија. Иницијативата постави пример за прекугранична соработка во обновување на шумските предели.
„Се гордееме што ги поддржавме овие напори за обновување како дел од нашата глобална ‘Иницијатива за северните шуми’, која покажа дека локално водените активности за обновување може да донесат трајни придобивки за природата и заедниците. Резултатите постигнати во Албанија и Северна Македонија го одразуваат потенцијалот на соработката и моќта на решенијата засновани на природата, во справување со загубата на биодиверзитет и климатските предизвици. Со нетрпение го очекуваме напредокот на IUCN во унапредување на еколошкото обновување и зајакнување на отпорноста на заедниците на Западен Балкан“, изјави Андреас Ериксон, генерален секретар на Фондацијата на Шведската поштенска лотарија.
Активностите за обновување беа насочени кон два клучни биодиверзитетни предела: Буковиќ во Северна Македонија и Паштрик-Морина во Албанија. Овие области се клучни за зачувување на критично загрозениот балкански рис (според Црвената листа на загрозени видови на IUCN) и претставуваат витални еколошки коридори, кои овозможуваат движење на видовите и одржување на поврзаноста на екосистемите. Преку насочени интервенции за обновување на шумските предели проектот ги подобри условите на живеалиштата, ја зајакна отпорноста на шумите и придонесе кон ублажување на климатските промени.
„Иницијативата за северните шуми“ ги покажа моќта на регионалната соработка и решенијата засновани на природата во обновување на шумските предели и зајакнување на климатската отпорност. Искрено сме благодарни на Фондацијата на Шведската поштенска лотарија за нивната непроценлива поддршка и партнерство во текот на целиот процес. Иако оваа фаза завршува, остануваме посветени на напредокот во обновување на шумите и одржливо управување со земјиштето во Западен Балкан градејќи врз темелите што ги постави оваа иницијатива“, истакна Оливер Аврамоски, регионален директор на IUCN ECARO.
Меѓу клучните постигнувања на „Иницијативата за северните шуми“ се обновувањето на 40 хектари деградирани предели во Албанија и Северна Македонија преку комбинација на мерки, како пошумување, проредување на шумите, подобрување на пасиштата и контрола на ерозијата. Овие активности не само што го подобрија квалитетот на живеалиштата туку ја зајакнаа и прекуграничната соработка во заштитата на шумите. Проектот ги унапреди локалните капацитети преку обуки за одржливо управување со шумите за заедниците и властите, а стратешката примена на решенија засновани на природата придонесе за зголемување на биодиверзитетот, апсорпција на јаглерод и подобрување на климатската отпорност.
„Обновувањето и одржувањето на еколошката поврзаност е суштинско не само за опстанокот на видови како балканскиот рис туку и за зајакнување на отпорноста на нашите предели и заедници. Остануваме посветени на заштитата на овие коридори на живот, каде што биодиверзитетот и човечкото благосостојба одат рака под рака“, изјави Александер Трајче, извршен директор на ППНЕА.
Примената на мозаичен пристап, кој интегрира повеќе техники за обновување, ги засили еколошките и социјалните придобивки поставувајќи основа за долготрајни и стабилни живеалишта.
„И покрај предизвиците со институционалниот капацитет, проектот постави силен пример за решенија засновани на природата и нуди модел што може да се повтори за обновување на шумите и соработка во заштита на големите ѕверови во регионот на Западен Балкан“, изјави Робертина Брајаноска, извршна директорка на МЕД.
Она што ги прави овие интервенции посебни е нивната интегрирана и координирана примена создавајќи ефект што ги засилува придобивките за зачувување и обезбедува конкретни резултати за локалните заедници. Овој холистички пристап гарантира дека напорите за обновување одат подалеку од изолирани акции создавајќи отпорни екосистеми, кои носат позитивни резултати за сите нивни корисници.

