Македонија
Премиерот Ковачевски се сретна со Метју Лосон, новиот амбасадор на Обединетото Кралство
Премиерот Димитар Ковачевски се сретна денеска со Метју Лосон, новиот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во нашата држава.
На состанокот е потврдено големото пријателство помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и е потенцирана заедничката определба за унапредување на соработката во економијата, во одбраната – како партнерски држави во НАТО, во борбата против криминалот и корупцијата и е најавена поддршка на натамошните реформски процеси во државава.
На средбата се упатени честитки за напредокот на нашата држава во евроинтеграциите и почетокот на преговорите со ЕУ, преку постигнатите мудри решенија во предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ. При тоа е пренесена цврста поддршка од Обединетото Кралство за реализација на стратешките цели на Република Северна Македонија, како што е полноправно членство во Европската Унија, по членството во НАТО. Изразена е и поддршка на политиките што водат кон развој на државата, преку инклузивност и соработка, во земјава и во регионот.
На средбата е истакнато почитувањето од Обединетото Кралство на македонскиот јазик и на развојот на македонската култура.
Исто така, заеднички е констатирано дека политиките на добрососедство даваат резултати во перспективите на земјава и на целиот регион. Во таа насока е нагласено и значењето на иницијативата Отворен Балкан.
„Владата и јас како премиер сме насочени кон обезбедување подобар живот за граѓаните, преку примена на европските вредности во државата. Определени сме кон владеење на правото и независност на правосудниот систем. Водиме принципиелни политики на добрососедство со целосна посветеност кон националните и идентитетските определби. Во надворешната политика сме поставени стопроцентно на линија на политиките на ЕУ. И, очекуваме дека сите политички субјекти во земјава ќе ги надминат партиските интереси, со цел целосна реализација на втората стратешка цел – членството во ЕУ, што е едиствениот исправен пат и од којшто повеќе нема назад“, рече премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

