Македонија
Препораки за работа на угостителските објекти во услови на пандемија
Во пресрет на најавеното укинување на дел од мерките и ограничувањата поради коронавирусот и разгледување на можноста од страна на Комисијата за заразни болести за повторно отворање и работа на угостителските објекти, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) подготви прирачник со сет препораки за организирање на работата на угостителите во услови на пандемија.
„Целта е со препораките да им се помогне на угостителите правилно да ја организираат работата во објектите со цел да се заштити здравјето и на вработените и на гостите, но и да се одржи високо ниво на хигиена“, се наведува во соопштението.
Од АХВ прогнозираат дека според најавата на Комисијата за заразни болести, угостителските објекти ќе почнат со работа во периодот по 19 мај.
„Покрај спроведување темелна дезинфекција на објектите и на површините и опремата, пред почнувањето со работа неминовно е да се изврши и дезинсекција и дератизација во угостителските објекти. Угостителите треба да спроведуваат строги мерки за избегнување евентуален пренос на инфекцијата меѓу вработените и гостите, пренос на инфекцијата преку контаминиран прибор и опремата што доаѓа во контакт со храната и гостите, како и мерки за избегнување пренос на инфекцијата при прием на храната и послужувањето на гостите“, посочуваат од АХВ.
Од Агенцијата нагласуваат дека и натаму примарна останува примената на мерките за лична заштита, како што се носењето заштитна маска од страна на вработените, одржување хигиена на рацете, физичкото дистанцирање до 2 метра меѓу самите вработени и меѓу гостите, но, пред сè, да се избегнува допирање на очите, носот и на устата.
„Задолжителна ќе биде дезинфекцијата на рацете и на гостите и на вработените, кои тоа треба да го практикуваат почесто, односно во неколку наврати во текот на подготовката и послужувањето на храната. Покрај основната, за вработените треба да се обезбеди и дополнителна заштитна опрема, како што се штитови за лицето, водонепропустливи престилки, гумени ракавици и чизми“, се наведува во препораките.
Во поглед на организирањето на приемот на гостите, масата треба да биде максимум за 4 гости, кои ќе бидат сместени на површина од 10 квадратни метри.
Растојанието од задниот дел од столот до задниот дел од столот на соседната маса треба да изнесува најмалку 1 метар, а гостите да се гледаат едни со други на растојание од најмалку 1,5 метар. Во помалите објекти треба да се разгледа и можноста за шалтерско послужување.
На интернет-страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство заинтересираните субјекти и граѓаните може да ги најдат сите препораки и информации кои се однесуваат на пандемијата и на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

