Македонија
Препораки за справување со коронавирусот за лицата со дијабетес
Лицата со дијабетес може да имаат тешки симптоми и компликации во тек на инфекцијата со Ковид 19, но доколку дијабетесот е добро контролиран, тогаш ризикот за сериозни компликации е сличен како оној кај општата популација, укажуваат од Универзитетската клиника за ендокринологија.
Се препорачува лицата со дијабетес да имаат информации за контакт со нивниот лекар или медицинска сестра, како и навреме да обезбедат соодветни количини лекови и материјали за следење на дијабетесот дома, за да немаат потреба да го напуштаат домот доколку се разболат.
Кај лицата со дијабетес кои се заразени со вирусот може да дојде до влошување на гликемиската контрола за време на болеста. Тие треба да ги практикуваат „правилата при болест“ препорачани за каква било стресна состојба со цел да ја подобрат нарушената состојба со дијабетесот. Исто така, треба веднаш да се јават кај нивниот лекар/медицинска сестра за совет за тоа како да го следат нивото на шеќер во крвта, какви прилагодувања можеби ќе треба да направат во нивната терапија или исхрана и да добијат соодветна залиха на лекови (особено инсулин).
Освен општите препораки за заштита од вирусот, посебни препораки за лицата со дијабетес во случај на болест се:
• Внесувајте доволно течности
• Следете го нивото на шеќер во крвта
• Следете ја температурата
• Ако сте на инсулин, следете ги и кетонските тела
• Следете ги препораките на вашиот тим здравствени работници
За потсетување, лицата заразени со Ковид 19, може да почувствуваат треска, кашлица, губење на здив (проблеми со дишењето), да се чувствуваат уморни и да имаат болки во мускулите.
Според досегашните сознанија 98% од заболените преживуваат, поголемиот дел од случаите (> 80%) се со лесна клиничка слика и покажуваат само минимални симптоми слични на грип и луѓето можат да се опорават во домашни услови. Одреден број случаи (околу 14%) се тешки, а многу малку (околу 5%) може да бидат критични. Некои луѓе немаат никакви симптоми, или имаат само благи симптоми на обична настинка.
Кај други пак, СОVID-19 може да доведе до сериозни проблеми, како пневмонија (воспаление на белите дробови) или дури и смрт. Оваа состојба е почеста кај луѓето кои имаат други здравствени проблеми, особено постарите лица, оние со болести на срцето и крвните садови, хронично заболување на белите дробови и зголемен крвен притисок, како и лицата со дијабетес, кои може да имаат тешки симптоми и компликации во тек на инфекцијата со Ковид 19.
Но, како што претходно беше посочено, доколку дијабетесот е добро контролиран, ризикот за сериозни компликации е сличен како тој на општата популација. Ако луѓето со дијабетес не го контролираат добро дијабетесот и имаат чести варијации на крвниот шеќер, постои поголем ризик за потешка форма на инфекција со Ковид 19 во споредба со општата популација, бидејќи е ослабната способноста на организмот да се бори со инфекцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата Лафчиски со амбасадорката Агелер
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајот, Сашко Лафчиски остварија проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер на која присуствуваше и одбранбеното аташе, Даниел Скваерс.

За време на средбата министерот Мисајловски истакна дека во изминатиов период соработката со амбасадорката Агелер и амбасадата на САД беше на одлично ниво, благодарение на кое стратешкото партнерство кое го имаат нашите две земји во континуитет се унапредува. По повод завршување на мандатот на амбасадорката Агелер, Мисајловски изрази благодарност за нејзината професионална поддршка, искрена посветеност и личен ангажман што придонесе за продлабочување на нашето меѓусебно разбирање и пријателство и даде дополнителен импулс во градењето на ова важно партнерство и ѝ посака успех и лично исполнување во натамошната кариера.

Мисајловски додаде дека од особена важност е улогата и континуираната поддршка од САД за развој на одбранбените капацитети кои се столбот на мирот и безбедноста на државата, но и на поширокиот регион што претставуваат дополнителна придобивка за воспоставениот имиџ на Министерството за одбрана и на македонската Армија во рамките на НАТО Алијансата и пошироко.

Началникот на Генералштабот генералот Лафчиски изрази искрена благодарност до амбасадорката Агелер, истакнувајќи дека значителен дел од зацртаните цели во билатералната одбранбена соработка успешно се реализирани за време на нејзиниот мандат. Генералот ја потенцираше и одличната соработка меѓу Армијата и Вооружените сили на САД, која се реализира преку бројни програми за поддршка во различни области на одбраната кои придонесуваат за зајакнување на интероперабилноста помеѓу двете армии.

„Еден од најголемите дарови во животот е кога ќе имаш можност да работиш со луѓе кои не само што ти се допаѓаат, туку и кои искрено ги почитуваш и од кои учиш. Сакам да нагласам дека со министерот Мисајловски и началникот Лафчиски и со сите ваши соработници имавме можност да работиме заедно на прашања кои значат, на прашања кои значат за НАТО и за регионот и јас ви се заблагодарувам на сите за поддршката за време на мојот мандат“, нагласи амбасадорката Агелер.
Македонија
(Видео) „Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Огњеновиќ
„Скандалот што го објави Антикорупцискиот тим на СДСМ за фаворит фирмата на ВМРО која од општините добила 51 тендер вредни 16 милиони евра има и друга позадина која денеска ја откриваме. Станува збор за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“ и за нејзиниот сопственик, извесен Петар Доновски кој е член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник. Дали сега е јасно за поврзаноста со ВМРО и политичкото влијание? Само од општина Аеродром оваа омилена фирма има добиено 22 тендери“, рече Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека ако ова не е конфликт на интереси и политичко влијание врз доделувањето на тендерите тогаш што е?
„Но овој скандал открива и нешто друго. А тоа е поврзаноста на тендерите со избирачкиот процес. Уште еден доказ зошто Техничката влада мора да остане. Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата? Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада, затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата“, рече Огњеновиќ.
„Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, изјави Петар Огњеновиќ, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Македонија
Сали-Солстром: Европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата
Министерот за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром.
На средбата беше реафирмирано одличното партнерство меѓу двете земји и континуираната поддршка на Шведска за европскиот пат на Северна Македонија, како и значењето на зачувување на позитивниот моментум во политиката на проширување на Европската унија.
Сали истакна дека европската интеграција останува еден од клучните приоритети на Владата, со фокус на спроведување на реформите во фундаменталните области, особено владеењето на правото и модернизацијата на јавната администрација.
Соговорниците разговараа и за пристапниот процес во ЕУ, за најновите активности во рамки на Реформската агенда и Планот за раст за Западен Балкан, како и за значењето на регионалната соработка како столб за напредок кон Заедничкиот регионален пазар и постепена интеграција во Единствениот пазар на ЕУ.
Беше истакнат и значајниот придонес на Шведска во Западен Балкан преку реформската соработка 2021–2027, со фокус на демократија, човекови права, владеење на правото, родова еднаквост, одржлив еколошки и економски развој, како и изградба на мирни и инклузивни општества.
Министерот му се заблагодари на амбасадорот Солстром за континуираната поддршка од Шведска и изрази подготвеност за продлабочување на билатералната соработка и понатамошна координација во рамки на европската перспектива на земјата.

