Македонија
Претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид
Дваесет и едногодишниот Бугарин од Охрид, Христијан Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, бил претепан од три лица, а нападот бил извршен синоќа околу 21 часот пред угостителски објект во центарот на градот.
Оваа информација ја потврдија од СВР Охрид.
„На 19.1.2023, околу 22.30 часот, во Охрид е пријавен физички напад врз Х. П. (21) од Охрид од страна на С. К., С. К. и И. С., сите од Охрид, по што на Х. П. му била укажана лекарска помош во Општата болница Охрид. Според пријавеното од Х. П., во угостителски објект, лоциран на кејот Македонија во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С. К., С. К. и И. С., сите од Охрид, и притоа добил тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид. Известен е јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот по што ќе следува соодветна пријава“, рекоа од СВР Охрид.
Агенцијата „Бгнес“објави дека 21-годишниот Бугарин од градот Охрид, Христијан Пендиков, има повеќе пукнати прешлени, ребра и скршена вилица, а објави и фотографија од нападнатото лице.
„Пендиков бил заедно со уште една девојка. Пред да излезе од кафеана беше навредуван и провоциран од друштвото поради неговата припадност. Тој моментно се наоѓа на лекување во локалната болница. Се чека неговото транспортирање и префрлање во болница во Скопје“, објави „Бгнес“.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Битола
Утрово најстудено во Битола каде што биле измерени -6 степени, -5 било во Прилеп, -3 во Тетово, Штип, Виница и Куманово, -2 во Дебар, Кавадарци, Попова Шапка, -1 во Скопје-Зајчев Рид, Крива Паланка, Демир Капија, Струмица, Берово, Велес, Маврови Анови, Лазарополе, 0 во Скопје-Петровец, Крушево, 1 во Претор, Гевгелија, 2 во Охрид.
Висината на снежната покривка во седум часот утрово била 46 сантиметри на Попова Шапка, 42 Маврови Анови, 22 Крушево, 17 Битола, 10 Дебар, 9 Тетово, 7 Демир Капија, 6 Штип, Берово, 5 Лазарополе.
Времето денеска
Претпладне по одделни котлини со појава на магла и ниска облачност. Преку денот времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и снег во пониските, а со врнежи од снег на повисоките места и на планините. Врнежите ќе бидат со слаб, а во западните делови со умерен интензитет.
Максималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7 степени.
Во Скопје облачно со појава на магла. Во текот на денот ќе има повремени слаби врнежи од дожд, а на повисоките делови од котлината со повремен дожд и снег. Максималната температура ќе достигне до 3 степени.
Македонија
Намалена видливост поради магла на патните правци Скопје – Тетово и Велес – Катланово
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со слаб интензитет во утринските часови се бележат во Маврово и на планинските премини Буково, Ѓавато и Плетвар, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. Намалена видливост поради појава на магла од 100 – 150 метри има на патните правци Скопје – Тетово и Велес – Катланово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Делови од Бутел, Чучер Сандево и Илинден денеска без струја
ЕВН Македонија АД известува дека денеска без електрична енергија ќе останат делови од општините Бутел, Чучер Сандево и Илинден.
– Во период од 09:00 до 13:00 часот корисниците од улицата 18 броеви од 30 до 40, улицата Радишанска броеви од 40 до 70, во општина Бутел.
– Во период од 09:00 до 15:00 часот дел од корисниците во село Мирковци во општина Чучер Сандево.
– Во период од 09:00 до 14:00 часот корисниците од улицата од Мршевци кон Бујковци во општина Илинден.