Македонија
Претпладне облачно и магливо време, а попладне сончево

Времето претпладне ќе биде облачно, по котлините магливо, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните јужни делови ќе има услови за слаб дожд. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 8, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степена.
Во Скопје претпладне облачно и магливо, попладне променливо облачно. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне 17 степени.
Утре времето ќе биде посончево, а в петок и в сабота повторно ќе има зголемена облачност со услови за локален дожд во северните и североисточните делови од земјата.
Од петок ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено по должината на Повардарието, па дневните температури ќе се намалат за неколку степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) „ВМРО-ДПМНЕ подготвува криминал тежок 2 милијарди евра – пруга без проект, но со веќе пресметана провизија“, вели Кузеска

„СДСМ денес алармира за сериозен сомнеж за криминал од огромни размери што се подготвува од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Пред очите на јавноста се одвива уште еден „проект“ без план, без документација, без јасни рокови – но со веќе позната цена од 2 милијарди евра. За пругата на Коридорот 10, која ја најави Мицкоски, не постои ниту еден лист хартија, но веќе се знае колку ќе чини“, вели Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Ако нема проект, ако нема студија, ако нема анализа на трасата – како се дојде до бројката од 2 милијарди евра? Кој и врз основа на што ја пресметал? Одговорот се наметнува сам: Се пресметува провизијата, не трошокот.
Ова е подготовка за најголемиот тендерски криминал во поновата историја. ВМРО-ДПМНЕ го повторува моделот: се ветува мегапроект без основа, се зголемува цената однапред, се отвора пат за перење пари и за богатење на партискиот врв.
И во целата таа матрица на измама – Мицкоски вели пругата ќе почне до крајот на годината, а министерката Кочоска изјавува дека нема да почне ни до 2027 година.
Дали ова е координирано лажење на јавноста или само доказ дека во Владата владее хаос и нема контрола над сопствените лаги?
Го прашуваме Мицкоски:
Како се знае дека пругата ќе чини 2 милијарди евра ако нема проект? Дали цената е договорена однапред со кредиторот? Кој ќе го добие тендерот? И по кои критериуми? Дали јавноста ќе види физибилити студија? Или пак ова е уште една зделка во која ќе исчезнат милиони како во минатото?
Комични се обидите да се прикаже некаков инвестициски бум. Во реалноста, оваа Влада едвај ги довршува проектите почнати од СДСМ, а новите проекти се само обични наслови и надуени цифри – зад кои стои многу сериозен сомнеж за злоупотреба.
СДСМ нема да молчи. Ќе ги следиме сите чекори на овој процес. Ќе бараме целосна транспарентност, увид во сите документи, и ќе ја информираме јавноста за секој сомнеж, секој тендер, секој договор што се прави зад грбот на граѓаните.
И ако Мицкоски мисли дека ќе помине незабележано, се лаже. Одговорснот ќе има, секој ќе одговара“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
Македонија
Герасимовски: Даночната канцеларија во Центар нуди побрза и поедноставна услуга за нашите жители

Општина Центар ги информира сите граѓани кои сѐ уште не добиле Решение за наплата на данок на имот за 2025 година дека можат да ги регулираат своите обврски со директно обраќање во општинската даночна канцеларија.
„Истурената даночна канцеларија значи побрза и поефикасна услуга. Целта ни е граѓаните навремено и лесно да ги завршат своите обврски“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Граѓаните преку општинската канцеларија можат да добијат решенија за данок на имот за физички и правни лица, информации за состојбата со платените решенија, можност за промена на податоци во постојни решенија (како адреса, сопственик или имотен лист), пријава на нови обврзници, допријава на имот од легализација, како и корекција на квадратурата според имотниот лист.
Канцеларијата е отворена секој работен ден, од 08:00 до 16:00 часот, во Општина Центар, барака број 5, соба 15.
За повеќе информации можете да се обратите на телефонскиот број 070 316 796, кај одговорното лице Маја Дичева или на е-пошта на следната адреса: [email protected].
Македонија
На Богородица задржувањето од македонска страна е 40-ина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е 40-ина минути. На другите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.