Македонија
Претпладне сончево, од пладне пороен дожд и грмежи

Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, од пладневните часови облачноста ќе се зголеми и ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град, информира УХМР.
Утринската температура ќе се движи од 11 до 19, а дневната од 25 до 33 степени. УВ-индексот ќе биде 8.
Во Скопје претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне со појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Температурата ќе се движи од 17 до 30 степени.
До утре во попладневните часови ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има појава на невреме со пообилни врнежи, силен ветер и појава на град.
В петок и за време на викендот ќе преовладува сончево и топло време, но ќе има услови за изолирана појава на пороен дожд со грмежи. В понеделник се очекува да биде посвежо, врнежливо и повремено со засилен северен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ви-фи зони во Чаршијата, обнова на дуќаните со буџетски средства и школи за занаети, вети Шукова

Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова на Скопје ќе му ја враќа Чаршија со низа проекти. Ви – фи зони, обнова на дуќаните и отворање школи за занаети и мајсторски работилници се дел од ветувањата.
„Старата скопска чаршија е душата на Скопје. Денес Чаршијата е задушена од нечистотија, административен хаос и институционална негрижа, но таму каде што другите гледаат проблем, јас гледам можност. Нашиот план е јасен, визијата е конкретна – да ја вратиме Чарпијата на скопјани. Имаме решение за Чаршијата – секојдневно чистење, нова урбана опрема, јавно осветлување и ви-фи зони со почит кон автентичниот изглед. Имаме во план поддршка за дуќанџиите и занаетчиите со буџетски средства за реконструкција на дуќани со правна и финансиска помош, со отворени школи за занаетчии и мајсторски работилници. Нашата цел е Чаршијата конечно да добие еден центар за управување под целосна надлежност на Град Скопје без лавиринти меѓу институции туку ефикасна, брз и транспарентна администрација за сите што живеат и работат таму“, рече Шукова.
За културата и уметноста таа најави посебни проекти.
„Културата ќе добие вистински дом. Реновирање на Сули Ан, поддршка за студентите по ликовна уметност, отворање на арт – атељеа и културни програми. Уметноста не смее да живее во распаднати ѕидови. Исто така имаме план за развивање дигитална платформа за туристи и јазични обележја, подобрена пешачка структура и европски културни рути затоа што Чаршијата мора да привлекува туристи, да живее и да расте“, вели Шукова.
Сите проекти што ги наброја кандидатката за градоначалничка на Скопје вели дека не се само уште едно ветување туку визија што ја враќа Чаршијата како живо срце на Скопје.
Македонија
(Видео) Лукровски: Целосна дигитализација на услугите за искоренување на корупцијата и почит кон времето и довербата на секој карпошанец

Најавуваме целосна дигитализација на Општината за искоренување на корупцијата. Најскапиот документ не е оној што се плаќа, туку оној што се чека. Оној за кој не знаеш дали воопшто ќе го добиеш, велинСотир Лукровски, кандидат за градоначалник на општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2025 година, граѓанинот, додава тој, не смее да стои во ред само за печат.
„Да бара врски, во шалтери, да се додворува да заврши работа.
Општината повеќе не смее да биде зграда во која влегуваш со нервоза, а излегуваш со даден поткуп.
Таа пракса, драги мои карпошани ќе заврши.
Од првиот ден на моето управување ќе го искоренам чекањето, провизиите и рушветот, преку целосна дигитализација на сите општински процеси.
Општината мора да стане услуга до која ќе стигнеш од еден телефон, во било кое време и од било кое место. Нема повеќе враќање на шалтер, нема повеќе не е ова наша работа.
Јас нема да барам граѓаните да доаѓаат кај мене, туку општината да оди кај нив преку технологијата.
Ќе воведам апликација, каква што има секоја нормална, европска општина преку која ќе можеш со два клика, со матичен број и адреса, да поднесеш барање, да добиеш број и во секое време да го следиш статусот на решавање“.
Тоа, како што појасни одамна постои во светот, но кај нас не се воведува од добро познати причини.
„Затоа што кога има ред нема простор за корупција.
Ќе воспоставам прозорец за брзи услуги преку кој граѓаните веднаш ќе ги добиваат своите документи без зависност од расположението, или волјата на шалтерскиот работник.
Процесот ќе биде автоматизиран и целосно транспарентен.
Мојата цел е едноставна, една апликација за сите општински услуги.
Но дигитализацијата не е само екран и апликации, таа мора да донесе внатрешна дисциплина и одговорност.
Ќе воведам следење на секое барање. Кој службеник го примил, кој го одработил и за колку време го обработил.
Секој што ќе ја заврши работата навреме, или пред дадениот рок ќе биде награден, а оној што ја кочи постапката ќе мора да биде санкциониран.
Граѓанинот и јас ќе добиваме аларм кога предметот стои предолго“.
Според него, нема повеќе скриена одговорност.
„Се ќе биде видливо, мерливо и транспарентно.
Така функционира реалниот сектор од каде доаѓам.
Така ќе функционира и општина Карпош.
За оние што немаат пристап до технологија, ќе воведам дигитални советници во општината. Обучени лица што ќе им помогнат на граѓаните да ги поднесат граѓаните. Никој нема да биде исклучен.
Мојата визија е Карпош да остане општина без изговори и без поткуп. Кога граѓанинот ќе може да реши проблем со два клика, тогаш ќе знаеме дека живееме во модерна општина, со чесна управа.
Македонија
Српски државјани добија забрана за влез во земјата и парична казна од 4.000 евра за шверц на цигари, биле уапсени во Скопје

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на спогодба од Основното јавно обвинителство Скопје против двајца државјани на Република Србија за криумчарење цигари.
Двајцата осомничени, на 1 октомври, преку граничниот премин „Блаце“ влегле во земјава, избегнувајќи ја царинската контрола и пренеле непријавена акцизна стока – вкупно 2300 штеки од по 10 кутии цигари со косовски бандероли во вкупна вредност од 3.220.000 денари.
Цигарите ги пренеле во товарно возило во сопственост на правно лице од Србија, скриени во импровизирани бункери во приколката и ја избегнале царинската контрола. Цигарите биле откриени од полициски службеници кои го забележале камионот и го контролирале на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“ во Скопје, додека во истото возило биле товарани цигари со македонски бандероли.
Согласно постигнатата спогодба која е потврдена од Судот, на обвинетите им е изречена парична казна од по 4.000 евра за секој, која се задолжени да ја платат веднаш и им е изречена казна протерување од земјата во времетраење од пет години.
Дополнително се одземени сите криумчарени цигари, камионот со приколка, 1.300 евра кои ги имале кај нив во моментот на сторување на делото и два мобилни телефони.