Македонија
Претпладне умерено облачно, преку денот сончево со мала облачност и со слаб ветер од северен правец

Денеска претпладне ќе има умерена облачност во западните делови. Преку денот ќе преовладува сончево со мала облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне 23 степени.
Утре и в сабота ќе преовладува претежно сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Од недела следува период на нестабилно време, во попладневните часови со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
УЈП: Истече рокот за плаќање на месечните обврски за јули – повик за подмирување на долговите

По истекот на законскиот рок за плаќање на месечните аконтации за данок на добивка и исплатата на јулските плати со придонеси, Управата за јавни приходи утврди значителен број на неплатени обврски.
„Од 2.129 даночни обврзници не е извршено плаќањето на месечната аконтација за данок на добивка за јули 2025 година, а кај 11.555 обврзници не е евидентирана исплата на бруто плати и социјални придонеси за истиот месец. Дел од неплатените аконтации може да бидат подмирени преку пребивање со даночни побарувања, но тоа не ги исклучува законските обврски и потребата тие да се сервисираат во рок“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи во текот на вчерашниот ден достави персонализирани известувања до сите обврзници со неплатени обврски и апелира веднаш да го извршат плаќањето.
Овие средства се дел од јавните приходи кои припаѓаат на граѓаните и обезбедуваат редовно финансирање на буџетските потреби, здравството, образованието и социјалната сигурност.
УЈП остро потсетува дека во следните денови ќе се преземат законските мерки за присилна наплата.
Македонија
Судир за српскиот капитал: ВЛЕН и ДУИ меѓусебно се обвинуваат

ВЛЕН и ДУИ, двете водечки политички субјекти од албанскиот блок во Македонија, се препукуваат поради наводно продирање на српски капитал и влијание во земјата.
Според соопштението на ВЛЕН, ДУИ одамна престанала да ги штити интересите на Албанците, откако, како што тврдат, дозволила влез на српски и црногорски компании во клучни економски сектори, вклучително и мобилната индустрија и казината.
„ДУИ го донесе ‘српскиот свет’ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури и преку Бујар Османи работеа за Белград и против Косово“, се наведува во соопштението. ВЛЕН најавува дека ќе продолжи да ги брани евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците.
ДУИ, пак, одговара дека ВЛЕН во изборната програма за 2024 година ветила основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. ДУИ повторно нагласува дека државата не смее и не треба да дозволи банкарскиот сектор и стратешките институции да бидат преземени од дестабилизирачките интереси на Белград.
И двете партии со денови се обвинуваат една со друга за предавство на интересите на Албанците и за поддршка на т.н. „Српскиот свет“ во Македонија. Со оглед на предизборието, се очекува дека оваа тема ќе се најде во политичката дебата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Целосна реконструкција и модернизација на пругата од Скопје до Кичево

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги започна подготвителните активностите за целосна реконструкција на пругата, односно железничката линија од Скопје до Кичево, која е дел од Коридорот 8, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај целосната реконструкција на постојната пруга, која сега е во многу лоша состојба, додаваат од партијата, работните активности опфаќаат целосна модернизација и нејзина електрификација.
„Во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милиони евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди.
По завршување и изработката на анализите, кои според највисоките европски стандарди траат 18 месеци, започнува втората фаза на изведување на работните активности на терен за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата.
Оваа инвестиција во железничката инфраструктура, освен економски придобивки за бизнисот ќе значи и подобро и поефикасно поврзување помеѓу главниот град Скопје и општините Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево.
Овој проект уште еднаш ја потврдува посветеноста на Владата за унапредување на инфраструктурата и Македонија да ја направи центар на патни, енергетски и железнички коридори во регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.