Македонија
Претрес на онкологија: Полицијата и Обвинителството влегоа на клиниката

На Клиниката за онкологија во моментов трае акцијата на полицијата која е во координација со обвинителството, потврдија за „Макфакс“ од МВР.
Попладнево се спроведува полициска акција на Клиниката за онкологија во Скопје. Акцијата, како што информираа од МВР, е по налог на Обвинителството.
„Акцијата уште трае, се одвива во моментов“, велат од полицијата и најавуваат повеќе детали по нејзиното завршување.
Претресот следи по истражување на „Фокус“, и нивните написи поврзани со крадење на скапа биолошка терапија на клиниката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска до Меџити: Тоа е таа насмевка кога успеваш за криминал и перење 225 милиони евра црни пари да не ти постави ниту еден новинар прашање

„Тоа е таа насмевка кога успеваш за криминал и перење 225 милиони евра црни пари преку дивоградби да не ти постави ниту еден новинар прашање, а институцииве што “донесоа правда” да не смеат на независна територија Чаир да писнат, не пак да постапуваат“, напиша на социјалните мрежи, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
„Туку за друго ми е постов, сите веќе знаат дека сте криминалци. Бидејќи Министеров за животна средина и дивоградби, Изет Меџити делел пари за проекти за општините низ Македонија, сакав да прочитам да не дал за Скопје случајно да се реализира некој проект.
Овој се чини е Министер само на неговите другарчиња во Чаир или мене нешто не ми е јасно во постов“, додава Арсовска.
Македонија
Алијанса за Албанците: Владата и отвора врата на корупцијата со незаконскиот меморандум за гасификација на државата

Алијанса за Албанците остро ја осудува одлуката на Владата за потпишување на меморандум за соработка со „Казандџи Холдинг“, чие подружничко претпријатие, „АКСА Енерџи“, е предмет на истраги за корупција во Гана, велат од оваа партија.
Овој потег, како што нагчасуваат, претставува сериозно прекршување на Законот за енергетика и голем ризик за енергетската иднина и јавниот интерес на граѓаните на Република Северна Македонија.
„Наместо да спроведе транспарентна и конкурентна тендерска постапка, како што јасно е предвидено во членот 94 од Законот за енергетика, Владата одлучува да склучува договори на таен и сомнителен начин, без никаква длабинска анализа за економските, еколошките и општествените последици.
Оваа мрачна практика ги зголемува сомнежите дека партиските и личните интереси се ставаат над јавниот интерес, додека граѓаните ќе бидат тие што ќе ја платат цената за проект што е спротивен на стратешката насока на земјите од ЕУ. Додека земјите членки на Европската Унија се оддалечуваат од природниот гас, Владата гради нови дистрибутивни мрежи за енергенс што е поскап и поштетен за климата и за семејниот буџет“.
Според Алијанса за Албанците има неколку прашањата на кои Владата треба да одговори.
„Зошто се прекршува Законот за енергетика и се заобиколува законската постапка за избор на партнер? Дали е направена анализа за реалните потреби од гасификација и трошоците за граѓаните?
Дали постои стратегија за развој на енергетскиот сектор за наредните 20 години, како што е законска обврска? Какви гаранции му се дадени на странскиот инвеститор за да биде „убеден“ да инвестира 1 милијарда евра?“.
Според оваа партија, партнерството со компанија вмешана во меѓународни корупциски афери е аларм за организирана корупција на високо владино ниво и бара итна истрага од надлежните институции, вклучувајќи го Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Алијансата за Албанците бара итно поништување на меморандумот, враќање во законски рамки и отворање на јавна дебата за енергетската безбедност и долгорочната насока на енергетските политики во земјата.
„Ниту еден договор склучен зад затворени врати на Владата не може да биде во корист на граѓаните. Транспарентноста е првиот услов за одржлив развој и борба против корупцијата“.
Македонија
Седум активни пожари во земјава

Центарот за управување со кризи извести дека во последниот ден, до 8 часот утрово, во земјава се евидентирани вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои седум се активни, седум се под контрола, а 19 се изгаснати.
Активни се пожарите во: општина Василево, Радовиш и Берово – село Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските Планини (гори нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација); општина Прилеп – село Бешиште, место викано Бешишки Рид (гори мешана шума, крак кон с. Градешница); Општина Македонски Брод 4 – село Црешнево (гори ниска вегетација); Општина Штип – село Драгоево и село Селце (гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева); Општина Кочани – село Нивичани (гори ниска шума и трева); Општина Карбинци – село Јунузлија (гори шума); Општина Зелениково – село Гумалево (гори ниска вегетација).
Седум пожари се под контрола: Општина Прилеп – меѓу селата Царевиќ и Смолани, м.в. Радобилски Рид (мешана шума и нискостеблеста вегетација); Општина Македонски Брод – село Латово, м.в. Маркова Стапалка (грмушки и сува трева); Македонски Брод 1 – помеѓу село Локвица и село Крапа (деградирана дабова шума, грмушки, ниска вегетација); Македонски Брод 2 – село Грешница (мешана шума и сува трева); Македонски Брод 3 – село Латово (мешана шума); Општина Ресен – село Долно Перово (трска и ниска вегетација); Општина Желино – меѓу село Церово и село Групчин (нискостеблеста и деградирана шума).
Како што информираше ЦУК, изгасени се 19 пожари.