Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова во посета на МАНУ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети Македонската академија на науките и уметностите, вдомена во уникатното архитектонско дело на Борис Чипан.
„Имаше ретка прилика да го обиколи огромниот простор, составен од свечени сали, богати библиотеки, работни простории и канцеларии, облагородени со прекрасни слики, фигури и скулптури, да ѕирне во неколку лаборатории, да види вработени, занесени во истражувачките активности.
Уживаше во долгата и плодна дискусија со членовите на Извршниот одбор на МАНУ: Живко Попов – претседател, потпретседателите Витомир Митевски и Алајдин Абази и дописниот член Блажо Боев кои ја запознаа со историјата, биографските елементи и достигнувања на членовите, видот на проектите, врвните успеси, но и со хроничните и актуелни проблеми и предизвици“, се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет.

Претседателот на МАНУ, академикот Живко Попов и раскажа на претседателката на што работеле претходните 58 години академиците: научници и уметници, што откриле и створиле, каде и како се примениле откритијата и пронајдоците, со што не задолжиле нас, но и човештвото.
За претседателката, МАНУ, како персонификација на критичкиот и творечки ум, врвно знаење и креативност, заслужува далеку поголема почит, но и неопходна поддршка од барем 1% од БДП, зашто нема подобра и поисплатлива инвестиција од онаа во науката и културата. Ако сакаме да фатиме чекор со технолошки предизвици, мора повеќе да вложуваме во науката. Ако сакаме да го негуваме и промовираме националниот и културниот идентитет, мора да вложуваме во културата.
Се разбира, на средба одржана на Меѓународен ден на мајчиниот јазик, претседателката сметаше дека е важно да го истакне значајниот придонес на Одделението за лингвистика и литературна наука во МАНУ, изразувајќи верување дека навремените подготвителни активности за овој стожерен настан гарантираат достојно одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик.
Сепак, за неа, не е доволно и најважно да се манифестира посветеност на македонскиот јазик само при пригодни настани, туку е неопходно, мајчински да се грижиме за него постојано, секогаш и секаде.
Запознавајќи ги домаќините со иницијативата за изработка на Дигитален регистар на најуспешните, во функција на нивно вмрежување и поцврсто интегрирање во македонските работи, таа предложи и МАНУ да се вклучи во процесот.

На крајот, водството на МАНУ и претседателката изразија подготвеност за континуирана размена на идеи, предлози и сугестии, организирање научни дебати, конференции и проекти, како и културни настани под покровителство на претседателката.
Соговорниците, свесни и загрижени за драматичните промени во меѓународниот поредок, се согласија дека МАНУ е неодминлив субјект, креатор и партнер во креирањето стратешки пристап во барањето одговор на современите национални, регионални, европски и светски закани, дилеми и предизвици, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

