Македонија
Претседателот Пендаровски ги прими членовите на хорот „Златно славејче“

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими членовите на детскиот хор „Златно славејче“.
Пендаровски, упатувајќи честитки за успешната реализација на 52. издание на фестивалот „Златно славејче“, ги истакна значењето и улогата коишто повеќе од половина век овој фестивал ги има во развојот на креативноста и талентот на најмладите во државата.
Членовите на постојаниот детски хор и солистите на „Златно славејче“ ги споделија своите импресии и доживувања со Претседателот за неодамна одржаниот фестивал. Пеејќи рефрени од новите детски хитови се заблагодарија за денешниот прием и за неговата континуирана поддршка.
Фестивалот „Златно Славејче“ се одржува под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
Првото издание на фестивалот „Златно славејче“ се одржало на 23 мај 1970 година, во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Град Скопје. Традиционално, веќе 52 години, во рамки на одбележувањето на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември, „Златно славејче“ е дел од музичката лектира на најмладите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Учениците се оставени без учебници, родителите печатат материјали од Вибер, реагираше СДСМ

Образовниот систем во Македонија ја почна хаотично новата учебна година, откако се покажа дека учениците немаат учебници, иако од ВМРО-ДПМНЕ го ветуваа спротивното.
„Иако во предизборните ветувања беше кажано дека сите ученици ќе добијат нови учебници, вистината е сосема поинаква. Самата министерката Јаневска призна дека учебници нема, иако се потрошени над 11 милиони евра од буџетот на граѓаните“, истакнуваат од СДСМ.
Недостасуваат учебници за математика и историја за 8-мо одделение, а родителите се приморани да печатат материјали од Вибер-групи. Проблемот е уште поголем за стручните училишта, каде што цели генерации немаат учебници по управно, процесно, правно и државно уредување.
„Учебници има само за најмалите ученици, од прво до трето одделение, додека за четврто и петто одделение ситуацијата е катастрофална. Одговорноста за овој хаос е кај министерката Јаневска и премиерот Мицкоски. Тие излажаа и ги изневерија учениците, родителите и наставниците“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ваквите состојби не смеат да се повторуваат и повикуваат на итна интервенција за обезбедување учебници за сите ученици.
Македонија
Ѓолека, Јаоски и Азизи влегуваат во трка за градоначалници, сподели Али Ахмети

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, вчера ја свика 23-та седница на Централното претседателство на партијата, каде се дискутираше за актуелните политички случувања, мобилизацијата на Националната алијанса за интеграција и претстојниот референдум закажан за 19 октомври.
На седницата едногласно беа усвоени три нови кандидатури за градоначалници: Фламур Ѓолека за Долнени, Али Јаоски за Пласница и Исамедин Азизи за Бутел.
„На 19 октомври народот ќе го врати достоинството и ќе ја потврди својата историска улога. Убеден сум дека ќе извојуваме плебисцитарна победа која ќе биде наша заедничка гордост“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по завршувањето на состанокот.
ДУИ најавува дека е во завршна фаза на селекција на сите кандидатури со кои Националната алијанса за интеграција ќе настапи на локалните избори.
„Сите сме на нозе, сите сме мобилизирани за победа, ова не е само партиска битка, туку битка за достоинството и иднината“, стои во соопштението на партијата.
Скопје
(Фото) Левица: Учениците во „Ѓорѓија Пулевски“ учат во подруми со влага и смрдеа

Учениците од шесто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром наставата ја следат во подрумски простории со влага, непријатна миризба и без природна светлина, реагираат од партијата Левица.
Од таму посочуваат дека ваквите услови се недостоинствени за било кое училиште, а не за основци кои треба да учат во здрава средина.
„Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага“, соопштија од Левица – Аеродром.
Според нив, локалната власт ја сноси целата одговорност за понижувањето на најмладите и изложувањето на здравствен ризик.
„Дополнителен скандал е фактот што ДПМНЕ пред четири години ветија целосна реконструкција на училиштата во општината, но во изминатиот мандат не направија ништо. Наместо елементарни услови, децата се приморани да учат во простории со влага и смрдеа“, додаваат од партијата.
Левица бара итно преместување на учениците во други училници и обезбедување нормални услови за образование.