Македонија
Претседателот Пендаровски го потпиша указот за новиот закон за амнестија
Претседателот Стево Пендаровски денеска го потпиша указот на усвоениот закон за амнестија, со кој се предвидува лицата осудени за кривичните дела од член 205, „Пренесување заразна болест“, и член 206, „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик, за време на пандемијата на Ковид-19, глобата или казната затвор да им се замени со алтернативна мерка условна осуда.
Во согласност со овој закон, лицата чија глоба изнесува над 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од три години, а оние лица што чија глоба изнесува до 1.000 евра или изречената казна им е заменета со казна затвор, ќе добијат условна осуда од две години, рок во кој не смее да сторат ново кривично дело.
По три, односно две години условна осуда, ќе добијат и лицата што исплатиле дел од глобата над 1.000 и до 1.000 евра, со што се ослободуваат од плаќањето на преостанатиот дел од глобата доколку не сторат ново кривично дело.
Во периодот од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година осудени се 1.223 лица на глоба од 123.000 денари. Во согласност с о законските прописи, доколку во рок од 2 години изречените глоби не се намират, судијата за извршување санкции со решение ги заменува со казна затвор. Поради неплаќање на глобата, Основниот кривичен суд има донесено заменски решенија, со кои кон 280 лица глобата е заменета со казна затвор. По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување казна затвор.
Потребата од уредување на оваа состојба е наметната од големиот број вакви предмети во Основниот кривичен суд Скопје. За да се надмине ова состојба за оваа категорија осудени за кривичните дела од член 205 и член 206 од Кривичниот законик, глоба или заменета на глобата со казна затвор, во согласност со одредбите од овој закон, ќе се замени алтернативна мерка условна осуда.
Со законот не се предвидува амнестија за правните лица и за одговорните лица во правните лица осудени со правосилна пресуда на глоба за кривичните дела од член 205 и член 206 од Кривичниот законик.
Амнестијата постои и се применува во многу европски држави, а во нашата држава од моментот на нејзиното осамостојување донесени се повеќе закони за амнестија.
Преку амнестијата се овозможува на брз и ефикасен начин во одредени случаи да се исправат судските грешки. Корекцијата на судската одлука може да ја налагаат и други државно-правни и општествено-политички причини, а не е реткост во една поинаква општествено-економска констелација довчерашното општествено опасно дејсте да ги изгуби најсуштествените карактеристики и преку амнестијата најбргу да се поништи осудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.
Македонија
Утре со врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни, на повисоките места дожд и снег
Времето утре, ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег.
Во источните делови ќе има услови за ретки грмежи. Ќе дува засилен повремено силен северен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде облачно со врнежи од дожд. Ќе дува засилен повремено силен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во среда и четврток времето ќе биде стабилно, а во четврток ноќта и во петок ќе има нови пообилни врнежи. Утре ќе дува засилен повремено силен јужен ветер кој во попладневните часови ќе го смени правецот во северен и ќе продолжи да дува и во среда.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.

