Македонија
Претседателот Пендаровски упати писмо со поддршка до украинскиот претседател Зеленски
Претседателот Стево Пендаровски упати писмо до претседателот на Украина, Владимир Зеленски, во кое изразува поддршка за украинскиот народ и упатува честитки до претседателот Зеленски за поднесената кандидатура за членство во Европската Унија.
„Изминатите три месеци граѓаните на Украина херојски ја бранат својата земја, а со тоа и целиот европски континент и универзалните вредности на демократијата во кои веруваат мирољубивите држави и народи на кои припаѓаме.
Во оваа смисла, Украинците со конкретни дела докажаа дека припаѓаат на европското семејство и се подготвени да ги направат првите чекори во насока на започнување на процесот на интеграција во Европската Унија. Јас како долгогодишен поддржувач на идејата за Обединета Европа цврсто сум убеден дека денес, кога војната повторно се врати на европско тло, Унијата треба да донесе важни политички одлуки, со што процесот на проширувањето нема да запре на Западниот Балкан, туку ќе продолжи со сите мирољубиви европски држави кои ги споделуваат вредностите на демократијата“, се вели во писмото од претседателот Пендаровски до украинскиот претседател Зеленски.
Во продолжение е интегралниот текст на писмото:
Ваша Екселенцијо,
Срдечно поздравувајќи Ве, дозволете ми да Ви упатам изрази на особена почит кон Вашата држава и кон Вас лично, како и да Ви изразам сестрана поддршка во трагичната ситуација во која се наоѓа Украина и украинскиот народ по руската воена агресија.
Изминатите три месеци граѓаните на Украина херојски ја бранат својата земја, а со тоа и целиот европски континент и универзалните вредности на демократијата во кои веруваат мирољубивите држави и народи на кои припаѓаме.
Во оваа смисла, Украинците со конкретни дела докажаа дека припаѓаат на европското семејство и се подготвени да ги направат првите чекори во насока на започнување на процесот на интеграција во Европската Унија. Јас како долгогодишен поддржувач на идејата за Обединета Европ, цврсто сум убеден дека денес, кога војната повторно се врати на европско тло, Унијата треба да донесе важни политички одлуки, со што процесот на проширувањето нема да запре на Западниот Балкан, туку ќе продолжи со сите мирољубиви европски држави кои ги споделуваат вредностите на демократијата.
Драг Владимир,
Поаѓајќи од оваа моја констатација, би сакал да Ви упатам честитки за успешно пополнетиот прашалник за членство во Европската Унија и да подвлечам дека Република Северна Македонија како земја-кандидат го поддржува европскиот пат на пријателска Украина и добивањето кандидатски статус за време на Советот на Европската Унија во јуни оваа година.
Верувам дека таквиот исход ќе биде праведен и логичен, и ќе претставува поддршка на напорите на Украина на евроинтегративниот пат, како и дополнителен стимул за спроведување на натамошни суштински внатрешни реформи за ваше практично приближување кон Унијата.
Впрочем, европските аспирации нам не ни се потребни како политички трофеј, туку како инструмент и процес за време на кој ќе се менуваме и реформираме за да ги достигнеме неопходните стандарди по кои се препознаваат европските демократии. Во овој контекст очекуваме потврда дека и нашите европски пријатели тоа го препознаваат и вреднуваат.
Господине Претседател, во надеж за скоро целосно ослободување на вашата земја од окупаторот, дозволете ми, уште еднаш да Ви ги упатам изразите на моето највисоко почитување и да Ви посакам добро здравје и успех во извршувањето на Вашата одговорна функција во овие тешки времиња, напиша претседателот Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

