Македонија
Претставници на ДУИ одржаа работна средба со СКСЗМ
Претставниците на Демократската Унија за Интеграција, Бујар Османи, министер за Надворешни Работи и кандидат за претседател, Крешник Бектеши, министер за Економија и Фатмир Бесими, министер за Финансии од Секретаријатот за Економски Прашања и Финансии денеска одржаа работна средба со претседателот на Стопанска комора на Северозападен на Македонија Менди Ќира и членови на управниот совет на Комората.
Министерот Бектеши по средбата истакна дека од платформата на Комората значаен дел од точките ќе бидат испратени до Секретаријатот за Економски и Финансиски Прашања за да се вградат во политичката програма со која Европскиот Фронт предводен од Демократската Унија за Интеграцијата ќе се натпреварува.
„Заедно со претседателскиот кандидат Бујар Османи и министерот за финансии и во исто време членови на централното раководство на Демократската Унија за Интеграција, Фатмир Бесими, слушавме предлози, конкретни предлози, но и заедно ја анализиравме платформата подготвена од Стопанска комора на Северозападна Македонија и може слободно да каже дека значителен дел од нив ќе бидат испратени до Секретаријатот за Економски и Финансиски Прашања во партијата за да се вградат во програмските политики со кои ќе конкурира „Фронтот за Европа“, , која е предводена од Демократската Унија за Интеграција“, рече министерот за економија, Крешник Бектеши.
Министерот Бектеши исто така истакна дека е многу важно да се подигне стандардот на граѓаните, а главната цел е бизнис секторот да биде конкурентен на регионалните бизниси како и на европско ниво за извозно ориентираните компании. Бектеши додаде дека барањата што доаѓаат од Стопанската Комора на Северозападна Македонија ќе бидат разгледани многу внимателно.
„И овде важните области, навистина се чувствувам горд на Стопанската Комора на Северозападна Македонија, бидејќи предлозите се однесуваат на зголемување на животниот стандард на граѓаните, иако го штитат интересот на бизнис секторот, но и се грижат на стандардот на вработените во приватниот и јавниот сектор. Директното барање на Стопанската Комора на Северозападна Македонија се однесува на зголемување на платите во приватниот сектор, почнувајќи од зголемувањето на минималната плата, кое барање со најголема сериозност се разгледува од страна на нашиот Секретаријат да се вклучи во програмата, со кој ќе се натпреваруваме на избори. Уште едно посебно барање на Комората е поврзано со олеснување на податоците за придонесите со единствена цел бизнис секторот да остане конкурентен во регионот, на европско или глобално ниво“, изјави Крешник Бектеши.
Инаку, претставници на Демократската Унија за Интеграција ќе одржат средби со стопанските комори и здруженија од различни сфери на кои ќе се разговара за нивните барања и потреби, со кои ќе бидат дел од изборната програма на Демократската Унија за Интеграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

