Македонија
Приведен делчевец, возел со 1,84 промили алкохол во крвта

Синоќа во 01.50 часот во Делчево, полициаски службеници го приведоа М.Р.(35) од Делчево.
При контрола во патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко возило „хјундаи“, кое го управувал, и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно дека има 1,84 промили алкохол во крвта, по што веднаш бил исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица.
По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: ДКСК да го прошири предметот со новиот скандал за Андоновски

Според портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, скандалите во Министерството за дигитална трансформација водено од Стефан Андоновски не престануваат.
По тендерот добиен од сопругот на државната секретарка Клинчарова, сега јавноста, додава таа, дозна за нов тендер вреден 600.000 денари, кој по информации од свиркачи се сомневаме дека бил доделен на фирма поврзана со родителите на вработен во ИТ-секторот.
„ДПМНЕ не го негираше тендерот туку го потврди а Андоновски досега молчи. Но замислете, во потврдата на ДПМНЕ нема барање одговорност, туку дрско прашуваат да сме кажеле „Дали вработениот е некој функционер или член на комисија која одлучува во однос на набавките“.
ДПМНЕ не може ниту да го пере ниту да релативизира скандалот. Прво, постои основано сомнение за конфликт на интерес, во конкретниот случај но и во предходно објавениот скандал со тендерот кој го доби сопруг на Државната секретарка Клинчарова“, дополнува Кузеска.
Потсетува, дека на крај на секоја постапка за јавни набавки, се потпишува лична изјава за непостоење на судир на интерес за истата. Во двата скандали што ги наведовме, вели таа, постои токму тоа, осован сомнеж за судир на интерес.
„Тука се и информациите кои вработените ги имаат во однос на јавните набавки кои во министерството ќе се спроведат согласно годишниот план за јавни набавки.
За предвидената вредност за конкретна постапка, спецификациите и тендерските документации пред да станат јавно достапни. Што значи секако дека може да влијаат во обезбедување помош, информации и слично.
Во два одвоени случаи, токму најтесните семејни кругови на вработените во Министерството на Андоновски се токму оние кои ги добиваат тендерите во институцијата“, истакнува Кузеска.
Оттука, според неа, основани се сомнежите за непотизам, судир на интереси и злоупотреба на јавните пари.
Бараат и ДКСК да го прошири предметот кој рече дека е отворен за Андоновски и да ја информира јавноста за резултатите од постапката што веќе ја води.
Го повикуваат Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага за сите тендери во Министерството за дигитална трансформација.
Министерот Андоновски, како што подвлече мора да понесе одговорност, а институциите мора да покажат дека функционираат и кога се во прашање функционери од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Мицкоски: Денеска почнува исплатата на повисоки пензии за 2.500 денари, со тоа го испорачавме нашето ветување

„Напорната работа носи резултати. Имам одлична вест за сите пензионери. Од денес започнува исплатата на повисоки пензии за 2.500 денари. Со тоа го испорачавме нашето ветување за повисоки пензии од 5.000 денари“, им порача претседателот на Владата Христијан Мицкоски на пензионерите во денешното видео обраќање.
Премиерот Мицкоски нагласи дека со ова е исполнето ветувањето за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари на повеќе од 300.000 пензионери.
„Повеќе од 300.000 пензионери ќе имаат повисоки пензии за 5.000 денари. Да, Македонија има многу проблеми. Да, проблеми има во секој дел од општеството, но затоа сме ние тука да ги решаваме проблемите и со решавање на проблемите Македонија ќе биде повторно горда, а на овој начин Македонија ќе биде повторно ваша. Нека е со среќа повисоки пензии, долговечно да ги користите, со многу радост, љубов и среќа во вашите семејства“, вели Мицкоски.
Македонија
Истрагата за трагедијата во Кочани е политички воден процес, тоа е фарса на добро организирана одбрана на вистинските виновници, велат од ДУИ

Секој ден излегуваат нови докази, кои потврдуваат дека истрагата за трагедијата во Кочани е политички воден процес, а не професионален или уште помалку независен процес.
Она што јавно ни се демонстрира воопшто не е истрага, туку фарса во насока на добро организирана одбрана на вистинските виновници, истакнува Арта Билали-Зендели од ДУИ.
Како што вели, 59 млади животи згаснаа во ужасна трагедија, а наместо одговорност од оние под чија заштита работел овој објект, оние што ги игнорирале и пријавите, и укажувањата, и неправилностите – системот од петни жили се труди да најде некој друг кому ќе ја префрли вината.
„Фактите што секојдневно излегуваат се сè појасни: Одредени професионалци во рамките на полицијата од Кочани не можеле да премолчат пред очигледните злоупотреби и подготвувале и испраќале таканаречени проблемски информации за состојбите во објектот ‘Пулс’.
Овие документи се најголемиот проблем на власта и нејзините полициски структури затоа што овие дописи не може да се игнорираат.
Токму затоа полициските структури, помогнати од власта, деноноќно работат на исполнување на нивниот монструозен план за префрлање на вината каде било, само не во сопствените редови.
Она што е јасно е дека преку овие архивирани дописи сите во полициската команда знаеле за малолетници што се забавувале по полноќ, за постојаните тепачки, за редовната дистрибуција на дрога, за безбедносните прекршоци, за очајните услови во кои работел објектот, па дури и за хаосот со паркирањето. Знаеле командирите во Кочани, началниците во Штип, раководителите во Бирото за јавна безбедност“.
Сето тоа, како што наведува, било документирано, било архивирано и сето тоа било и официјално пренесувано во целата полициска команда.
Според Зендели, наместо да преземат мерки, полицијата во март 2023 издала документи што му помогнале на газдата на „Пулс“ да добие лиценца.
„Наместо да го затворат објектот, тие му дале легален штит.
Повеќе од тоа, објектот работел цела година без никаква лиценца, а сите институции знаеле за тоа.
И не само што не реагирале, туку дозволиле реновирање, организирање на забави, а Управата за јавни приходи (УЈП) побарала била спречена да го затвори објектот.
И сега, после трагедијата, истите тие лица кои ги водат истите институции ја водат и истрагата, во која имаат основна задача да се заштитат самите себе.
Полициските структури, секако политички помогнати од власта, создаваат нова приказна во која ниту еден полициски раководител, ниту еден началник, ниту еден раководител на полицијата не е виновен.
Напротив, обвинет е поранешен министер за економија, човек кој никогаш не стапнал во Кочани, човек што нема апсолутно никаква надлежност за безбедносни проверки на објекти или контрола на локали“.
Оценува дека тука настапува монструозноста на овој план.
Како што додава, цинизмот со кој на јавна сцена не само што се прави обид да се скрие вистината и да се заштитат оние што се вистински одговорни, туку за тоа неправедно да се обвинат било кои поранешни функционери и претставници на опозицијата, претставува суштински монструозен план.
„Јасно е дека на власта не ѝ е потребна правда, туку алиби.
Тоа не смее да се премолчи и затоа јавно бараме:
Итна суспензија на целата командна структура по вертикала во МВР и Бирото за јавна безбедност, кои знаеле за проблемите со ПУЛС, а не реагирале.
Независна истрага, надвор од рацете на оние што ја овозможиле оваа трагедија, со цел да се утврди под чија заштита му е обезбедено на објектот ПУЛС да работи.
Отворање нов процес против сите оние кои активно работат на прикривање на вистината и креирање монструозни случаи како алиби за вистинските виновници“.
Нема да замолчиме, нагласува, и постојано ќе инсистираме на одговори затоа што не смееме да дозволиме оваа трагедија да биде покриена со лаги и монструозни манипулации.
Правда, според Зендели, мора да има.