Македонија
„Прилепска пиварница“ воведува иновација за подобра заштита на животната средина
Прилепска Пиварница продолжува да работи водејќи сметка за животната средина со новата инвестиција во подобрување на производните процеси. Како дел од обврската кон еколошки одржливи практики, Пиварницата почна со користење иновативни пластични капачиња, кои остануваат прицврстени на амбалажата. Оваа промена е дел од целта за намалување на загадувањето и обезбедување поефикасно рециклирање на материјалите.
Со приспособување на производните линии за пијалаци во ПЕТ-амбалажа, Прилепска Пиварница користи претформи и капачиња со помала тежина, што директно ја намалува количината пластичен отпад, без да се компромитира квалитетот на производите, а промената ќе има позитивен ефект врз животната средина.
„Со оваа инвестиција продолжуваме да работиме на намалување на влијанието на пластиката врз природата. Нашата цел е да придонесеме за поквалитетна иднина и чиста животна средина, а оваа иновација ќе има значителни еколошки придобивки. Прогнозата покажува дека во 2025 година ќе намалиме 130.000 килограми пластичен отпад, што претставува важен чекор напред во нашата обврска да ја зачуваме планетата за идните генерации“, изјави г. Панде Самарџиоска, заменик-генерален директор на Прилепска Пиварница.

Со оваа промена, Прилепска Пиварница не само што ги исполнува обврските во согласност со европската Директива 2019/904, која има за цел да го намали влијанието на пластичните производи врз природата, туку и активно се подготвува за продолжување на својот извоз на европските пазари. Иако во Македонија наведената забрана не е во сила, приспособувањето на линиите ќе овозможи продолжување на извозот на пазарот во ЕУ, а од друга страна ја потврдува лидерската позиција на македонскиот пазар како компанија што ги следи најсовремените трендови во заштитата на животната средина.

Новото решение ја носи Прилепска Пиварница чекор поблиску до својата цел – да биде компанија која не само што произведува висококвалитетни производи, туку и активно се грижи за животната средина.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Детскиот џагор на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните
Осаменоста веќе не е проблем само на возрасните. Таа сè почесто ги погодува и децата. Она што некогаш беше џагорот на игралиштата и смеата пред зградата, денес го замени тишината на екраните. Сè повеќе тинејџери се чувствуваат изолирани, а детските психијатри предупредуваат дека расте генерација која веќе не знае да се дружи.
Според податоците на истражувачкиот центар „Пју“, речиси една четвртина од младите на возраст меѓу 18 и 29 години се чувствуваат осамени поголемиот дел од времето, а кај момчињата од 11 до 17 години тој број се зголемува на повеќе од 26 проценти.
– Децата стануваат сè поосамени. Тоа го знаеме одамна – вели д-р Херман Велес, детски и адолесцентен психијатар од Универзитетот „Колумбија“.
Пред само десетина години децата играа фудбал во дворот, ги шетаа своите миленици и се дружeа до мрак. Денес, повеќето од нив поминуваат часови пред екрани. Истражувањата покажуваат дека секоe трето дете воопшто не игра надвор во школските денови, а едно од пет ниту во текот на викендот.
Родителите, често водени од страв и недоверба кон околината, сè поретко им дозволуваат на децата самостојно да си играат надвор. Како што пишува социјалниот психолог Џонатан Хејт, автор на книгата „Анксиозната генерација“, терминот „опасност од непознатите“ стана симбол на современото родителство.
Стравот, медиумите и претераната претпазливост ги затворија децата во безбедни, но осамени домови.
Социјалните мрежи и видеоигрите ги заменија дворовите, но не донесоа блискост. Напротив, создадоа лажна слика за светот и за себеси. Повеќе од 70 отсто од момчињата редовно гледаат содржини што ја глорифицираат „машкоста без емоции“: сила, надмоќ, пари.
– Тоа создава ѕид – вели психологот Мајкл Роб. Момчињата почнуваат да веруваат дека покажувањето чувства е слабост, а молчењето знак на сила. Со текот на времето, тоа ги оддалечува од другите и од сопствените емоции.
Што можат да направат родителите?
Најважното што родителите можат да направат не е контрола, туку присуство.
– Децата имаат потреба од подобра опција од интернетот. Тоа значи заедничко време, искрен разговор, заеднички оброк – објаснува д-р Велес.
Едноставните моменти како прошетка без телефони, вечера со разговор или заедничка смеа, ги враќаат децата во вистинскиот живот.
Психолозите советуваат родителите да воведат правило без екрани во спалната соба и да одредат време без телефони барем еден час дневно. Наместо лутина за тоа што децата гледаат, препораката е пристапот: „Биди љубопитен, не лут“.
Прашајте го детето што гледа, како се чувствува додека гледа и што му значи тоа. Можеби тогаш првпат ќе чуете нешто искрено.
Детските психолози се согласуваат за едно: играта без телефон и времето поминато со други се најбрзиот лек против осаменоста. Затоа е важно децата повторно да ја имаат можноста што ја имаа генерациите пред нив: да бидат надвор, да грешат, да се смеат и да имаат вистински пријатели, не виртуелни.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.

