Македонија
„Прилепска пиварница“ реализира донација за Универзитетската клиника за урологија
„Прилепска пиварница“ денес ја реализира донацијата за Универзитетската клиника за урологија во Скопје преку набавка на медицинска опрема во согласност со потребите на клиниката во вкупна вредност од 400.000 денари.
„Прилепска пиварница“ во ноември преку својот бренд „Златен даб“ ја спроведе кампањата „Мовембер – на здравје, за машкото здравје“, со која се приклучи кон глобалното движење за подигнување на свесноста за поголема (редовна) грижа за машкото здравје.
Комуникацијата за кампањата „Мовембер“ се одвиваше преку специјално дизајнирани етикети на стаклените шишиња „златен даб“ директно ја таргетира машката популација и придонесе за подигнување на свесноста за вршење редовни прегледи и рана детекција на тешки заболувања. Во текот на кампањата „Прилепска пиварница“ од секое купено пиво „златен даб“ во стаклена амбалажа од 0,33 и 0,5 л одвојуваше одреден паричен износ наменет како донација што изнесува 400.000 денари.
„Во целиот свет ноември беше во знакот на машката популација и се одбележуваше со разни активности за подигнување на свеста за две чести заболувања кај мажите, какви што се ракот на тестисите и ракот на простатата, но и општо одржување на психофизичкото здравје на мажите. Симболично обележје на „Мовембер“ се мустаќите, а можевте да ги забележите и на етикетите на стаклената амбалажа на „златен даб“ 0,33 и 0,5 л. Задоволни сме што може да помогнеме и истовремено да поставиме позитивен пример за грижа и солидарност“, изјави Сашко Самарџиоски, генерален директор на „Прилепска пиварница“.
„Прилепска пиварница“ првпат оваа година се придружи на глобалната иницијатива за подигнување на свесноста за поголема грижа за целокупното машко здравје и апелира за редовна посета на лекар, вршење контроли и рано откривање тешки болести.
ПР-текст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

