Македонија
Прилепските социјалдемократи до градоначалникот Јовчески: Охрабри се и откажи се од купувањето службен автомобил
Ништо не може да го покрие катастрофалното (не)работење на Борче Јовчески, најлошиот градоначалник во историјата на Прилеп. Трите години од неговото, таканаречено, „менаџирање“ со градот и потрошените 70 милиони евра без да реализира ниту едно изборно ветување, значат тригодишен застој на сите општествени процеси во општина Прилеп, оценуваат од СДСМ Прилеп.
Според нив, безмилосното и непланско трошење на парите на граѓаните кулминирало со склучувањето договор за набавка на нов службен автомобил, по цена од, како што велат, фантастични 65.000 евра.
„Во услови кога големото мнозинство граѓани на Прилеп се соочува со проблеми од егзистенцијален карактер, бркањето луксузи со нивните пари е, најблаго речено, тежок безобразлук. Од тие причини, апелираме до градоначалникот Борче Јовчески да се откаже од намерата и да го поништи договорот за купување автомобил. Наместо за луксуз, Јовчески и ДПМНЕ овие средства можат да ги пренаменат за делумно исполнување на нивното изборно ветување – набавка на 10 патнички комбиња или помали превозни средства за пристап до сите делови на општината“.
Го потсетуваат Јовчески и ДПМНЕ на лошата состојба на возниот парк во прилепската Територијална противпожарна единица и неопходната потреба од набавка на ново противпожарно возило.
„Градоначалниче Јовчески, охрабри се и конечно направи нешто добро за градот и прилепчани – откажи се од купувањето луксузен службен автомобил“, му порачуваат од СДСМ Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

