Македонија
Прилеп го одбележа патронот на градот, свети Никола
Со одржувањето на празничната божествена литургија во црквата „Свето благовештение“, Општина Прилеп 13. пат го организира одбележувањето на градската слава Свети Никола. Празнувањето продолжи пред параклисот на свети Никола во центарот на градот, каде што се изврши водосвет и прережување на славскиот колач.
Обраќајќи се пред присутните граѓани, градоначалникот Јованоски рече дека чествувањето на градската слава е во духот на еднаквоста и хуманоста, дека годинава ќе се чествува на едно место, без поделби на избрани и обични граѓани.

„Ќе се дружиме овде во центарот на градот крај подготвената празнична трпеза, сите заедно. Ние сите сме граѓани на овој град. И правото и привилегијата да го чествуваат празникот ја има секој граѓанин еднакво. Во духот на патронот на Прилеп, свети Никола, кој е познат заштитник на морнарите, на сиромашните, Општина Прилеп својата грижа ја насочи кон граѓаните со ретки болести. Средствата што ќе бидат собрани од традиционалниот хуманитарен светиниколски турнир во мал фудбал ќе им бидат доделени на нашите граѓани, деца со ретки болести, меѓу нив и на оние со цистична фиброза. Општина Прилеп годинава е иницијатор и на хуманитарната акција ‘Подај рака – биди човек’, што ја реализираа волонтерите од здружението ‘Епилепсија Македонија’ и од општинската организација на Црвениот крст. Донациите од граѓаните во неколкуте маркети во градот беа спакувани и со помош на стручните служби на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа овие хуманитарни пакети веќе се наоѓаат во 11 семејства, кои се соочуваат со сериозни социјални проблеми“, изјави градоначалникот Јованоски.
Домаќин на годинешното чествување беше семејството на градоначалникот, кое за посетителите подготви посна трпеза, со традиционалните светиниколски сарми, грав, посни специјалитети и пијалаци.

Виолета Јованоска, сопругата на градоначалникот Јованоски, напомена дека Свети Никола е и нивна семејна слава, која денеска се прославува во име на заедништвото, со подадена рака и чисто срце.
Во име на идните домаќини на градската слава, семејството Небрежанец, на присутните им се обрати Кирил Небрежанец, кој го истакна задоволството од укажаната чест.
„Честита слава на целата општина. Честита слава на фамилијата Јованоски, благодарам што ја добив честа јас и моето семејство да го имаме кумството за 2019 година“, изјави новиот домаќин Кирил Небрежанец.
Митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар, рече дека пораката што денеска ја испраќа до присутните е да го следиме примерот на свети Никола, патрон и заштитник на општина Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска се обрати на свечена академија по повод 105 години од основањето на Филозофскиот факултет во Скопје
105 години Филозофски факултет значат повеќе од еден век умствен и духовен раст, традиција, научна извонредност и општествено созревање. Тоа е наследство што мора да го чуваме и да го негуваме. Верувам дека оваа институција и понатаму ќе биде водилка на општествената и на хуманистичката мисла, бранител на критичноста и чувар на академската слобода, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на свечената академија со која високообразовната установа го одбележа големиот јубилеј.
„Факултетот не придонесува во развојот на државата само преку образованието и науката, туку и преку својата силна стратешка улога во креирањето на националните политики. Тука се раѓале концепти и научни согледувања што го обликувале образовниот систем, културните политики, социјалните институции и многу од современите професионални практики во државата. И во овој период, Филозофскиот факултет е активно вклучен во изработката на клучни национални стратегии“, рече Јаневска изразувајќи благодарност до сите поранешни и активни професори, истражувачи и вработени на факултетот за нивната посветеност, научен придонес и визија за општеството.

Министерката потенцираше дека иако по однос на неколку теми за време на нејзиниот мандат, ставовите на МОН и факултетот се разликувале, токму таквите јавни дискусии доведуваат до креирање на најдобрите решенија за обезбедување на поквалитетно национално образование. Очекува, како што рече, Филозофскиот факултет да остане меѓу најсилните партнери на државата кои отвораат пат кон нови образовни подвизи.
Јаневска изрази уверување дека буџетот за образование ќе продолжи да се зголемува, а со тоа ќе се зголемува и поддршката за развој на високото образование и науката.
„Држава која вложува во високото образование вложува во сопствената иднина – ја јакне својата конкурентност, го унапредува демократскиот капацитет и го поттикнува општествениот развој. Продолжуваме да креираме политики што обезбедуваат автономија, дигитализирани процеси, подобра научна инфраструктура и поддршка за младите истражувачи“, рече министерката.

Освен Јаневска, на свечената академија се обратија и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески кои се согласија дека академскиот простор мора да остане место каде знаењето се претвора во визија, а визијата во општествена вредност.
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
Магла во утринските часови, сончево со умерена облачност преку ден
Во утринските часови наместа ќе има појава на магла, а во текот на денот сончево со умерена облачност и претежно тивко. Во северозападните делови повремено ќе има зголемена облачност со услови за слаб дожд.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде умерено до значително облачно и претежно тивко.
Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува периодот стабилно и претежно тивко време. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини ќе има појава на магла

