Македонија
Пристигна косовската делегација за заедничката седница на двете влади
Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, денеска е домаќин на Владата на Република Косово, која во полн состав пристигна во Скопје, предводена од премиерот Албин Курти, по повод одржувањето на заедничката меѓувладина седница.
Премиерот Зоран Заев го пречека својот колега Албин Курти на платото пред Владата на Република Северна Македонија, каде што во присуство на членовите на двете влади се одржа церемонијата на пречек со највисоки воено-државни почести.

Претседателите на владите на двете земји потоа се повлекоа на тет-а-тет средба во кабинетот на премиерот Зоран Заев, а министрите до почетокот на заедничката седница одржаа повеќе билатерални средби.
На заедничката седница ќе бидат потпишани договори и меморандуми за инфраструктурното поврзување на двете земји за олеснување и унапредување на економската соработка и комуникација, како и други меморандуми и програми, кои опфаќаат соработка на меѓугранични проекти со поддршка на ИПА-програмите на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, како и на планот на туризмот, културата и унапредување на заедничките иницијативи во иновациите и технолошкиот развој.
Заедничката седница на двете влади доаѓа како потврда за одличните пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово во насока надградување на заемните интереси на двете земји и за споделувањето на заедничките определби за поинтензивна регионална соработка, велат од Владата.
Работниот дел од посетата на Владата на Република Косово на нашата земја ќе заврши со заедничка прес-конференција на премиерите Зоран Заев и Албин Курти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

