Македонија
Проглас за семакедонско обединување: Албанската влада да ги заштити македонските права од бугарската агресија за денационализација и асимилација
Некогашниот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, во името на Друштво Преспа, објави проглас со повик за семакедонско помирување и обединување во Албанија за одбрана на идентитетот на Македонскиот народ – името, јазикот, културата, историјата и територијата. До албанската Влада се апелира да ги заштити македонските права и слободи во Албанија од бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Бугари.
Прогласлот во продолжение го пренесуваме во целост:
Соочени со агресијата на бугарската асимилација на Македонците во Албанија, свесни за последиците на антимакедонизмот на Софија во Албанија, потврдуваме проглас за семакедонско помирување и обединување во Албанија.
(1) Повикуваме на семакедонско помирување и обединување во Албанија за одбрана на идентитетот на Македонскиот народ – името, јазикот, културата, историјата и територијата, затоа што единствени сме посилни од сечија агресија и обиди за денационализација и асимилација.
(2) Ги отфрламе пописните резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври па продолжен до 16 ноември 2023 година и ги сметаме за груб фалсификат, бидејќи не ја отсликуваат реалната бројка на етничките Македонци во Албанија.
Изразуваме загриженост од објавата на Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) дека во Албанија живеат 2.281 “Северномакедонци”, иако на пописот во 2011 година биле регистрирани (ни тогаш прифатливи) 5.512 Македонци.
За груб пописен фалсификат ја сметаме објавената бројка од 7.957 “Бугари” во Албанија, повеќе од пописот во Македонија во 2021 година – 3.504.
И натаму тврдиме дека, во Албанија “етнички Бугари“ нема, во ниту еден попис од 1912 до 2023 година не постои макар и еден “Бугарин” на целата територија на Албанија!
(3) Најостро ја осудуваме употребата на терминот “северномакедонци“ од Институтот за статистика и употребата на име на земја како супститут за Македонската етничка заедница во Албанија која веќе е призната во Законот за заштита на националните малцинства во Албанија од 2019 година.
(4) Бараме градоначалникот на општина Пустец и Македонците во Албанија да ги отфрлаат сите посети и секоја материјална помош од бугарскиот амбасадор во Тирана, Владата во Софија и разни бугарски фондации, затоа што Бугарија тоа го прави да прикаже пред светот дека Македонците се Бугари во Албанија.
(5) Етеничките Македонци се лојални албански државјани и претставуваат неотуѓив, нераскинлив и неостапен дел од Македонскиот народ како носител на државноста во Македонија.
(6) Со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен содржател. Со Македонија не’ има, без Македонија сите заедно ќе не снема!Македонија е нашата матична држава.
(7) Бараме вонреден изборен конгрес на единствената македонска партија во Албанија – Македонска алијанса за европска интеграција за сите органи на сите нивоа, заради кадровска консолидација и единство на сите во одбраната на македонскиот идентитет – името, јазикот, културата и историјата на Македонскиот народ на целата територија на Албанија.
(8}Апелираме до Албанската Влада да ги заштити македонските права и слободи во Албанија од бугарската агресија за денационализација и асимилација на Македонците во Бугари. Бараме одговорност од Владата на Албанија, затоа што овозможи бугарската амбасада во Тирана и бугарската влада во Софија грубо да се мешаат во внатрешните работи на Албанија за време на одржувањето на пописот со поткуп и делење бугарски пасоши во населените места каде живеат Македонци во Албанија!.
9) Ја повикуваме Владата на Македонија на грижа за правата и слободите и положбата на Македонската заедница во Албанија.
(10) Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, давајќи им бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради лошата економска ситуациа во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се “Бугари”.
(11) Изразуваме подготвеност сами да организираме неформален попис на Македонците во Албанија, поради недовербата во Институтот за статистика на Албанија.
(12) Ги повикуваме на единство сите Македонци од Албанија кои живеат и работат во светот заради одбрана на македонскиот идентитет во Албанија пред институциите на власта во Албанија и Македонија и пред меѓународните органзиаци за човекои и граѓанските права и слободи.
(13) Овој Проглас ќе го потпишат сите заинтересирани страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

