Македонија
Продолжуваат преговорите за името во Њујорк

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, денеска во Њујорк треба да ги продолжат разговорите со медијаторот на Обединетите нации за спорот со името, Метју Нимиц. Се очекува средбата да започне во 9 и 30 часот по локално време, односно во 15 и 30 часот по македонско време.
По средбата се очекува министрите да дадат изјави. Тоа што е познато е дека Македонија во оваа рунда преговори замина со предлогот за Република Илинденска Македонија кој на јавноста ѝ го претстави премиерот Зоран Заев по средбата со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Софија. Овој предлог, сепак, според пишувањата на грчките медиуми, не е прифатлив за Грција која упорно бара име со временска или географска одредница. Грција, исто така, порача дека ќе преговара само врз основа на четирите предлози на Нимиц: Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предлог-закон за формирање на инспекторат за грбот, знамето и химната

На денешната собраниска прес-конференција Портпаролот и пратеник на политичката партија, Левица – Амар Мециновиќ го најави Законот за инспекторат за државни инсигнии, со којшто, како што рече, се гарантира почитувањето на грбот, знамето и химната на Република Македонија, како и на симболите на етничките заедници.
„Веќе 27 години постои Закон за употреба на државното знаме и грб, но овој закон нема орган којшто го спроведува. Исто така, постои и Закон за знамињата на заедниците и тој закон пропишува глоби, но нема институција која ги изрекува тие глоби. Практично, имаме мртво слово на хартија,“ рече Мециновиќ на собраниската прес-конференција.
Како главен мотив за донесување на овој закон од партијата го наведуваат честото непочитување на државните инсигнии, и провокациите кои предизвикуваат меѓуетничка нетрпеливост и тензии, додека државата останува со врзани раце, без можност да изрече казна, за непочитување на постоечките закони или сквернавање на државни инсигнии.
Од партијата соопштија дека со овој предлог закон, Инспекторатот за инсигнии ќе биде сместен во рамки на Министерството за правда, а инспекторатот ќе има право да врши надзор како на институциите, така и на правните и физички лица.
Македонија
За еден ден казнети 968 возачи

За еден ден, полицијата вчера казни 968 возачи и пешаци.
МВР информира дека во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, вчера биле издадени 968 платни налози. Од нив, поради непочитување на пропишаната брзина на движење беа изречени 636 платни налози, а за неправилно паркирање 57. Санкционирани се и 29 прекршоци заради некористење сигурносен појас, а 11 за користење мобилен телефон.
Вчера се откриени и санкционирани и 81 лице поради непоседување возачка дозвола, а 27 возачи управувале возило под дејство на алкохол. Согласно пак одредбите од Законот за возила – четири возила се исклучени од сообраќај заради техничка неисправност, а 21 возило затоа тоа што не биле со валидна регистрација.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните сите да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта“, велат од МВР.
Македонија
Мицкоски: Државата беше во слободно паѓање, ни требаше стабилизација во оваа прва година

Премиерот, Христијан Мицкоски, на денешниот Самит 2025 во организација на „Македонија 2025“ истакна дека првиот ден од стапување на функцијата се соочил со многу предизвици, но како што рече испорачуваат резултати за подобар живот за граѓаните.
„Нешто повеќе од 10 месеци од формирањето на новата Влада, некаде околу 1 година од завршување на изборите, период кој би рекол полн со предизвици, период во кој што сите заедно учевме работи кои за прв пат ни се случуваа, не само на нас, туку и на граѓаните во целина. Период во кој што ако треба да дадам прецизен одговор на тоа дали тоа што го затекнавме првиот работен ден беше согласно нашите очекувања, тогаш би рекол дека сме биле оптимисти. Но, не би сакал сето тоа сега да се претвори во озборување на тоа што било порано. Едноставно предизвиците беа големи, сметката на Владата беше негативна, дури би рекол во пост-конфликтна во 2002 година таа беше позитивна, овој пат се случи да биде негативна. Ако тоа го прикажеме со бројки некаде 12 милијарди денари, или 200 милиони евра и секој ден имавме нови непријатни изненадувања, за волја на вистината имаме сеуште. Но, тоа е наш проблем. Јас сум свесен дека луѓето имаат очекувања сега и веднаш за многу работи да се случат, и тоа е природно. Повеќе од 3 децении премногу ветувања, но многу малку испорака. Треба ние да работиме затоа што резултатите веќе доаѓаат“, кажа премиерот Мицкоски.
На прашањето што било најтешко со кое што се соочил од почетокот на мандатот, Мицкоски посочи дека тоа било несреќата во Кочани, за која како што рече тоа е најтешкиот ден во неговиот живот.
„Во политичка смисла беше оној ужасен настан кој се случи во Кочани. Најтешкиот ден во мојот живот. Се сеќавам тоа утро некаде три ипол беше кога човек тропаше на врата во мојот дом, тоа беше човек од обезбедувањето на министерот за внатрешни работи, бидејќи не го гледав телефонот. Веднаш се со земав и прво што направив ги повикав луѓето од мојот тим да се упатиме во Кочани, некаде 5 часот наутро пристигнавме. Таму беше веќе министерот за внатрешни работи, бевме потоа и во полициската станица. Се сеќавам дека во целата таа ситуација логично е како човек да реагирате и да се создадат големи емоции, но треба да се носат одлуки. Доаѓаше помош од секаде, посебно од регионот, а знаете ние за жал немаме брилијантни односи со соседите, би рекол со еден од соседите и тогаш кога треба да носите одлука, треба да водите сметка за сите последици кои што можат да настанат. А од друга страна дел од медицинските лица ви велат, пациенти во така тешка состојба не се за транспортирање. На моето прашање добро што ни е опцијата, ни рекоа опцијата е ние да ги негуваме, и најверојатно ќе имаме и други жртви од денеска, бидејќи првите 72 часа се најкритични“, вели премиерот Мицкоски.
Мицкоски истакна дека повеќе од 200 пациенти биле транспортирани во други центри за нега, потенцирајќи дека Владата ќе продолжи со помош и поддршка на семејствата и упати благодарност до сите кои биле вклучени во помошта.
Во однос на економските политики Мицкоски нагласи дека во суштина потребно беше стабилизација на државата во оваа прва година, затоа што државата беше во слободно паѓање.
„Во суштина нас ни требаше стабилизација на државата во оваа прва година, затоа што државата беше во слободно паѓање. Кога некој ќе каже не функционираат институциите, јас би рекол немавме институции. И кога се наоѓате во една таква состојба вие прво што треба да направите е тој слободен пад да го сопрете. Не можете вие да бидете преамбициозен, нелогично и нереално доколку се соочувате со основни, суштински проблеми. Ние имаме основни суштински егзистенцијални проблеми кои што се резултат на политики и однесување со децении. И затоа нашата стратегија беше ајде да го запреме слободното паѓање, па потоа да се обидеме да дојдеме до состојба нула, па дури потоа да почнеме да размислуваме на суштински покрупни реформи кои што можат да додадат вредност. И јас мислам дека од тоа што го предвидовме, успеавме да дојдеме до состојба нула или доаѓаме до состојба нула, иако мислевме дека ќе ни треба можеби повеќе од година и половина до две, ценам дека овие перформанси и параметри кои како индикатори се појавуваат, веќе укажуваат на тоа дека доаѓаме до состојба нула, за да можеме потоа да ги развиваме сите параметри кои што планираме да ги развиваме. Главен инпут ни беше да видиме која е нашата стратешка предност, виз-а-ви околните држави, но и генерално што е стратешката предност на Македонија како држава во споредба со другите европски држави.
Сакам да кажам дека нашата економија има голем потенцијал и јас сум убеден дека и во овој момент ние сме со перформанси многу пред сите други. Ќе ве потсетам Светска банка предвидуваше за 2024 година дека ќе имаме раст на БДП од 1,8 проценти. Морам да кажам дека беа песимисти, сепак можеби требаше да дадат шанса да бидат поголеми оптимисти. Ние имавме 2,8 проценти, што не е доволно, но доволно е затоа што во третиот и четвртиот квартал бележиме стапка на раст од над 3 проценти, а за првиот квартал од оваа година имајќи ги предвид првичните индикатори, индустриското производство, туризмот и останатото, не би се изненадил ако имаме околу 3 и пол и 4 проценти, што ќе претставува раст на БДП еден од водечките во Европа“, дециден е Мицкоски.