Македонија
Продолжува судењето за „Талир“

Во Кривичниот суд во Скопје треба да продолжи судењето за предметот „Талир“ на специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Минатото рочиште беше одложено на барање на одбраната, поради отсуство на обвинетиот Леко Ристоски.
Првото рочиште за случајот „Талир“ се одржа на 18 февруари годинава, но судскиот процес сè уште се наоѓа на почеток и веќе неколку месеци се одложува поради неприсуство на некој од обвинетите или Судскиот совет, но и менување на бранителите и застапниците на ВМРО-ДПМНЕ, како и барање за автентично толкување на став од Законот за СЈО.
Застапник на обвинението е Ленче Ристевска од СЈО.
Во случајот „Талир“ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и перење пари, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото перење пари. За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и ВМРО-ДПМНЕ.
На Елизабета Чингаровска нема да ѝ се суди бидејќи таа се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години, која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.
Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Чад се шири од неколку места во подножјето на Скопска Црна Гора, Ангелов смирува: Нема опасност за куќите во Чучер
Големи облаци чад се шират од неколку места во подножјето на Скопска Црна Гора. Забележливи се и од градските улици во Скопје, но сосема јасно се гледа каде чади од скопската обиколница, посебно од делот кај Волково.
Освен пожарот кој избувна синоќа над магистралниот пат кон Блаце во близина на Скопје, чад се крева од повисоки делови.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојаче Ангелов, попладневно од Чучер-Сандево испрати видеопорака во која вели дека нема опасност за куќите.
„Се наоѓаме веднаш над селото Чучер кое што е делумно загрозено од пожарот што избувна вчера во попладневните часови, но во овој момент, од она што можам да го видам нема реална опасност по околните куќи иако има неколку куќи кои се буквално во шума. Благодарение на храбрите локални жители и благодарение на две екипи на скопската Бригада за противпожарна заштита и една екипа на Национални шуми, во овој момент нема опасност за селото и нема потреба за ширење паника. Паниката не ни помага“, рече директорот Англеов.
Тој се заблагодари на локалното население кое активно се вклучило во гасењето на пожарот покрај пожарникарите. Кажа дека манастирот Св. Никита, за кој на социјалните медиуми се ширеа вести дека е загрозен, е далеку од огнот. Ангелов вели дека дури и да почне да се шири огнот натака, ќе му требаат неколку часа за да стигне до манастирот, а на терен има и пожарникари и локално население.
„Пред малку беше ужасно, сега моментално е малку смирено. Моментално нема опасност за селото. Опасно беше над манастирот и во регионот каде што се викендиците“, вели локалецот Љубиша Стојковски кој го гаснел пожарот.
Додека тие зборуваа се слушнаа неколку експлозии за кои Стојковски објасни дека доаѓаат од сртот на планината каде што е забрането да одат луѓе.
Се уште се шири и пожарот кај Блаце кој избувна вчера, а попладнево Министерството за внатрешни работи целосно го сопре сообраќајот во делот Стенковец – граничен премин Блаце и го затвори граничниот премин.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со независни советници: реафирмирана потребата од постигнување широк консензус за измените на Изборниот законик

Независните советници сметаат дека со актуелните измени на Изборниот законик коишто предвидуваат обврска за собирање повеќе од 1% потписи од електоратот за поднесување независни кандидатски листи во некои општини, се доведуваат во нерамноправна положба во изборниот процес.
За нив, горенаведените измени се противуставни како од процедурален заради скратената постапка, така и од материјален аспект заради дискриминацијата.
Тие очекуваат од пратениците законско решение што ќе води сметка за уставно загарантираната еднаквост на пасивното и активното избирачко право на секој граѓанин, поттикнување на политичкиот плурализам и овозможување фер и демократски избори.
Претседателката ја реафирмираше потребата од инклузивна постапка во функција на постигнување широк консензус за измените на Изборниот законик, почитување на меѓународните изборни принципи, правила и добри практики, како и водење сметка за одлуките на Уставниот суд.
Македонија
Поради пожар, целосно прекинат сообраќајот кон граничниот премин Блаце

Министерството за внатрешни работи известува дека поради ширењето на пожарот во близина на Блаце, целосно е прекинат сообраќајот на патниот правец Стенковец-ГП Блаце, во двата правци, а затворен е и граничниот премин Блаце.
„Министерството за внатрешни работи во координација со другите надлежни институции презема мерки за гасење на пожарот“.
Апелираат до граѓаните да не тргнуваат кон ГП Блаце до гасењето на пожарот и нормализирање на сообраќајот, за што соодветно ќе ја информираат јавноста.