Македонија
Променливо време со температури до 13 степени
Времето денеска претпладне во поголем дел од земјата ќе биде сончево со мала облачност, а во западните делови умерено до значително облачно.
Попладне облачноста ќе се зголеми и во останатите делови, а во текот на ноќта кон недела во крајните западни делови ќе има слаби локални врнежи од дожд и снег.
Во источните делови ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Максималната температура ќе достигне од 4 до 13 Целзиусови степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена, а попладне и значителна облачност. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Максималната температура ќе достигне 6 степени.
В недела ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Претпладне ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а попладне од јужен правец. В понеделник попладне ќе има врнежи од дожд, а на планините од снег. Во текот на ноќта кон вторник врнежите ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Се очекува пообилни да бидат во западните делови. Температурите во следните денови ќе бидат повисоки, освен во вторник кога ќе дува засилен северен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Власта повторно го одби амандманот за изградба на домови за стари лица
На денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, образложи амандман за грижата за старите лица.
Амандманот беше со цел да се наменат средства со што би можеле да се изградат најмалку три државни домови онаму каде што потребата е најголема.
Тој предупреди дека државата целосно го запоставила овој сегмент на социјалната заштита.
„Државните домови имаат само 600 сместувачки капацитети, додека приватните имаат двојно повеќе – 1.200. Луѓето практично немаат избор, освен да посегнат по приватните домови, а пензионерите тоа едноставно не можат да си го дозволат,“ рече пратеникот од Левица.
Листите на чекање се долги, а времето за чекање е од пет до седум години.
„За човек над 65 години, тоа не е малку. Во меѓувреме може и да почине пред воопшто да добие сместување,“ додаде тој.
Исмаил потсети и на европските стандарди, според кои треба да има 20–30 легла на 1.000 стари лица, додека Македонија е далеку под минимумот.
„Оваа јавна услуга постои само на хартија. Ако не почнеме да создаваме капацитети сега, со забрзаното стареење на населението ќе западнеме во уште полоша состојба, со уште подолги листи, уште подолго чекање и уште помалку достоинствена грижа,“ предупреди тој.
Иако проблемот е драматичен, власта сè уште не дава образложение зошто не го прифаќа овој амандманот.
„Доколку овој амандман не се прифати, очекувам барем објаснување од министерот,“ побара Хактан, нагласувајќи дека грижата за старите лица мора да биде во приоритетите, а не заборавена ставка во буџетот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Шпанија е принципиелен поддржувач на македонските евроинтеграции
Шпанија е наш важен партнер во НАТО, ООН и ОБСЕ и принципиелен поддржувач на македонските аспирации за членство во ЕУ, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на денешната средба со делегацијата на Комисијата за надворешна политика од Сенатот на Кралството Шпанија, во придружба на амбасадорот Рафаел Сориано Ортиз.
Ја поздрави посетата, оценувајќи ја како пресвртница во шпанско-македонските односи преку обнова и интензивирање на меѓупарламентарната соработка.
Сиљановска-Давкова укажа на потребата од создавање на мешовита Група пријатели во шпанскиот Сенат и Конгрес.
Таа препознава недоволно искористен потенцијал за економска соработка којашто може да се регулира со билатерален договор.
Претседателката детално ги образложи државните ставови по однос на интегративниот процес во ЕУ, реафирмирајќи ја посветеноста на земјата на исполнувањето на Копенхагенските критериуми.
Претставниците на шпанскиот Сенат се заблагодарија за разговорот и изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката, како и поддршка во евроинтеграцијата.
Македонија
Деблокиран процесот за клучката кај Момин Поток – продолжува изградбата со забрзано темпо
Град Скопје информира дека е деблокиран процесот за клучката кај Момин Поток и дека градежните активности продолжуваат со забрзана динамика. По период на застој, продолжува реализацијата на една од најважните сообраќајни точки во градот, каде се пресекуваат неколку клучни правци.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека по неколкумесечен застој, повторно се работи на проектот кој се смета за една од најстратешките точки во Скопје.
Во тек е изградбата на атмосферскиот канализациски систем Ф1200 на булеварот „Никола Карев“, во должина од 550 метри – од мостот над Серава до булеварот „Словенија“.
Паралелно, на истиот булевар се гради нов мост над Серава, кој ќе премостува три ленти во едната насока и четири во другата, со вкупна ширина од 44 метри.
Се подготвува и надвозник долг 43,5 метри до булеварот „8 Септември“, кој ќе биде премостен од булеварот „Никола Карев“ и ќе го поврзе кружниот тек со турбо кружниот тек.
Од Град Скопје наведуваат дека дел од активностите се изведувале во сложени услови поради густ сообраќај и нерешени имотно-правни односи, но дека процесот е деблокиран и динамиката на работа се забрзува.
Според најавите, оваа сообраќајна спојка ќе донесе олеснување за илјадници граѓани преку побрз проток, намалување на метежот и современ пристап до градот.

