Македонија
Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со засилен ветер и појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена. УВ=7
Во Скопје, се очекува променливо облачно и нестабилно време со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер, особено до пладневните часови.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 31 степен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тренчевска до Дурмиши: Кој ќе одговара за доцнењето на платите и непочитувањето на законските обврски

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска во рамките на собраниската седница посветенa на пратенички прашања упати прашање до министерот економија и труд Бесар Дурмиши, во врска со неисплатените плати на вработените министерство за економија и труд, државниот пазарен инспекторат и државниот трудов инспекторат.
„Министре дали сте свесни дека поради вашата неспособност и неспособноста на Владата на ДПМНЕ, всушност сé излезе на виделина. Илјадници вработени, меѓу кои и вработените во министерство за економија и труд, државниот пазарен инспекторат, државниот трудов инспекторат ги оставивте без плата.
Ова не е административен пропуст, министре, ова е неспособност, ваша неспособност и неспособност на владата, но ова е и кршење на законските права на работниците, понижување на нивното достоинство, за што треба да има одговорност.
Додека вие како функционери во владата уживате во луксузи со папаја и манго, работниците се оставени без плата и без основна егзистенција и тоа е тотална незаинтересираност на власта за граѓаните, за вработените, за македонскиот народ“.
Да оставите луѓе без здравствено осигурување и без плата по повеќе од два месеци, оценува Тренчевска, навистина е нешто за коешто треба да има одговорност.
„И затоа, министре, сакам да ги одговорите кога ќе биде исплатата на платата на овие три институции и дали конечно ќе се реши хаосот, којшто го предизвикавте со измените на ЗОРОДУ и со спојувањето на инспекторатите во министерството за економија и труд и дали вакви случаи ќе има понатаму и дали ќе има одговрност за доцнењето и непочитувањето на законските обврски за исплата на плата во 15-ти во месецот“.
Ја повика и трудовата инспекција да направи надзор во министертвото за економија и труд.
„Како што поднесуваат кривични пријави за други работодавачи за неисплатени плати да поднесат кривична пријава и за министерот за економија и труд, затоа што неисплатата сега на платата не ви е прв пат, имаше, како што спомнав, неисплатување на плата и во јануари, исплата на плата за декември тек во февруари, па така согласно член 166 од Кривичниот закон, како што трудовата испекција поднесува кривични пријави за други работодавачи коишто не го почитуваат ова основно право на работникот за исплата на плата да поднесе кривична пријава и до министерот за економија и труд“, кажа Тренчевска.
Македонија
Николоски-Нокс: Македонија ги исполнува реформските процеси и ја развива регионалната соработка

Македонија ги исполнува реформските процеси и дава сериозен придонес кон регионалниот развој, потенцираше вицепремиерот Александар Николоски на средбата со Медлин Нокс, директор за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи на Обединетото Кралство.
Политичките и економските односи меѓу зeмјите од Западен Балкан се во постојан напредок, а Македонија има значајна улога за развојот на таквите односи, истакна Николоски. Мерките и политиките што ги реализира Владата се во насока на намалување на трговските бариери, зголемување на трговијата и конкурентноста на економиите во земјите од Западен Балкан, додаде тој.
Вицепремиерот Николоски уште еднаш го потенцира стратешкото пријателство меѓу Македонија и Обединетото Кралство и подршката што и се овозможува на земјата кон нејзиниот развој.
На средбата се разговараше и за зацврстување на економската соработка, можноста за нови инвестиции и соработка на двете земји во сектори од заеднички интерес.
Македонија и Обединетото Кралство негуваат добри пријателски односи, се согласија и двете страни, со заложба таквото партнерство да се зацврстува преку конкретни процеси и проекти.
Македонија
(Видео) Тренчевска побара оставка од Таравари: Знаете ли што се случува во здравството, или поважни ви беа калкулациите за локалните избори и прашањата за химната и грбот

Пратеничката на СДСМ Јована Тренчевска од собраниската говорница, во рамките на седницата за пратенички прашања упати прашање до министерот за здравство Арбен Таравари, во врска со бројните скандали во здравството и здравствениот систем кој, како што оцени е пример за хаос, неизвесност и страдање на пациентите.
„Наместо функционален и стабилен здравствен систем, столб на сигурност, нашиот здравствен систем е пример за хаос, неизвесност и страдање на пациентите.
За 10 месеци оваа Влада и министерот за здравство Таравари, го доведоа до степен на „тешко болен пациент, на кој му нема спас“. Секој сектор од здравството е метастазиран од неспособноста и негрижата на власта, а граѓаните со здравјето го плаќаат цехот“, вели Тренчевска.
Наместо систем кој треба да се грижи за здравјето на граѓаните и да лекува, имаме систем, додава Тренчевска, кој го става во ризик животот на луѓето, систем кој убива.
„Министре Таравари, поважни ви беа бизнис интересите отколку вистинските инвестиции во интерес на граѓаните. Единствениот проект што го најавивте е најкриминалниот и скандалозен тендер за паркингот на клинички со компанијата Ѓока. Наместо реформи и подобри здравствени услуги, сведоци сме на тотален хаос, хуманитарни катастрофи, кои за жал станаа секојдневие. Речиси и да нема клиника која не се соочува со некаков проблем, дали е тоа терапија, опрема, персонал. Нема пациент кој не минува низ голгота кога му е потребна здравствена помош“.
Го праша Таравари дали знае што се случува во здравството.
„Или периодов поважни ви беа калкулациите за локалните избори и решавањето на наводно отворените прашања за химната и грбот, а дури потоа фокусирање на проблемите како економијата, платите и здравството. Тоа е доказ за вашата, а и на целата Влада, незаинтересираност и рамнодушност кон сопствениот народ. За оваа хуманитарна катастрофа мора да има одговорност.
Моето прашање до вас министре Таравари е: Дали чувствувате одговорност за голготата што ја поминуваат пациентите заради нефункционалниот здравствен систем и дали ќе си поднесете оставка за сите скандали во здравството“, го праша Тренчевска Таравари.