Македонија
Променливо облачно и посвежо, на повеќе места нестабилно со врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно и посвежо, на повеќе места нестабилно со врнежи од дожд и појава на грмежи. Врнежите наместа ќе бидат поројни, особено во западните и централните делови, локално во форма на невреме. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен и северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 23 до 38 степени.
Во Скопје променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Од вторник времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со просечни температури за овој период од годината. Претежно во јужните делови ќе има услови за слаб локален дожд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јанчев: Ако може за пратениците плата до 5-ти, тогаш може и за работниците – власта го одби и овој предлог на Левица

На вчерашната седница на Собранието, покрај Предлог-законот на партијата Левица за зголемување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци, којшто беше одбиен, на Дневен ред се најде и уште еден предлог на Левица – за исплата на платите до петти наместо до петнаести наредниот месец.
„Ако може за нас, пратениците, платата да се исплаќа до петти во месецот – тогаш треба и за сите останати кои нѐ избрале да им се исплаќа до петти“, потенцираше Јанчев од Левица во своето излагање.
„На банките не им е грижа дали луѓето кои отплаќаат рати за кредити земаат плата на 15-ти во месецот или подоцна – парите за рата мораат да легнат на банкарските сметки без разлика дали некој зел плата или не. Имајќи предвид дека во Македонија е тешко да се заштеди дел од претходната плата – граѓаните се ставаат во неповолна ситуација и неретко мораат да се задолжуваат“, образложи пратеникот.
„Исто така, сопствениците на становите, при наплата на кирии, не ги интересира дали платата се исплаќа на 15 или 20 во месецот. Дополнително, и роковите на некои месечни сметки за тековни трошоци не се поклопуваат со земањето на платата доцна во месецот, па така, неретко на сметките се појавува и заостанат долг и се засметува камата на истиот“, истакна Јанчев.
Ниту овој предлог на пратеничката група на Левица владејачкото мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ не го гласаше и истиот не помина, велат од партијата Левица.
Македонија
Македонија влегува на светските карти за планинарски патеки

Проектот Македонска Бесконечна Трансверзала, познат и под уметничкото име Sammiana се развива со брзо темпо и веќе оваа година се очекуваат и првите странски планинари.
Целото источно крило во должина од 1166км е веќе дигитално мапирано со сите потребни информации за трасата на оваа наша мега планинарска патека.
Она што е можеби најважно е сепак тоа дека четири секции од источното крило веќе се дел од светската Open Street Map, односно истите веќе се наоѓаат на сите популарни апликации кои ги користат планинарите од целиот свет. Со ова Македонија се вброи на списокот на земји со понуда за долгометражно пешачење и планинарење, односно конечно почнува да се искористува потенцијалот на она што Македонија може да го понуди.
Во југоисточниот регион низ кој поминуваат втората, третата и четвртата секција од источното крило веќе се и теренски маркирани скоро 300км од трансверзалата, додека во останатиот дел од источното крило има маркирани околу 80км од патеката. Со зголемување на температурите ќе се зголеми и темпото на маркирање и целта е до крајот на оваа година целото источно крило освен дигитално да биде маркирано и теренски – ни изјави Гоце Монев, координатор на југоисточниот реон на Асоцијацијата Македонска Бесконечна Трансверзала која го развива овој проект.
Најголемиот предизвик при маркирањето со кој се соочува асоцијацијата е како што се очекуваше – дивата, а на некои места и легалната сеча на шумите, што води кон уништување не само на маркациите туку и на самата патека.
Се очекува до крајот на оваа година да биде комплетирано и дигитално мапирано и целото западно крило во должина од 870км, со што ќе се комплетира целата трансверзала со вкупна должина од 2070км, најдолга на балканот и една од најдолгите во Европа и светот.
Секоја секција по една трансверзала
Секоја секција од Македонската Бесконечна Трансверзала е воедно и посебна трансверзала сама по себе, па така на светската Open Street мапа веќе се трансверзалите I1- Партизанска, I2 – Јужна Македонска , I3 – Спили и водопади и I4 – Источна Македонска во вкупна должина од 708км. Во следниве месеци на OSM мапите ќе бидат мапирани и I5-Осоговска, I6 – Славишка и I7 – Историска трансверзала.
Европски патеки
Европските патеки Е1 – Е12 се мрежа на долги пешачки патеки кои поминуваат на територијата на цела Европа
Со самото комплетирање се создаваат услови еден огранок од трансверзалата да стане дел од официјалните европски патеки, поточно дел од рутата Е7 која започнува од Португалија и води преку Шпанија, Франција, Италија, Словенија, Унгарија и во моментов завршува во Србија поточно на нашата северна граница . Дополнително, во иднина ќе може многу лесно, преку кратки странични патеки да се поврземе и со европските патеки Е4 која поминува низ Бугарија и Е6 во северна Грција.
Голем бенефит за руралниот туризам
Со овој проект Македонија ќе стане примамлива дестинација за сите планинари од целиот свет кои се љубители на трансверзалното планинарење, каде планинарите поминуваат од неколку дена до неколку месеци поминувајќи одредена подолга патека.
Овој тип на туристи се задржуваат многу подолго , што значи голем бенефит за македонскиот туризам и економија, а посебно за развој на средините низ кои поминува трансверзалата. Земајќи во обзир дека посетителите се движат пред се во руралните предели на земјата, каде ги вршат своите набавки и ги користат услугите на локалната заедница, повеќе од очигледни се придобивките за овие подрачја и нивниот развој.
Што е всушност Македонска Бесконечна Трансверзала?
Македонска Бесконечна Трансферзала ( кодно/уметничко име Sammiana ) е мега кружна трансверзала – непрекината планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости. Проектот се реализира од страна на асоцијацијата Македонска Бесконечна Трансверзала и досега се трасирани и дигитално мапирани над 90% од трасата а јавно од неодамна е достапно целото источно крило во должина од 1166км.
Се работи за огромен и импозантен проект, не само поради импресивната должина , туку и поради тоа што поголемиот дел од трансверзалата, односно околу 1500км се нови патеки кои наменски се трасираат за оваа намена.. Дополнително, со трасата се промовираат и многу предели кои се помалку познати за планинарската заедница и на некој начин се неправедно запоставени и покрај својата убавина.
Повеќе информации за новата македонска мега трансверзала може да се најдат на веб страната www.sammiana.com
ПР
Македонија
„Кој се плаши од анкетна комисија во Собранието со меѓународно надгледување“, прашува ДУИ

„Демократската унија за интеграција прашува – кој се плаши од формирање на анкетна комисија во Собранието со учество на сите политички партии и меѓународно набљудување од ОБСЕ, САД и Европската Унија? Трагедијата во Кочани ја разоткри вистината за целосното заробување на државата. Владата не само што не превенираше катастрофа која цела година била позната на надлежните институции, туку и го злоупотреби системот за да ги заштити одговорните“, велат од ДУИ.
„Прво со политички притисок врз обвинителството – преку заплашување на обвинителот со партиски активисти на улица, потоа со иницијатива за негова смена, за на крај да му биде ветено останување на функцијата доколку игра по диктираните правила.
Освен тоа, владата ги притисна медиумите, граѓанското општество и сите критички гласови, претворајќи ја државата во партиска алатка за амнестирање на виновниците.
По трагедијата, наместо институционален одговор, сведочиме на селективна правда – обид да се префрли одговорноста на други, без истрага за оние кои навистина беа одговорни за превенција.
Две недели по трагедијата, Собранието не собра сила ниту да одржи комеморативна седница, бидејќи партиската контрола врз институциите е посилна од моралната и општествената одговорност.
Затоа, ги повикуваме пратениците да ја послушаат сопствената совест, да размислат за семејствата на жртвите, за довербата во системот, и да го потпишат барањето на Европскиот фронт за формирање на анкетна комисија во Собранието.
Селективната правда ќе биде извор на огромна недоверба и деформација на системот во иднина.
ДУИ останува посветена на вистината, транспарентноста и правдата – и нема да дозволиме оваа трагедија да се затвори без целосна истрага со меѓународно набљудување“, соопшти ДУИ.