Македонија
Променливо облачно и топло, попладне краткотраен пороен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје променливо облачно и топло со слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне и кон крајот на денот во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во четврток и петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Дневната температура од четврток до сабота ќе биде во постепено опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крупен град, силен ветер и пороен дожд: невреме го зафати Дојран

Пред 20-тина минути Дојран беше зафатен од невреме проследено со обилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и крупен град, информираат од ЦУК.
Во моментов, како што предупредуваат, нова нестабилна маса се движи од Гевгелија кон Дојран и се очекува повторно да го зафати невреме со истите појави.
Според последните информации од ЦУК, нестабилност со слаб интензитет има и во Кумановско, како и во Мариовско.
Македонија
Доделени 24 ортопедски помагала на лица со телесен инвалидитет

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, заедно со претседателот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија – Мобилност Македонија, Бранимир Јовановски, доделија 24 ортопедски помагала на лица со телесен инвалидитет. Средствата за набавка на помагалата се обезбедуваат на годишно ниво од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Мобилност Македонија, преку јавна објава на социјалните мрежи и повик објавен во два печатени весници на транспарентен начин ги повика своите членови, како и останатите лица со телесен инвалидитет од Северна Македонија кои имаат потреба од ортопедски помагала и додатоци на ортопедски помагала, да се пријават на отворениот повик.
Повикот се однесуваше на електромоторни скутери, инвалидски колички на електромоторен погон и електромоторни додатоци за инвалидска количка. Притоа беа доделени 14 електромоторни скутери, 7 инвалидски колички на електромоторен погон и 3 електромоторни додатоци за инвалидска количка.
Министерот подвлече дека овие помагала не се само технички средства. „Тие претставуваат средство за слобода, независност, активност и самодоверба. Како и дека тие се дел од патот кон самостоен живот и инклузија“, рече Лимани.
Притоа, изрази благодарност до Мобилност Македонија, здравствените и социјалните работници и организациите кои работат со лицата со попреченост за нивната посветеност и придонесот за реализација на оваа важна мисија.
„Остануваме посветени на создавање на општество во кое секој има можност да живее, учествува и придонесува рамноправно. Заедно да продолжиме да чекориме кон поинклузивна иднина,“ порача Лимани.
Македонија
(Видео) Кумот на Максим Димитриевски со поддршка на ДУИ си спечали 350.000 евра, велат од СДСМ

Денес јавно го презентираме во детали најголемиот урбанистички корупциски скандал што го видел Куманово во последните децении – организиран, координиран и спроведен под директно влијание на градоначалникот Максим Димитриевски. Денес членовите на ЗНАМ и поддржувачите ќе дознаат дека движењето на ЗНАМ е движење за корупција и богатење на нивниот претседател Максим Димитриевски, велат од СДСМ.
Големиот поборник за правда Димитриевски, кој својата кариера ја изгради противејќи се на ДУИ, сега во соработка со советниците токму на ДУИ, си изгласа ДУП, со кој очигледно дебело се офајди со сума од 350.000 евра. Ова што го режираше Димитриевски, поддржан од советниците на ДУИ, треба да влезе во книгите за организиран криминал и корупција, кажа на прес-конференција советничката на СДСМ во Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска.
Предочувајќи неколку факти како што рече прво, преку политички притисок и манипулации, се изгласала измена на Деталниот урбанистички план на просторот кај поранешен ЧИК Куманово, односно простор од над 40.000 м² државно земјиште, под изговор за инвестиција на „Лидл“.
„Но зад навидум добрата намера, се крие добро осмислена шема за лично богатење преку семејни, кумски и политички врски. Фактите се јасни и недвосмислени:
Во август 2023, Општина Куманово распишува тендер за продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица. Се знае однапред – купувач ќе биде „Лидл“. Продажбата е директно од државата кон Лидл, со цена од 5,5 милиони евра. До тука нема ништо спорно.
Но сега внимавајте, само два месеци подоцна, друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250.000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на „Лидл“ – за 600.000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350.000 евра – за неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи-продај“.
Тоа како што појасни е корупција чиста како солза.
Праша дали може Димитриевски да ги поучи граѓаните како со купување и препродажба на земјиште за неколку дена се прави профит од 350.000 евра.
Потсети дека првиот обид за носење на ДУП-от пропаднал заради судир на интереси на советникот на ЗНАМ.
„Откако ова не им успеа, Максим Димитриевски и Кумот решаваат да го донесат овој ДУП по секоја цена и наоѓаат нов начин.
Тука во пресрет им излегува наводно лутата опозиција против која Максим се бори – а тоа е ДУИ. Со помош на гласовите на ДУИ, вчера општината го усвојува ДУП-от“.
Според неа, ова е класична шема на тргување со влијание и злоупотреба на службена положба.
Градоначалникот, како што вели, сè уште се обидува да се скрие зад закони и процедури, додека негови блиски роднини, кумови и политички соработници прават бизнис на грбот на државата и граѓаните.
„Прашања кои мора итно да ги одговори Димитриевски:
Од сите парцели во Куманово, како точно „Лидл“ завршува со имот на семејството на Димитриевски?
Како тоа за неколку дена пораснала цената на земјиштето повеќе од двојно?
Дали реномирана компанија е намерно навлечена да плати повеќе?
Колку пари од оваа зделка во џеб има ставено градоначалникот и неговата фамилија?
Како тоа ДУИ, која на хартија е опозиција, гласа за предлог на градоначалник кој нема мнозинство? Нели ДУИ беа оние против кои се бореше ЗНАМ на Максим Димитриевски? Или кога е бизнис во прашање добри се? Дали е точно дека за да изгласаат, им е ветена противуслуга на поединци?
И за крај едно директно прашање и до премиерот Мицкоски. Премиере, зошто Максим Димитриевски има право да си соработува со ДУИ за свои интереси, а Таравари не смее?“.
Побара институциите итно да постапат во овој како што го нарече, очигледен скандал.
Бара ЈО да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и потенцијална корупција и ревизија од Државниот завод за ревизија за целата постапка на измена на ДУП-от.
Побара итна постапка и од Државната комисија за спречување корупција.
„Овој случај нема да го заташкате. Куманово не е приватен бизнис на семејството Димитриевски.
На граѓаните им должиме чиста институционална средина, а не тајкуни со функција“, повика таа.