Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд
Денеска, ќе биде променливо облачно со локални врнежи од дожд, од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме, проследени со пороен дожд, грмежи, силен ветер (над 60 км/час) и услови за изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, во попладневните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 21 степен.
До четврток времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во попладневните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме, проследени со пороен дожд, грмежи, силен ветер и услови за изолирана појава на град. В петок и в сабота ќе преовладува претежно сончево време, а од недела повторно се очекува дестабилизирање на времето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Покрај освоените три градоначалнички места во првиот круг, имаме победа уште во три
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче вечерва на прес-конференција им честиташе на граѓаните за достоинственото гласање на вториот круг на изборите.
„Покрај освоените три градоначалнички места во првиот круг, имаме победа уште во дополнителни три, тоа се Центар, Македонска Каменица и Зрновци. Очекуваме конечни резултати во уште неколку општини кадешто разликата е многу мал број на гласови“, кажа претседателот на СДСМ.
Тој упати честитка до сите градоначалници од сите политички партии.
Филипче информираше дека во изминатите две недели, пред вториот круг на изборите, се вршел огромен притисок на сите кандидати од СДСМ во 17 општини кадешто влегле во вториот круг.
„Не се бираа ниту средства, ниту методи, тоа само говори дека се соочуваме со истата деструктивна власт на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Филипче.
„Овие избори се јасен патоказ за СДСМ, јасно е какви промени треба да се направат, а следните денови тоа ќе се случи“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
(Видео) Максим Димитриевски: Ова не е моја победа, ова е победа на Куманово
Кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски, прогласи победа на изборите.
„Ова не е моја победа, ова е победа на Куманово“, рече тој вечерва.
Се заблагодари на сите за поддршката и кажа дека ја примил честитката од неговиот противкандидат.
„Моја обврска е да продолжам да работам за мое Куманово, но и ЗНАМ да се етаблира на политичката сцена. Што се однесува до ниската излезност пораката е сфатена. Оваа победа не беше лесна со оглед на тоа што знаевме кој е на другата страна и кои лоби и групации ги поддржуваа“, кажа Димитриевски.
Противкандидат на Димитриевски во трката за градоначалник беше Горан Стојковски – Диро, независен кандидат.
Македонија
Митески: Голема победа во Аеродром со 18 илјади гласа
Кандидатот за градоначалник на Аеродром, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Митески упати благодарност за можноста да ја води општината во наредните четири години.
Тој вели дека ќе ја оправда довербата што му е дадена.
„Уште утре почнуваме со работа да го направиме Аеродром место на кое сите ќе се гордееме!“, кажа Митески.

