Македонија
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат поројни

Денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои на повеќе места ќе бидат поројни. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме проследени со грмежи и со силен ветер (над 70 км/час). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со повремен дожд. Околу пладне во делови од котлината ќе има краткотрајно невреме со пороен дожд, засилен ветер и појава на грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во недела и во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска, променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 21 до 29 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за краткотрајно невреме со изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Во наредните денови следува период на променливо облачно и нестабилно време со честа појава на локални врнежи од дожд и грмежи.
Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (за кратко време поголема количина), грмежи, силен ветер (над 60 km/h) и изолирана појава на град.
До петок ќе дува умерен до засилен јужен ветер и температурите ќе бидат без поголема промена, а од сабота со засилен северен ветер ќе бидат во опаѓање.
Македонија
На многумина ќе им бидеме пречка, но како премиер нема да отстапам од правото да говориме на македонски, јазикот е нашиот неспорен идентитет, вели Мицкоски

Пред осумдесет години, на оваа почва, се кодифицираше македонскиот литературен јазик. Тоа беше повеќе од административен чин. Тоа беше признавање на една длабока, искрена, долга и тешка борба на еден народ за свое име, свој израз и своја самобитност. Оваа кодификација не произлезе преку ноќ. Таа беше плод на децении работа и истрајност на големи луѓе и на генерации интелектуалци, учители, поети, новинари, читатели. Секој од нив вложи збор, мисла, срце, истакна премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик.
Македонскиот јазик, кажа Мицкоски, живее во мислата на секој Македонец каде и да е.
„Во 21 век судбината на малите народи е постојано да се потврдуваат, борат и држат до своето право на идентитетско обележување. Најмоќните пропаганди се тие кои удираат по идентитетските обележја. И неретко ние како нација сме ги имале таквите удари, а болката е поголема кога тие доаѓаат од домашните луѓе кои ваму или таму, поради разноразни лични или лукративни интереси ќе оспорат или невнимателно ќе внесат сомнеж кон некоја историска вистина која нас не потврдува како народ и нација. Јазикот е нашиот бедем и неспорен идентитет, и јас како премиер нема да отстапам од нашето цивилизациско право да говориме на македонски, да се претставувам на македонски, да се радуваме, тагуваме и да пееме на нашиот многувековен, ќе повторам многувековен македонски јазик. Тоа го правеле нашите дедовци, тоа ќе го прават и нашите деца. Затоа на многумина ќе им засметаме, на неколкумина ќе им бидеме пречка, но секогаш знам дека работам за моите граѓани и нашата заедничка татковина“.
Владата, како што рече, ќе продолжи да инвестира во македонскиот јазик, преку образовни реформи, дигитални проекти, речници и стандардизација.
Македонија
МОН преку стипендии ќе ги поттикнува средношколците да се запишуваат на студиски програми по македонски јазик

Заради стимулирање на учениците од IV година од средното образование за запишување на студиски програми по македонски јазик, Министерството за образование и наука за студиската 2025/2026 година ќе додели 15 стипендии на редовни студенти запишани студиски програми за изучување на македонскиот јазик во прва година на додипломски студии од прв циклус, информираат од ова министерство.
Право на стипендија ќе имаат студентите запишани во прва година на додипломски студии од прв циклус кои студираат на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи во Република Северна Македонија, студиски програми за изучување на македонскиот јазик и кои ги исполнуваат следните услови: да се редовни студенти; да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании; да се државјани на Република Северна Македонија.
„Критериуми за доделување на стипендиите се:
1. Успехот во учењето, односно успехот остварен во текот на средното образование, со просек од сите четири години од најмалку многу добар;
2. Доколку кандидатот користел стипендија за талентирани ученици од Министерството за образование и наука, добива дополнителен 1 бод за секоја година од користење на стипендијата.
Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk од 01.11.2025 до 15.11.2025 година.
Висината на стипендијата изнесува 6.050,00 денари месечно, за 9 месеци во текот на студиската година.
Стипендијата се доделува за толку семестри за додипломски студии, колку што се предвидени со општиот акт на високообразовната установа, без апсолвентски стаж за студирање“, појаснува во информацијата.