Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди и со услови за дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните и јужните делови ќе има повремен локален дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди и со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Времето во наредните денови
Времето во следните денови ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со умерен, повремено засилен северен ветер. Во вторник и среда утринските температури ќе бидат пониски, а дневните во постепен пораст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Голема полициска акција низ Скопје, се вршат претреси на пет локации

Под раководство на предметниот обвинител што постапува во предметот под кодно име „Бункер“, единиците на МВР од рано утринава вршат претреси на пет локации во Скопје, извести Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Акцијата е резултат на обезбедени докази во рамките на истражната постапка што се спроведува против членовите на криминалната група „Беланоца-Барон“.
Обвинителството најави повеќе информации во текот на денот.
Македонија
Синдикалната кошничка поскапува, народот осиромашува а власта не презема ништо, велат од СДСМ

Според СДСМ, поразителни се последните податоци, за само еден месец, синдикалната кошничка е поскапена за 1.217 денари.
Како што оценуваат во опозициската партија, само за храна и пијалоци, трошоците се зголемени за 954 денари.
„Денес, на едно четиричлено семејство му требаат речиси 64.000 денари месечно, само за преживување. Ова е директна последица на неспособноста на власта која не презема ништо. Дебакл на економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Цените растат, платите стојат, мерки нема“, додаваат од СДСМ.
Како што велат, додека граѓаните се борат со скапотијата и бројат денари за да обезбедат леб до крајот на месецот, владата троши за октоподи, школки и лосос.
„Само во април и мај, СОЗР склучила милионски договори вредни 2.2 милиони денари за луксузна храна, додека народот преживува со кредити и одрекувања. Ова не е политика, ова е грабеж“.
СДСМ бара веднаш владата да ги прифати мерките за покачување на минимална плата на 500 евра. Зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор. Укинување на ДДВ за храна за реално намалување на цените.
„Ќе се бориме за достоинствен живот, за реални плати и економија што работи за народот, а не за министрите“, додаваат од СДСМ.
Македонија
Целосен прекин на сообраќајот на експресниот пат Штип, од крстосница кај Крупиште до раскрсница кај Спанчево

Денеска од 09.15 часот на експресниот пат Штип, од крстосница кај село Крупиште, до раскрсница кај село Спанчево, поради потребите на МВР, сообраќајот ќе биде во целосен прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот ќе се одвива по стариот пат.