Македонија
Промовирана платформа за дигиталното учење во дуалното образование
ЕВН ја промовира платформата за дигитално учење, која ќе ја користат учениците од ЕВН-паралелките во Скопје и Гостивар. Првпат во дуалното образование се воведува ваквиот начин на учење, кој ќе го подигне нивото на образование. Платформата беше презентирана пред членовите на Европската алијанса за практикантство, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и други учесници на 4. регионален семинар за едукација за земјите кандидати.
„Им се заблагодарувам на компанијата ЕВН и на училиштето ‘Михајло Пупин’ за сето тоа што досега го направија за учениците, што континуирано се заложуваат за создавање што подобри и поквалитетни генерации, преку постојан влог во наставата, во мотивацијата на учениците преку стипендирање и обезбедување можности за вработување, како и преку вложување во инфраструктурните услови“, рече министерот за образование и наука, Арбер Адеми.
Денес, како плод на оваа соработка станува достапна уште една новина, нова е-платформа за управување со учење (Канвас), која е широко прифатена во светот и која ја унапредува дигиталната средина за учење, додаде министерот Адеми. Системот за управување со учењето (Канвас) е предвиден да им помогне на наставниците да воведат иновации во подучувањето, а учениците да постигнат подобри резултати. Со него се овозможува поефикасно и поефективно образование, кое истовремено е и привлечно за учениците од секој можен аспект.
„Бевме првите што храбро влеговме во промоцијата на дуалното образование и сега сме први во воведувањето на модерните технологии за едукација на нашите ученици“, изјави на промоцијата претседателот на Управниот одбор на ЕВН, Штефан Петер. „Нашата цел е европските стандарди за едукација да бидат дел од македонското образование. Среќни сме што ќе можеме на младите да им ги овозможиме најдобрите услови за едукација, развој и вработување. Се надевам и другите ќе го следат примерот, со што дигиталниот свет ќе стане нераскинлив дел од образовниот процес“, рече Петер.
Платформата за управување со учењето е создадена со цел зголемување на можностите на наставниците и поголема вклученост на учениците, со што им се овозможува основа за понатамошно самостојно развивање, пристап што го применуваат институциите во светот. Дигиталното учење е дел од проектот „20-20-20“ преку кој ЕВН во електротехничките училишта во Скопје и Гостивар формира кабинети и тренинг-центри за едукација на електромонтери и електротехничари, кои по завршувањето на нивното образование и практикантската работа во ЕВН ќе добијат понуди за работа во компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

