Македонија
(Видео) Промовирани новите 590 полициски службеници
На свечена церемонија денес во Центарот за обука на МВР во Идризово беа промовирани 590 нови полициски службеници.
„Да го одбележиме овој свечен чин како што доликува на една од најдобрите генерации во последните десетина години. Затоа сакам посебно да ви честитам – како за солидните резултати, така и за изборот на полициската професија, изборот на тежок, но благороден животен пат.“ – истакна министерот Оливер Спасовски на свеченоста на која покрај раководството на МВР, присуствуваа и претседателот Стево Пендаровски и претставници на дипломатскиот кор во земјата.
Упатувајќи честитки до родителите и кандидатите министерот Спасовски истакна: „ Поминавте една година на патеката што ви овозможи да направите, би рекол, еден мал увид во тоа што значи да се биде полициски службеник. Имавте можност да си ги тестирате границите, да ги надминете своите и очекувањата на другите. Да увидите дека полициската професија се соочува со секојдневни предизвици на кои треба веднаш да се одговори, но и носи огромно задоволство со секој постигнат резултат како сервис на граѓаните, со секоја успешна реализација како гаранти на безбедноста.“
Министерот Спасовски потсетувајќи се на недамнешните протести го потенцираше значењето на полициската професија за безбедноста на институциите, граѓаните и државата: „ Полициските службеници кои беа на браникот на државните институции, меѓу кои, за жал, имаше и повредени, најпластично ја демонстрираа непоколебливоста, подготвеноста, храброста и жртвата за заштита на државата и за гарантирање на безбедноста на граѓаните.“
Спасовски потенцираше дека успешното функционирање на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава: „Токму затоа наш врвен приоритет беше создавањето модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе одговори на работните задачи. За остварување на тој наш приоритет многу работи направивме, а резултатите, меѓу другото се видливи во сите 75 реконструирани објекти на МВР ширум државата, во кои имплементиравме и мерки за енергетска ефикасност. Покрај ова, инвестиравме над 10 милиони евра во нови униформи за секоја организациона единица.
Тој на крај на идните полициски службеници им порача дека од нив очекува завет за целосна посветеност и пожртвуваност во работата, за професионалност, чесност, хуманост, одговорност – вредности по кои се препознаваат врвните чувари на безбедноста кои избрале да бидат во служба на своите граѓани.
Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање упатувајќи срдечни честитки на најновата генерација полициски службеници што ја завршија едногодишната обука во Центарот за обука на Министерството за внатрешни работи, порача: „Несомнено станува збор за особено значаен настан не само за македонската полиција, но и воопшто за Република Северна Македонија. Припадниците на Министерството за внатрешни работи се гарант за јавниот рeд и мир, за нашата безбедност и сигурност. Во изминатите три децении изградивме високо професионална полиција во чии редови се најдобрите и најподготвените, кои професионално, достоинствено и со личен интегритет ги извршуваат своите задачи, секогаш ставајќи се на располагање на граѓаните и нивните потреби.“
Претседателот Пендаровски изрази уверување во кандидатите дека се посветени професионалци кои одговорно и доследно ќе ги извршуваат своите задолженија, ќе и служат на својата земја и ќе го штитат животот и имотот на своите сограѓани: „ Од денес во ваши раце ќе биде сигурноста и безбедноста на целата заедница, во ваши раце ќе биде зачувувањето на мирот во земјата и спокојниот живот на граѓаните. Без разлика на родовата, етничката или верска припадност вие носите иста униформа, дел сте од истата институција и заеднички ќе се борите против заедничкиот непријател на нашата заедничка држава, а тоа е криминалот. Ако сте подготвени, солидарни и максимално пожртвувани не се сомневам дека ќе дадете се од себе во исполнувањето на обврските кон службата и кон татковината.“
Пред присутните на промоцијата се обрати и помошник министерот на Центарот за обука, Сузе Трајковска објаснувајќи го современиот модел на едукација на Центарот за обука при МВР, препознатлив по својот квалитет во регионот и пошироко, Трајковска подвлече: Обуката се состои од теоретска настава и ситуациони вежби, кои се спроведуваат овде во Центарот за обука, но и практичен дел на стекнување на вештини, кои се изведуваат во полициските станици, при секторите за внатрершни работи. Преку ваквиот сериозен пристап, Центарот за обука ја остварува својата примарна функција, која се однесува на продуцирање, на професионални и компетентни полициски службеници, кои во иднина ќе ги остварат, своите професионални задачи и обврски, постапувајќи согласно Уставот, законските и подзаконските акти, а со тоа ќе придонесат кон подобрување на безбедноста на граѓаните во општеството.“
Трајковска информираше дека оваа генерација од основната обука за полицаец, започна на 5 август 2021 година, со вкупно 625 кандидати, а денес, обуката успешно ја завршуваат 590 кандидати, 487 од машки пол и 103 од женски со среден успех на генерацијата од 523 бодови од можни 600.
На церемонијата беа доделени плакети за 18 најдобри кандидати од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2021/2022 беше прогласен Стефан Митаноски, на кого му беше доделена свечена плакета од претседателот на државата, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2021-2022 дадоа свечена изјава пред присутните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска: Создаваме еднакви можности и подобра иднина за сите ученици
Продолжува соработката меѓу Општина Кисела Вода, осумте општински основни училишта и општествено одговорни правни субјекти, која има за цел да им обезбеди поддршка на децата од семејства во социјален ризик. Оваа соработка се реализира во рамки на проектот „Грижа и сигурност за секое дете“, кој Општина Кисела Вода континуирано ќе го спроведува и во текот на учебната 2025/2026 година.
Во рамки на проектот, децата од социјален ризик имаат можност без никаков паричен надомест да посетуваат настава по странски јазици, информатика и програмирање, како и да бидат вклучени во различни спортски активности. Воспоставена е соработка со 14 спортски клубови (кошарка, фудбал, карате, одбојка, ракомет, кик-бокс и џиу-џица), во кои во моментов тренираат 26 деца, како и со 6 училишта за странски јазици, што ги посетуваат 9 ученици, и 2 училишта за информатика и програмирање, со 4 ученици вклучени во наставата, информираат од Општина Кисела Вода.
Овие активности беа тема на денешната работна средба меѓу градоначалничкат Бети Стаменкоска Трајкоска, претставниците на општинската администрација и директорите на општинските основни училишта.
Во својата изјава, градоначалничката истакна дека Општина Кисела Вода континуирано инвестира во унапредување на наставниот процес, со цел секое дете да има еднаква можност за развој и напредок.
-Остануваме целосно посветени на создавање еднакви и подобри услови за образование и поголема достапност до современи образовни и спортски активности. Благодарни сме на сите општествено одговорни правни субјекти кои со својата поддршка и ангажман се значаен партнер на Општина Кисела Вода во оваа важна мисија- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Бројките говорат дека граѓаните се заштитени на улиците со „Безбеден град“, а Филипче и неговата СДС кои не ги поддржуваат проектите продолжуваат да тонат
Последниот закон потребен за од први февруари да започне официјалното функционирање на системот „Безбеден град“ денеска е пред пратениците.
Станува збор за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците со кој се предвидува можност за примена на технологиите како систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање кои можат да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на санкции за истите, истакна Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Безбеден град е проект зад кој застанаа сите политички фактори. Поддршката е обезбедена на лидерската средба иницирана од претседателот Христијан Мицкоски.
Но, Филипче и ова негово СДС продолжува со деструктивната политика. Со одлуката да не го поддржат проектот и потребните закони за негово функционирање покажуваат дека не се заинтересирани ниту за проект кој овозможува безбедност на граѓаните во сообраќајот.
Дека станува збор за систем што дава резултати говорат и бројките од Министерството за внатрешни работи.
Колку за илустрација, првиот ден кога почна тест периодот на први декември камерите во Скопје регистрирале 110.000 прекршоци од кои 90 проценти за брзо возење. Само за еден ден од функционирање на системот или на втори декември, бројката драстично паднала на 50.652 прекршоци“.
Според информациите од МВР, додаде тој, бројката на смртни случаи е намалена од 11 на 2 смртни случаи во декември 2025 и јануари 2026 година, а бројот на повредени како последица на непочитување сообраќајни правила компарирано за овие педесетина дена е намален за 35 проценти.
Како што нагласи, граѓаните со овој проект се заштитени на улиците, а на СДС и останува да тоне со своите деструктивни политики.
Македонија
Уметност и хуманост во едно: Mozzart дели бесплатни карти za „Олд Сејбрук“
Mozzart подарува бесплатни карти за претставата „Олд Сејбрук“ и ги отвора вратите на една вечер во која театарот дише со полни гради.
Кога светлата ќе се пригушат, а сцената оживее, започнува патување низ смеа што ослободува. Секој дијалог носи трага од искреност, секоја тишина има своја тежина, а секоја емоција го наоѓа патот до публиката.
Театар Комедија ќе биде дом на една посебна приказна на 11 февруари.
Настанот носи и хуманитарна мисија. Присутните ќе имаат можност преку SMS порака да донираат за организацијата Банка за храна. Една порака – еден оброк за оние на кои им е најпотребно. Така секој аплауз ќе одекне двојно: како радост на уметноста и како глас на добрината.
Валентин Костадиновски, Дарја Ризова, Елена Кузманов, Благој Веселинов, Атанас Атанасовски, Маја Љутков и Тони Денковски ќе ве поведат низ свет полн со емоции, каде секој збор и секој поглед на сцената ќе потсетат дека уметноста е најубавиот начин да се сподели човечноста.
Сите љубители на уметноста и хуманоста се поканети да бидат дел од оваа незаборавна вечер каде душата и сцената се спојуваат во едно.
Од понеделник, 26.01.2026, своите карти можете да ги обезбедите на билетарата во Театар Комедија.
Количините се ограничени – најбрзите ќе имаат привилегија да бидат дел од ова искуство. Влезот е бесплатен, а картите ќе се делат сè до пополнување на капацитетот.
Mozzart и Театар Комедија ветуваат вечер што ќе ја паметите – вечер во која уметноста и хуманоста се прегрнуваат и создаваат незаборавна симфонија на добрина.
ПР

