Македонија
Промоција на поштенска марка за 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со САД
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи заедно со помошник државниот секретар Филип Рикер, амбасадорката Кејт Мари Брнз, кои беа вклучени преку видео-конференциска врска и директорот на Пошта, Јани Макрадули, во Министерството за надворешни работи промовираа поштенска марка издадена по повод 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Северна Македонија и САД.
Министерот Османи во оваа пригода изјави дека дипломатските односи меѓу двете земји во текот на изминатиот четвртина век отсекогаш биле топли и пријателски, засновани врз заеднички вредности и стратешко партнерство, заблагодарувајќи се за континуираната поддршка од САД, особено на патот на РС Македонија кон нејзината евро-атланска иднина, стабилност и севкупен просперитет.
„Неодамна, со нашето членство во НАТО, ова партнерство се претвори во сојуз, што е голема привилегија и уште поголема одговорност и мотивација да работиме заедно кон одржување на мирот, стабилноста и просперитетот на нашата земја и регионот“, истакна Османи, заблагодарувајќи се за континуираната поддршка од САД за постигнување на нашите стратешки цели и да застанете рамо до рамо кога тоа беше најважно за земјава во текот на сите овие години.

Османи уште еднаш потврди дека РС Македонија нема друга алтернатива или пат освен евроатлантската иднина на нашата земја и ние остануваме целосно посветени на остварувањето на таа цел.
„Ова е јубилеј кој денес се брои во децении но по своето значење и традиционални партнерски односи на меѓусебна поддршка може да се каже дека трае навистина многу подолго. Сега сме членка на НАТО, но и кога не бевме се уште членка, високо се ценеше нашиот придонес во многу заеднички мировни пост конфликтни операции“, истакна Макрадули, додавајќи дека верува дека ова Поштенска марка ќе биде предвесник на многу вековни јубилеи на односите со САД.
Помошник државниот секретар Рикер и амбасадорката Брнз, ја поздравија идејата за издавање на поштенска марка по повод јубилејот од воспоставувањето на дипломатските односи.
„Бевме со вас за Времената спогодба со Грција, за Охридскиот договор и последно за историскиот Преспански договор, кој ги отвори вратите за членството на вашата држава во НАТО. Во овие 25 години на промени, нашите цели за Северна Македонија за мир и просперитет останале исти како и надежта Северна Македонија да продолжи по патот на евро-атлантските интеграции останува иста. Нашата поддршка за присуството на Северна Македонија во меѓународните институции останува, нашето партнерство е цврста и ќе продолжи и покрај транзицијата на администрациите во наредните недели и месеци”, истакна Рикер.
Амбасадорката Брнз во своето обраќање се осврна на односите меѓу Република Северна Македонија и САД од воспоставувањето на дипломатските односи до денес, потенцирајќи дека е постигнато повеќе од тоа што двете држави очекувале.
„Иако има предизвици пред нас, Северна Македонија постигнала енормен прогрес за многу краток период” истакна Брнз, додавајќи дека „САД остануваат цврсто во поддршка на заслуженото членство на Северна Македонија во Европската Унија”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на работна средба во МАНУ
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одржа работна средба во Македонската академија на науките и уметностите, со претседателот Живко Попов, како и со други претставници на Академијата.
„На средбата се разговараше за значењето на поактивното вклучување на Академијата во стратешките процеси на развој на државата, особено во креирањето политики и во обезбедувањето стручна поддршка при институционалното одлучување“, соопштија од Собранието.
Исто така, Гаши информирал за вчерашната одлука усвоена на седница, со која е овластен, како претседател на Собранието, да склучи поединечен колективен договор со претседателот на синдикалната организација на Академијата.
Тој изразил подготвеност за поддршка на сите иницијативи што ја зајакнуваат улогата на науката и уметноста во развојот на државата.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

