Македонија
Промоција на проектот „Бенефиции за децата на вработените“ во „Алкалоид“ АД Скопје
Човечките ресурси се еден од најцврстите столбови на 85-годишниот раст и развој на алкалоидовата успешна приказна, а грижата за вработените е еден од врвните приоритети на компанијата. Во базата на „Алкалоид“ во Скопје има над 2.000 вработени, па посебен предизвик, како и во секоја успешна и амбициозна компанија, е да се одржи високото ниво на организациска култура, фокусот на резултати и високото ниво на етички вредности, особено во услови на функционирање исполнети со голем број непредвидливи економски, политички и пандемиски аспекти.
![]()
„Алкалоид“ АД Скопје на годишно ниво алоцира значителни ресурси за разни бенефиции наменети за вработените, во форма на финансиски надоместоци, интерни и екстерни обуки, доедукација, дополнително здравствено осигурување и слично. Најновиот проект на „Алкалоид“ АД Скопје вклучува бенефиции за децата на вработените, преку финансиска партиципација на компанијата во износ од 1.000 денари од дете на вработен на месечно ниво, наменети за доедукација од областа на странските јазици, курсевите за компјутери, спортските и рекреативните активности, како и на активностите од областа на науката и на културата, во текот на целата учебна година. Во проектот се опфатени деца од сите категории на вработените во „Алкалоид“ АД Скопје – деца од предучилишна возраст и оние кои се редовно запишани во основно и во средно училиште.
„Во процесот на иницирање на овој нов проект бевме фокусирани на повисока цел – нашите деца, кои се нашата иднина. Сакавме да поттикнеме практикување воншколски активности и ангажмани, кои, како дополнителни вредности и знаења, активно ќе придонесат за нивно формирање во комплетни личности, кои во иднина ќе дадат свој личен придонес за унапредување на средината во која живеат и дејствуваат. Преку грижата за нашите вработени и преку иницијативите за овозможување придобивки за членовите на нивните семејства ги манифестираме клучните вредности на големото алкалоидово семејство – ‘Луѓето пред сѐ’ – максима која особено ги засега најмладите“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје.
Во моментов компанијата има 408 администрирани пријави за бенефиции за деца на вработените, од кои 33 пријави за деца од предучилишна возраст, 327 пријави за деца од основно училиште и 48 пријави за деца на вработени запишани во средно училиште. Гледано според категории, 6 се пријави за компјутерски вештини, 7 пријави за активности од областа на науката, 127 пријави од областа на спортот и на рекреативните активности, 234 пријави за курсеви за странски јазици, 30 пријави за танцови школи и по 2 пријави за активности од областа на културата и на музиката, со очекување и овие бројки да се менуваат и да растат во претстојниот период.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

