Македонија
Пропустите кај овој човек се шокантни, со докази ќе покажеме што сѐ бил спремен да направи за профит, рече обвинителот за сопственикот на дискотеката
По повеќе од четири часа евиденција на сите присутни, попладнево почна судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со 63 жртви и над 200 повредени.
Обвинителството, кое го претставуваа 15-мина обвинители, на денешното рочиште го даде воведниот збор.
Буре барут, безбедносна смртоносна стапица, колективно непостапување и неодговорност, не само кобната ноќ туку од 2012 година наваму, беа зборовите што провејуваа во воведот. Обвинителот Борче Јанев рече дека доказите говорат за измината деценија без контрола, без надзор и без постапување од сите надлежни институции. Тој рече дека се вратиле до 2012 година, која за него вели дека е нулта точка и од таму почнува непостапувањето.
Потсети дека во 2012 година Дејан Јованов, сопственикот на магацинот за текстил, решил да го претвори во дискотека и направил прокет и првпат побарал лиценца, но овој прв обид бил и единствениот што бил одбиен од инстутициите. Јованов не ја добил лиценцата, но како што рече обвинителот, не седел со скрстени раце, туку за две недели повторно побарал лиценца и ја добил.
„Пропустите кај овој човек се шокантни. Со докази ќе покажеме што сѐ бил спремен да направи за профит“, рече обвинителот Јанев.
Но овој човек, нагласи обвинителот Јанев, успешно вегетирал и опстојувал со години, како низ слалом ги нижел, заобиколувал и ги отстранувал сите институционални препреки и безбедносни правила.
Сѐ што посакал, тоа и го добивал, таму каде што знаел дека не може да пробие и да го изигра законот, не се ни обраќал, немало потреба, сите документи што морал да ги има не ги обезбедувал затоа што никој не му ги барал.
Таму каде што требало да добие заштита и да ги прикрие криминалните потфати, тоа и го имал – консултанти, шпиони, логистичари.
Во најтесна закрила до него ги подредил неговиот кум, брат му, па дури и сопственото дете, сите впрегнати да работат и да кршат закони по негова замисла. И никој никогаш на овој човек не му застанал на патот. Последиците одамна имале опасен и хаотичен, но целосно предвидлив тек.
Во овој настан согледан во целиот обем уште во почетоците на неговото истражување беше и повеќе од јасно дека должноста молчела поради што последицата станала само прашање на време.
Во овој контекст, преку нормативна анализа се утврди дека во делот на должноста за постапување во однос на безбедносните правила и прописи секој од свој аспект на дејствување, директно биле повикани: локалната самоуправа, односно Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот и пазарен инспекторат, Министерството за економија, рече тој.
Оцени дека заедништвото во соизвршителските дејства не мора да настапи истовремено и договорно, не мора ниту меѓу себе сторителите да се познаваат. Според него, во овој случај не затаиле само обвинетите, кои биле на должност во време на настанување на последицата.
Станува збор, како што појасни Јанев, за сукцесивно надоврзувани пропусти преку кои се огледа супстратот на заедништвото.
„Битен е обемот на пропустите и дали тој има релевантен контекст и континуитет во непостапувањето. Ова обвинение е одраз на она што навистина се случувало. Безбедноста нема мандатна природа и истекување на важноста. Секој од овие обвинети е повикан на одговорност поради недејствување во моментот кога имал правна должност тоа да го стори. Секој поинаков заклучок лесно запаѓа во невиден апсурд и во правен ќор-сокак. Затоа ќе докажеме дека се апсолутно безмислени тезите дека овде на одгорност треба да биде повикан само оној во чие време се случила последицата. Немаме ниту морално ниту законско право одговорноста да ја бараме и да ја насочиме само кон тој во чие време се случила последицата. Тоа би значело дека треба да прифатиме дека обвинетите одговорни и службени лица, кои не биле на должност во времето на настапување на последицата, само поради тоа немаат вина. Иако се работи за исти повторувачки пропусти, меѓусебно надоврзувани во континуитет, и доказите тоа јасно го покажуваат“.
Како што истакна, „ако објектот ги исполнувал стандардите, ако вратите биле доволни и проодни, ако плафонот и ѕидовите не биле обложени со отров што убива побргу од пламен, ако имало функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција, пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница. Затоа денес бараме одговорност по име и презиме, бараме правда. На Дејан Јованов и на сите други обвинети одговорни лица за работењето на клубот „Пулс“ опасносите што постоеле им биле добро познати“, додаде обвинителот.
Тврдиме, како што рече, дека отсекогаш дискотеката „Пулс“ работела спротивно на секој стандард, на секој правилник, на секој закон и на секоја здраворазумна логика и принцип на одговорност.
Дигиталната судница во КПУ „Идризово“ беше преполна, покрај 35 обвинети физички и три правни лица и нивните бранители и медиумите, првото судење го следеа и некои од роднините на починатите.
Со длабоки и болни воздишки искажаа незадоволство кога бранителите на почетокот на судењето побараа одложување оти Обвинителството достави интегрирано обвиниение и нова ажурирана листа на докази откога судот ги спои постапките за пожарот и за сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“.
Обвинителот Јанев рече дека обвиненијата се исти, а достави и нова листа на докази, од која се исфрлени вербалните докази што се повторуваат. Бранителите на обвинетите тоа го искористија за веднаш на почетокот на судењето да побараат одлагање, но судијката Диана Груевска-Илиевска го прифати предлогот на Обвинителството.
Роднините и родителите на загинатите по завршување на судењето со аплауз го поздравија воведниот дел од Обвинителството и повеќепати прашаа со кои аргументи бранителите ќе ги бранат обвинетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

