Македонија
Протест закажан во Тетово: се бара одговорност за пожарот во модуларната болница
Протест за правда и лоцирање на одговорноста за пожарот во модуларната болница во Тетово која изгоре до темел и одзеде 14 животи, се организира за утре. Според најавите, протестот ќе се одржи во 12 часот пред Основниот суд во Тетово. Најавата за протестот се шири на социјалните мрежи.
Ова доаѓа по документарецот објавен од Истражувачката репортерска лабораторија насловен како „Убиство во Тетово“. Тие споделија откритија, документи и направија реконструкција според искази од сведоци. Посочија дека објектите не се граделе според Законот за градење и немало соодветни материјали за заштита од пожари. Се осврнаа на германското вештачење кое беше изведено и во судница, каде токму несоодветната градба и лошата електрична инсталација се лоцирани како причина за пожарот.
За овој случај имаше и обвинение, како и пресуда. Обвинителот ги гонеше двајцата ексдиректори на тетовската болница и докторот задолжен за модуларниот објект. Но не за причините за пожарот, туку бидејќи немало противпожарна заштита, а во објект се дозволувал влез на роднини, што во време на пандемијата беше забрането.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција води уште една истрага, а која се однесува за тоа како е спроведен тендерот за изградба на сите модуларни објекти, дали се вградени сите материјали пропишани во техничката спецификација и каква била изведбата. Предметот е во фаза на истрага повеќе месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДС е трагедија на македонското општество, велат од ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ смета дека реакцијата на СДС е на ниво на состојба која е надвор од сферата на политиката, а повеќе, како што велат, во сферата на душевното здравје на авторите кои од ноторни криминалци прават жилави луѓе и жртви.
„На народот ова соопштение не му смешно, нити интересно, затоа што токму тој народ е ограбен и злоупотребена е неговата доверба од страна на паланечки интриганти и лопови кои ја користеа политиката за свои цели за сега нивните платеници да раскажуваат вакви неинвентивни вицови и да сметаат дека којзнае што кажале.
Тој ментален склоп и тој систем кој тие го имаат создадено е трулежот на македонското општество. И колку и да глумат кловнови со вакви соопштенија (жалиме за реториката но посоодветен термин не можеме да најдеме), сепак нема да може да избегаат од својата одговорност за сите свои злодела“.
Убедени сме, додаваат од владејачката партија, дека оваа реакција или ја пишувал лично Зоран Заев или некој кој им е на платен список и сака да им испадне интересен и се адаптира на нивниот систем на вредности и хумор кој е разбирлив за одредена категорија на луѓе.
„Но и друг да ја пишувал убедени сме дека ја одобрил директно Зоран Заев. Филипче не го ни прашале за реакцијава. Ова е трагедијата на македонското општество. Трагедија која со работа и посветеност ќе ја решиме и претвориме во шанса и наде“.
Македонија
СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка да ја посети Македонија за скандалот со ИПАРД
СДСМ ќе ја повика главната европска обвинителка, Лаура Ковеши, да ја посети Македонија и лично да се запознае со малверзациите што ДПМНЕ ги прави со европските фондови, меѓу кои и ИПАРД програмата, соопштија од партијата.
„Не сакаме државата да остане без финансиска поддршка поради злоупотребите на ВМРО-ДПМНЕ. Немаме доверба во нашите институции, прво затоа што врз нив секојдневно се врши притисок од страна на Мицкоски а второ и затоа што власта прави се за да ги заштити своите од прогон. Имајќи предвид дека злоупотребите биле вршени од страна на власта, и дека директорот на Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој е уапсен токму за корупција поврзана со европските пари, сметаме дека должност ни е да ја информираме европската јавност и Европското јавно обвинителство (EPPO)“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека Ковеши е надлежна за истраги поврзани со злоупотреби на ИПАРД-фондовите, во рамките на нејзината улога како прв човек на Европското јавно обвинителство (EPPO – European Public Prosecutor’s Office).
„Ковеши е позната по својата бескомпромисна борба против корупцијата од нејзината претходна работа во Романија, каде што го водеше Националниот директорат за антикорупција“, велат од СДСМ.
фото/ЕПА
Македонија
Стојаноски: Лицемерството на Левицата излегува на виделина, Апасиев ја користи анкетната комисија за политички поени
На денешната собраниска седница се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој истакна дека пратеничката група на Левица ја закажала собраниската Постојана анкетна комисија за човекови права и слободи на истиот ден кога е предвидено да се одржи и седницата на Буџетот, на која што посочи дека присуството на поголемиот дел од пратениците од владејачкото мнозинство е неопходно за усвојување на дневниот ред, но и за понатамошно гласање на Буџетот.
„Вториот апел би сакал да го упатам исто така до сите пратенички групи, а особено до пратеничката група којашто и ја управува таа комисија, ние сакаме да учествуваме на Комисијата која е закажана на 9 декември, но во истиот тој ден е закажана и Седница на буџетот на која што најголем дел од пратениците од мнозинството треба да бидат присурни, за да гласаат и дневен ред, но потоа и практично не може да се предвиди дали ќе треба тој Буџет да се гласа одма или заради говорниците понатаму и сметаме дека е коректно сите заедно да се договориме за датум на којшто ќе можеме да бидеме присутни сите, на којшто ќе можат да бидат присутни сите коишто се повикани, на кој што ќе можат да бидат присутни и премиерот на Владата на Република Македонија и на тој начин да им ги дадеме одговорите и на родителите и на оние подносители на таа иницијатива“, рече Стојаноски.
Порача дека е неопходно заедничко усогласување на датумот, за да се обезбеди целосно присуство и продуктивност на Комисијата.
„Така да практично сметам дека и за ова треба да најдеме еден заеднички јазик со којшто ќе успееме таа комисија да ја одржиме и да бидат присутни сите оние коишто се поканети од тој којшто ја има закажано и од оние коишто ја имаат поднесено иницијативата“, рече Стојаноски.

