Македонија
Протест пред Собрание, сообраќајот во центарот ќе се пренасочува
Сообраќајот на улиците пред и околу Собранието денеска од 10 часот ќе биде пренасочуван поради поставување на бина за вечерашниот протест против промена на името.
Од МВР известуваат дека поради протестот организиран од група граѓани „Млади за Македонија“, сообраќајот на улиците Даме Груев и Васил Главинов во правец кон „Црвен крст“ и обратно од крстосница 11 Октомври и булеварот Кочо Рацин ќе биде пренасочен.
„Министерството за внатрешни работи го почитува правото на слободно и јавно изразување на мислата, но истовремено апелира граѓаните да се воздржат од преземање на насилни активности за да се сочува јавниот ред и мир“, се вели во соопштението од МВР.
Протестот ќе почне во 20 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.

