Македонија
Против три лица поднесено обвинение за депониите во „Вардариште“: ОЈО Скопје постапува и во други предмети за загaдување со отпад
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истражната постапка и денеска поднесе обвинителен акт против три лица за кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Тројцата обвинети, на улицата Зендел Џемаил во Скопје, од 2020 година до 2.9.2025 година вршеле дејност – откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без означена фирма, без да регистрираат правно лице и без да поседуваат соодветна дозвола за вршење дејност за управување со отпад.
Во согласност со обезбедените докази, тие вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии, кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејства обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за тројцата обвинети.
Во врска со причините за настанување на пожарот на „Вардариште“, ОЈО Скопје издава и повеќе наредби со цел откривање други сторители на кривични дела.
По наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, во финална фаза се и вештачењата во однос на сомненијата за загрозување на животната средина со отпадни материи во постапката што се води против сопственичката и неформалниот сопственик на правно лице од Шуто Оризари. Тие подолг временски период, спротивно на законските одредби од Законот за управување со отпадот и спротивно на прописите за заштита на животната средина, складирале поголемо количество отпадно железо, електронски отпад, делови од стари автомобили, шасии од стари отпадни возила и друго на локација за која немале соодветна дозвола за управување со отпад.
На 9 јули на таа локација беше предизвикан неконтролиран пожар на целата маса од складираниот отпаден материјал, а поради обемот и опасноста, пожарот не можеше веднаш да биде ставен под контрола. При согорувањето на отпадниот материјал беа испуштени чад, пепел и штетни гасови во амбиенталниот воздух и беше предизвикана опасност за животот и здравјето на луѓето од поголеми размери. По анализа на вештачењата во корелација со сите други прибрани докази, јавниот обвинител ќе донесе одлука и во однос на овој предмет.
За настанатиот пожар на депонијата „Дрисла“ до овој момент до Основното јавно обвинителство Скопје не е поднесено известување или кривична пријава од надлежните органи. Сепак, Обвинителството ја следи состојбата и доколку утврди дека со кривично-правни дејства била загрозена животната средина, ОЈО Скопје веднаш ќе постапи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

