Македонија
Проштална средба Османи – Холштајн
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари проштална средба со амбасадорката на Сојузната Република Германија во Скопје, Анке Холштајн.
Министерот Османи изрази особено задоволство од досегашниот ангажман на амбасадорката Холштајн во Република Северна Македонија и нејзиниот придонес во развојот на билатералните односи меѓу двете земји. Двајцата соговорници се согласија дека изминатите 30 години Северна Македонија и Германија остваруваат високо ниво на партнерски односи, кои ги карактеризира пријателство, меѓусебна доверба и почит.
На средбата министерот Османи ја истакна важноста на Берлинскиот процес во поддршката на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан со цел побрзо приклучување кон европското семејство истакнувајќи го притоа значењето на потпишаните договори за време на самитот на лидерите на земјите од Западен Балкан за кои на Северна Македонија ѝ е доверена депозитарната функција.
Амбасадорката Холштајн потврди дека Германија ќе продолжи силно и одлучно да ја поддржува европската иднина на Северна Македонија изразувајќи задоволство од големите надворешнополитички чекори што ги постигна Северна Македонија за почнување на пристапните преговори.
Голем дел од разговорот беше посветен на актуелното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во текот на 2023 година. Безбедносните прашања, руската инвазија врз Украина и последиците со кои европските земји се соочуваат исто така беа предмет на дискусија меѓу двајцата соговорници, кои ја истакнаа важноста на НАТО за зачувување на евро-атлантската безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Охриѓани ги разбуди земјотрес
Земјотрес со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван ноќеска во Охрид и околината. Земјотресот бил со Рихтерова магнитуда од 2,2, а е почувствуван во 03:18 часот.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека епицентарот потекнува од епицентралното подрачје Пештани-Охрид-Струга на околу 105 километри југозападно од Скопје.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да одговори на кое име му е станот во Дубаи?
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека, како што велат, вистинското лице на СДСМ излегува на површина, откако по седумгодишното владеење, кое според партијата било обележано со корупција и уништување на државата и економијата, поранешните функционери ги пренасочиле своите бизниси во една од најбогатите држави во светот – Обединетите Арапски Емирати.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека по долг период на јавно укажување и неколку дена по сведоштвото дека поранешниот премиер Зоран Заев гради 42-катница во Дубаи, стигнала и потврда од претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
На новинарско прашање дали заедно со Заев гради висококатница во Дубаи, Филипче одговорил дека тој не градел, што, според ВМРО-ДПМНЕ, претставува индиректна потврда на нивните тврдења и на сведоштвото на Тома Аврамски дека токму Заев е инвеститорот на 42-катната зграда.
„Признанието дека Филипче не гради, не може да се толкува поинаку освен како официјална потврда дека неговиот ментор, Зоран Заев, го проширил својот бизнис и инвестира во градежништвото во Дубаи“, соопштуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека Филипче сега треба јавно да одговори како се стекнал со таканаречената златна виза во Дубаи, со оглед дека, како што велат, досега не презентирал докази за најавуваниот работен ангажман во тамошни здравствени установи.
„Ако не градел со Заев, на кој начин се стекнал со златна виза?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, отворајќи и дилема дали станот спомнат во сведоштвото на Аврамски е во сопственост на Филипче или истиот бил префрлен на трето лице.
Партијата нагласува дека одговори ѝ должи и јавноста и Зоран Заев, кој, според нив, треба јавно да соопшти како дошол до милионите со кои инвестира и гради облакодери во Дубаи.
„Апелираме да не се одолговлекува, бидејќи вистината, порано или подоцна, секогаш излегува на виделина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Една година затвор за обид да прегази полицаец кој сакал да го легитимира
Четириесет и шестгодишен кавадарчанец е осуден на една година затвор затоа што со автомобил удрил во полициски службеник кој сакал да го легитимира.
На 21 декември по полноќ, со возило „фолксваген“ обвинетиот не запрел на даден знак од полициските службеници, а кога на една од крстосниците во градот бил опколен од две полициски возила за да го запрат, сакал да прегази полициски службеник.
Полицаецот излегол од службениот автомобил за да го легитимира и во тој момент осомничениот се залетал кон него со возилото со голема брзина, го удрил во стомакот и левата нога, а потоа удрил и во полициската кола, по што продолжил да вози. Полицаецот од ударот се здобил со неколку телесни повреди.
Осомничениот бил приведен на 25 декември и следниот ден бил изведен пред судија каде го признал делото. Судот во Кавадарци изрече пресуда со која го огласи за виновен и го осуди на казна затвор од една година, а до правосилност на пресудата одлучи обвинетиот да биде обезбеден со мерка притвор поради опасност од бегство и можноста да го повтори делото.

