Македонија
Пуштена во употреба нова медицинска опрема во болницата во Куманово
Во болницата во Куманово денеска беше пуштена во употреба нова медицинска опрема. Станува збор за ендоскопски столб и видеоларингоскоп, кои наоѓаат примена во интервенции на повеќе типови заболувања.
„Континуирано вложуваме во современа медицинска апаратура, со што обезбедуваме точна и прецизна дијагностика и соодветен третман на пациентите. Ги подобруваме условите во установите, ги зајакнуваме бројноста и капацитетите на здравствените работници. Со ваков влог секојдневно придонесуваме кон унапредување на здравствената заштита на пациентите. Двата нови медицински апарата за Општата болница во Куманово ќе овозможат навремена здравствена заштита за граѓаните на Куманово и попрецизна изведба на интервенциите за кои се наменети ендоскопскиот столб и видеоларингоскопот“, истакна министерот за здравство, Венко Филипче.
Ендоскопски столб се користи за повеќе видови ендоскопски интервенции, како лапароскопски операции на жолчно кесе, но и за гинеколошки лапароскопски интервенции и за артроскопски интервенции кај ортопедски пациенти.
„Новиот столб е пософистициран, со подобра и попрецизна визуализација на телесните шуплини, каде што се врши интервенцијата. Наша придобивка е што истовремено во две операциони сали ќе може да се вршат лапароскопски операции наместо да се чека и еден апарат да се пренесува од една во друга операциона сала“, рече директорката на болницата, Снежана Захариева.
Видеоларингоскопот е наменет за одделот за анестезија и реанимација. Се користи за полесно обезбедување дишен пат кај пациенти под општа анестезија и кај животозагрозувачки пациенти со компромитирано дишење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.
Македонија
Жичницата на Водно не работи поради силен ветер
Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП Скопје преку својата фејсбук страница информира дека жичницата на Водно денеска нема да биде во функција поради засилен ветер.
Јачината на ветерот ги надминува дозволените граници како објектот би функционирал непречено и безбедно., велат од ЈСП.
„Надлежните служби ја следат состојбата на терен и во оној момент кога ќе се создадат соодветни временски услови за работа, жичницата ќе продолжи со непречено превезување на патниците“, велат од претпријатието.

