Македонија
(Видео) Радев: За правата на македонските Бугари не може да се преговара
Бугарија го потврди својот став за почеток на преговорите за Северна Македонија со Европската Унија, Владата мора да го спроведе овој став. Ова го одлучи Советот за национална безбедност на денешниот состанок, јавува „Бгнес“.
„Давањето согласност за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Северна Македонија не треба да биде поврзано со рокови, туку со реални резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари“, ова го изјави претседателот Румен Радев по состанокот.
„Ние никогаш не сме го негирале и не го негираме правото на граѓаните на РСМ да се определат врз основа на сопствената самосвест и да си ги чуваат јазиците во согласност со уставот. Бугарија ја одржува целосната рамноправност на македонските Бугари со другите народи во РСМ. Политиката на дискриминација на македонските Бугари, 120.000 луѓе, неодамна ескалира“, потсети Радев.
„Правата на македонските Бугари се клучна точка во копенхашките критериуми за членство во ЕУ и за кои не може да се преговара“, додаде тој.
„Потребна е сеопфатна и интензивна акција за да се врати довербата и да се засили соработката. Од особена важност се проектите за обезбедување транспортна и дигитална инфраструктура со акцент на Коридорот 8. Тоа ќе му даде поттик на преговарачкиот процес“, нагласи Радев.
Членовите на Советот ги забележаа и досегашните постигнувања. Постои можност за договор во некои области. Решавањето на политичките прашања ќе го забрза напредокот во сите други области, пренесува бугарскиот медиум.
Во новинарскиот извештај предочени се предлозите што се прифатени од страна на Советот:
– При водењето на внатрешната политика на земјата министерскиот Совет да ја запази националната позиција на Бугарија почитувајќи ги барањата од договорот во 2017 година, рамковниот став од 2019 година и декларацијата на 44. Народно собрание;
– Давањето согласност за почеток на преговорите за пристапување на РСМ во ЕУ не треба да биде врзано со рокови, туку со реални резултати, особено во однос на македонските Бугари;
– Извршната власт да продолжи да работи на известување за спроведувањето на договорот од 2017 година во преговарачкиот процес за членство на РСМ во ЕУ;
– Извршна власт да подготви и обезбеди акциски план со мерки за постигнување опиплив напредок во сите области на билатералните односи;
– Извршната власт да им предложи на партнерите на PCM формирање заеднички работни групи во области во согласност со договорот од 2017 година;
– Извршните власти да преземат мерки за забрзување на изградбата на Коридорот 8 заедно со РСМ и Албанија како единствен проект – автопат, железница, енергетско и дигитално поврзување;
– Националното собрание треба да му предложи на законодавното тело на РСМ воспоставување структуриран дијалог меѓу групите за пријателство и парламентарните комисии, со што би се зајакнела довербата и би се поддржал севкупниот процес.
„Бгнес“ потсетува дека Советодавниот совет за национална безбедност свикан од претседателот Румен Радев за прашањето за евроинтеграциите на РС Македонија траеше повеќе од пет и пол часа.
Претседателот смета дека треба да се забрза процесот на европска интеграција на РСМ, но само со почитување на националниот интерес.
Премиерот Кирил Петков сака да ја поттикне соработката меѓу двете земји, особено на полето на економијата. Бугарскиот премиер на 18 јануари ќе замине во Скопје на средба со идниот северномакедонски лидер Димитар Ковачевски, потсетува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите
Со над 40 амандмани ги заштитивме зголемувањата на платите, факти кои денес ССМ ги премолчува, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истите тие кои денес зборуваат за недостиг од социјален дијалог, ги потсетуваме на јануари 2024 година, кога тогашната влада на СДС и ДУИ поднесе пакет закони со кои сакаше суштински да ја смени методологијата за пресметката на платите. Да бидеме целосно прецизни. Со тие законски измени се предвидуваше минималната плата повеќе да не биде дел од формулата за пресметка на платите на административните службеници и покрај тоа што истото беше дел од колективниот договор кој тогаш го потпишаа ССМ и владата на СДС. Тоа ќе значеше дека секое идно зголемување на минималната плата нема автоматски да се одразува врз останатите плати во јавниот сектор. Или да кажеме појасно – прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за работниците“, рече тој.
Дополнително, додаде Стојаноски, последните измени на текстот тогаш не беа ставени ниту на ЕНЕР, а синдикатите тогаш јасно посочија дека првпат се запознале со предлог-законот од веб-страницата на Собранието.
„Немаше вистинска јавна расправа. Немаше суштински социјален дијалог преку Економско-социјалниот совет. Кој реагираше тогаш ? Тогашното раководство на ССМ дојде во Собранието. Заедно со нас, како тогаш опозициска ВМРО-ДПМНЕ, поднесовме амандмани и го спречивме носењето на тој закон. Не дозволивме минималната плата да биде исфрлена од формулата. Не дозволивме платите да станат одвоени од реалниот раст на минималната плата. Токму затоа денеска платите растат секогаш кога расте минималната плата“, рече пратеникот.
Стојаноски вели дека еден од тие суштински амандмани бил токму предлог на ССМ – минималната плата и понатаму да биде дел од пресметката, со што линеарно би се зголемувале и другите примања.
„Затоа прашањето денес е едноставно: Зошто се премолчува што се случуваше во 2024 година? Зошто денес Трендафилов не го кажува тоа? Зошто не се кажува дека токму со заедничка акција го заштитивме принципот минималната плата да остане основа за пресметка? Ние тогаш не дозволивме набрзина, со европско знаменце и скратена постапка, да се протне решение што ќе ги чини работниците. Денес, како власт, продолжуваме да го почитуваме истиот принцип – системски, институционално и со јасни правила“, рече Стојаноски.
Македонија
(Фото) Изгореа викендица и куќа, се запали оџак: три интервенции на струмичките пожарникари
Струмичките пожарникари денеска уште во раните утрински часови имаа три интервенции.
Во 06.55 часот, во излетничката населба Суви Лаки, запалена викендица, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители и ТППЕ Берово со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.
Во 08.12 часот, на улица Бетовенова, запалена куќа, интервенирано со три противпожарни возила и 8 пожарникари-спасители.

Во 09.48 часот, во село Муртино, запален оџак, интервенирано со едно противпожарно возило и 4 пожарникари-спасители.

„Во случај на пожар или друга природна непогода повикај 112 или 193“, апелираат струмичките пожарникари.
Македонија
Хоџа-Јаупај: Јакнење на координираната заштита на прекуграничните подрачја
Во рамки на Министерскиот форум за Коридор 8 во Тирана, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се сретна со министерот за животна средина на Албанија, Софјан Јаупај.
Министерот Хоџа на средбата ја истакнал важноста од заедничка координација во заштитата на прекуграничните подрачја и во спроведувањето на европските стандарди за зачувување на биодиверзитетот и справување со климатските предизвици.
Тој нагласил дека регионалната соработка е клучна за обезбедување одржлив развој и за забрзување на европската интеграција на земјите од регионот.
„На средбата се разговараше за зајакнување на соработката меѓу двете земји во областа на заштитата на животната средина, управувањето со природните ресурси, третманот на отпадот, како и за унапредување на заедничките проекти во рамки на европската зелена агенда. Министерот Јаупај изрази подготвеност за продлабочување на институционалното партнерство и за реализација на конкретни иницијативи што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животната средина и животот на граѓаните во двете земји“, соопшти Министерството.
Двајцата министри се согласиле соработката да се интензивира преку размена на искуства, заеднички проекти и координација во регионални и меѓународни форуми, со цел заштита на животната средина и промоција на одржлив развој во регионот.

