Македонија
Радика урна мост, затворен патот Охрид – Ресен, има и пренасочување на сообраќајот
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Поради зголемено ниво на вода на реката Радика, од 16.12.2022 урнат е мостот што води кон селата Нистрово, Бибај, Тануше, Грекај и Нивиште (општина Маврово и Ростуше).
СЕЗОНСКИ РЕЖИМ НА СООБРАЌАЈ: патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица е затворен за сообраќај од 1.11.2022 за сите видови возила.
Почнувајќи од 6.3.2023, на автопатот А1, делница Петровец – Катланово, почнуваат градежни активности поради што има изменет режим на движење на возилата. Сообраќајот се одвива непречено и се препорачува внимателно пристапување.
Според информација од „ДГТ Жикол“, поради изведување градежни работи на државниот пат А2, делница Миладиновци – Хиподром, сообраќајот на автопатот ќе се одвива според привремен режим.
Поради изведување работи на експресниот пат од Градско до Дреново, на државниот пат А1, делница Велес – Неготино, ќе се применува привремена измена на режим на сообраќај. Привремениот режим ќе се применува во двата правци на автопат Е-75. Сообраќајот ќе се одвива непречено, со брзина од V=80km/h во зона на градилиште. Режимот ќе се применува сè до целосна изградба на новата клучка Градско.
Од 3.11.2022 почнуваат градежни работи на државниот пат А4, делница Блаце – Скопје. Градежните работи почнуваат со комплетно затворање од 11 + 056 км до 12 + 369 км и пренасочување на сообраќајот по околната сообраќајна мрежа.
ГП „Илинден“ – Струга известува дека на патниот правец Кичево – Охрид, на делницата од с. Требеништа – Охрид, од 13.10.2022 се воведува изменет режим на сообраќај. На учесниците во сообраќајот им се препорачува да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да ја приспособат брзината кон условите на патот.
На регионалниот пат Р1102, односно делница Велес – Градскo, поради изведување градежни работи, наведената делница ќе биде затворена за сообраќај од 28.9.2022 година во наредните 9 месеци и сообраќајот ќе се одвива во согласност со одобрениот привремен режим на сообраќај.
СТРАБАГ АГ известува: Врз основа на одобрение за привремена измена на режим на сообраќај на државниот пат А1 – делница Велес – Неготино, издадено од Министерство за транспорт и врски со број 11-уп-46/4, од 21.7.2022 година, кое се однесува за изградба на новата клучка Градско (како дел од автопатот А1), на гореспоменатата делница ќе се изведуваат градежни работи и во следните 12 месеци, а ќе се применува привремената измена на режим на сообраќај.
Привремениот режим ќе се применува во двата правци на автопатот Е-75 во зоната на изградба на новата клучка Градско, и тоа во правец кон граничниот премин Богородица и во правец кон граничниот премин Табановце. Сообраќајот ќе се одвива на возната сообраќајна лента, а нема да може да се вози на сообраќајната лента за престигнување.
ГД „Гранит“ АД Скопје известува дека во согласност со издаденото одобрение за привремен режим на сообраќај за време изведба на автопатот А4, делница ГП Блаце – Скопје (клучка Стенковец), подделница 1 – проширување постоен пат А4 од ГП Блаце до с. Блаце до ниво на автопат и изградба на дел од автопат со клучка за поврзување со локален пат до с. Блаце, на 2 км пред граничниот премин Блаце, од 17.6.2022 година на местото на изведување на градежните работи се одвива дополнителен привремен двонасочен режим на сообраќај со поставена соодветна сообраќајна сигнализација. Сообраќајот се одвива континуирано без застој. Препорака до возачите за приспособена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Според информација од Друштвото за градежништво „Пелагонија“ АД Гостивар, од 5.4.2022 се изведуваат градежни активности за санација на свлечишта на км 19+500 (кај село Глобочица) и 24+000 (кај село Луково) на регионалниот пат Р1201 делница Струга – Дебар. Сообраќајот се одвива наизменично и е регулиран со семафори.
„Стентон градба“ ДОО известува за привремена измена на режим на сообраќај на државен пат крак А1, делница Градско – Прилеп (Фариш – Прилеп), поточно по мостот на р. Раец кон Плетвар, поради градежни активности од 2.3.2022 година, во врска со проектот за рехабилитација на државниот пат А1, делница Фариш – Прилеп, и ќе трае во наредните 12 месеци. Поради изведување на градежните работи, ќе има пренасочување на сообраќајот по две коловозни ленти, возачите треба да ја следат поставената патна сигнализација и да возат со намалена брзина при поминување на работната делница.
На патниот правец А2 Кичево – Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација и затоа препорачуваме строго почитување и приспособена брзина на движење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

