Македонија
Размена на искуства и предизвици на патот кон ЕУ во фокусот на средбата на Муртезани со турските експерти
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска беше домаќин на дипломатска делегација на Турција во рамките на состанокот за споделување искуства во процесот на европската интеграција. Во својот поздравен говор министерот Муртезани нагласи дека продлабочената соработка со Турција е од големо значење за Северна Македонија, особено во поглед на институционалното зајакнување, усогласувањето со европските стандарди и подобрувањето на капацитетите за управување со европските фондови.
„Оваа средба е доказ за силната и трајна врска помеѓу Турција и Северна Македонија. Како што веќе нагласив за време на мојата неодамнешна посета на Анкара, нашето партнерство е длабоко вкоренето во историјата, но истовремено е и насочено кон иднината, изградено врз заеднички аспирации и заеднички цели. Денешните дискусии претставуваат уште еден чекор кон учење од меѓусебните искуства“, истакна Муртезани.
Состанокот беше фокусиран на неколку клучни теми и панели, на кои претставници од двете делегации споделија свои согледувања и експертиза. На првиот панел турската страна ги претстави своите искуства од пристапниот процес, со посебен фокус на институционалната структура, механизмите за преговарање и главните предизвици што ги надминале во текот на годините. Експертите од Министерството за европски прашања на Северна Македонија, пак, говореа за тековниот статус на евроинтеграциите на земјата и приоритетите што претстојат во наредниот период.
Во рамките на вториот панел се дискутира за подготовка на националната верзија на правото на ЕУ, при што експерти од двете страни ги претставија своите организациски структури, процедурите за превод и координација, правната и стручната ревизија на преведените акти и создавањето терминолошки бази, што се клучни за прецизно и доследно пренесување на правото на Европската Унија во националниот правен систем.
Третиот панел беше посветен на финансиската соработка со ЕУ и користењето на ИПА-фондовите. Македонската и турската страна ги презентираа своите искуства во програмирањето, спроведувањето и следењето на европските фондови, со посебен акцент на механизмите за ефикасно управување со средствата и осигурување на нивната максимална искористеност.
Последниот панел се фокусира на прекуграничната и регионалната соработка, при што беа разгледани можностите за заеднички проекти во рамките на европските програми. Двете страни ја истакнаа важноста на ваквите иницијативи за поттикнување на економскиот развој, инфраструктурната поврзаност и градењето посилни односи меѓу институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР потврди: Уапсен Артан Груби
На граничниот премин „Блаце“, припадници на Министерство за внатрешни работи го уапсија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, велат од МВР.
Груби се товари за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата

