Македонија
Рауфи: Вештачењето на оружјето во случајот „Монструм“ е монтирано од МВР

Денеска бевме сведоци дека случајот „Монструм“ не е монтиран од страна на МВР само со заштитениот сведок и автомобилот, туку и со извршеното вештачење за земјата и оружјето кое било користено кај Смилковско Езеро, рече адвокатот на обвинетите, Насер Рауфи.
Тој истакна дека сомнително е тоа што доставените примероци за вештачење, односно чаурите не се знае кој ги однел на вештачење во МВР, со што се јавува сомнеж дека за една од чаурите пронајдена во Белимбегово, за кои вештаците тврдат дека одговара на оние од Смилковско Езеро, е подметната помеѓу останатите.
„На сликата со број 13, каде има три чаури на едно место, не е возможно две да не одговараат со оние од Смилковско Езеро, а една да одговора. Тука се јавува сомнеж дека таа една чаура е извадена од депото на МВР и вметната со останатите“, рече Рауфи.
На денешното рочиште за „Монструм“ вештаци од МВР ги изнесоа наодите од вештачењето од земјата кај Смилковско и оружјето што наводно било користено при петкратното убиство.
Наредното рочиште е закажано за 26 октомври каде случајот ќе продолжи со доказна постапка со наодите од останатите вештаци.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дали Македонија станува „третата српска република“, прашуваат од ДУИ

Демократската унија за интеграција е загрижена и алармира до јавноста дека Северна Македонија се соочува со отворена офанзива на злогласниот проект „Српски свет“.
„Овој проект сè почесто се манифестира на официјален начин, со присуство и, за жал, со благослов на државни претставници на нашата земја.
По прославите во Битола, каде високата делегација на Србија заедно со министри и претставници на нашата Влада под превезот на „Солунскиот фронт“ го чествуваа српското окупирање на нашите територии, на 7 септември 2025 година на Кајмакчалан ја слушнавме и скандалозната изјава на српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ, кој зборуваше за „патот на слободата“ и „враќањето во татковината“ на српската војска на територијата на Македонија“.
Присуството на нашите институции во вакви сценарија, свелат од ДУИ, претставува не само тежок историски и политички провокациски чин, туку и обид за релативизирање на суверенитетот на нашата држава, претставувајќи ја Северна Македонија како „третата српска република“.
„Тоа е неприфатливо. Тоа е директна закана за идентитетот, државната стабилност и евроатлантската ориентација на земјата“.
ДУИ нагласува, проектот „Српски свет“ е непријателски кон Северна Македонија.
„Рамковниот договор, меѓуетничката кохезија и нашиот неповратен пат кон Европската Унија се единствената гаранција за сигурна иднина. Секој обид за поткопување на овие вредности ќе се соочи со нашето решително и бескомпромисно противење.
Северна Македонија не е, и никогаш нема да стане „третата српска република“.
Македонија
„Очигледен е стравот на Мицкоски од содржината на документите што треба да ја докажат неговата приказна за наводно следење“, велат од СДСМ

„Случајот со АНБ кој го спремаа за пред избори и требаше да биде некакво оружје против СДСМ, но им испукна како бомба во раката. Власта бега од декласификација на документите и се плаши јавноста да ја дознае вистината“, велат од СДСМ.
„Очигледен е стравот на премиерот Христијан Мицкоски од содржината на документите што треба да ја докажат неговата приказна за наводно следење.
Декласификацијата ќе открие сè, дали и кој бил следен, кој со кого соработувал, за какви цели, што се крие од јавноста, но и зошто на овој начин ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја манипулира јавноста.
Клучното прашање е зошто Мицкоски се плаши сè да се дознае?
Дали станува збор за: соработка на Мицкоски со странски служби, за комуникација со руски агентури, за нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ?
Дополнително, ако власта тврди дека СДСМ прислушувала, зошто тогаш бега од декласификација? Ете нека ги декласифицираат документите и нека се дознае сè.
СДСМ не се плаши и нема што да крие. Декласификација јасно ќе покаже сè и кој треба да одговара, но и која е виситната позади случајот. Толклу ли многу се плашите од вистината“, прашува СДСМ преку соопштението.
Македонија
„Обвинителството да се произнесе за случајот ‘Рекет 2’ и да ги открие сите вмешани, Коцевски да не го прикрива случајот“, бара ВМРО-ДПМНЕ

„ЈО и Коцевски повеќе од година и пол не покренале ниту една постапка против поранешни функционери иако постојат индиции и сомнежи за огромен криминал и корупција. Јавноста има право да знае што се случува со случајот Рекет 2 и зошто јавниот обвинител Коцевски се уште го прикрива“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Коцевски да не молчи за случајот Рекет 2 во кој се вплеткани поранешните од СЈО, Катица Јанева, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми и се шпекулира дека имаат рекетирано познат скопски бизнисмен.
Граѓаните имаат право да знаат кој бил рекетиран?
Во кој временски период се случувале овие настани?
Кои се причините и за колку средства овие тројца сакале да го изрекетираат бизнисменот?
Дали е вплеткан и познат скопски адвокат и како одела шемата на рекетот? Дали се вмешани и поранешни функционери од СДС и од ДУИ?
ЈО и Коцевски да го расчистат случајот, правда и одговорност мора да има“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.